ФОТО+ВИДЕО | ВО ЖИВО: Сите информации за тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

Запалениот македонски автобус во Бугарија
Запалениот македонски автобус во Бугарија / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Во вторникот рано утрото во Бугарија на 70 километри од Софија се случи тешка сообраќајна несреќа во која изгоре туристички автобус. Во несреќата загинаа 45 патници, а седуммина се полесно повредени и се сместени в болница.

Според изјавите на преживеаните, пред да се случи несреќата се слушнала експлозија. Причините за несреќата ќе ги утврдат форензичките испитувања на бугарските истражители.

Македонски автобус Бугарија
Запалениот македонски автобус во Бугарија / Фото EPA-EFE/VASSIL

13.07 ч. Синот на вториот возач на автобусот за БНТ открива: Татко ми спиеше во кабината, бев во Софија и го препознав телото

Репортерите на Бугарската национална телевизија БНТ го пронајдоа синот на вториот возач на автобусот кој во моментот на трагичната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ спиел во специјалната кабина за одмор на возачите, во средишниот дел на автобусот.

Телевизијата открива дека Кадрим Мемеди е името на вториот возач, а неговиот син Бесар ексклузивно за БНТ изјави дека телото на неговиот татко било пронајдено во кабината за спиење. Не возел, но не е потврдено. Синот бил во Бугарија за да го препознае телото и се вратил дома.

Кадрим Мемеди
Кадрим Мемеди со репортерот на БНТ / Фото: Бугарска национална телевизија

11.33 ч. Бугарско МВР: Уапсен маж за недолични коментари на Фејсбук за автобуската несреќа

Полицијата привела 24-годишен маж, кој објавувал коментари на Фејсбук, поврзани со трагичната несреќа со патничкиот автобус на автопатот „Струма“, некомпатибилни со моралните и етичките норми, соопштиле од бугарското МВР.

Лицето кое е приведено во Софија од службеници на Генералната дирекција за борба против организираниот криминал по добиен сигнал, имало криминално досие.

11.03 ч. Директорот на судска медицина контра бугарските обвинители: Видов 44 целосни тела и делови од 45 тело

Директорот на институтот за судска медицина доктор Александар Станков во телефонска изјава за „Слободен печат“ вели дека завршени се 44 обдукции на целосни тела, но и делови од 45 тело. Станков децидно тврди дека видел делови од 45-то тело.

Неговото тврдење е спротивно на тврдењето на бугарското обвинителство дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, а дека 8 лица с еспасиле од несреќата.

10.51 ч. Хипотези за осмиот патник: Ова се сомнежите на бугарските истражители за спасениот од автобусот кого го нема

Портпаролот на главниот обвинител Сијка Милева рече дека при нејзиниот разговор со еден од преживеаните, рекол дека се спасени 8 лица, а не 7. Во исто време, на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Затоа, истражителите ја тестираат хипотезата дали има уште еден преживеан и каде е тој.

– Разговарав со момчето кое го скрши стаклото во задниот дел од автобусот, тој ми рече дека се спасиле осум патници. Прашав, нели се седум. Рече, не, точно избројав, осум бевме спасени. Ние избројавме 44 тела на загинати патници. Загатка е каде е едно лице, рече портпаролката на бугарското Обвинителство Сијка Милева на денешната прес-конференција на бугарскиот главен обвинител и негови истражители.

10.45 ч. Град Скопје ќе додели два милиона денари за семејствата на загинатите од Скопје во автобуската несреќа

Град Скопје ќе додели два милиона денари за семејствата на загинатите од Скопје во автобуската несреќа пред два дена во Бугарија.

На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје на својата наредна седница ќе одлучува за доделување парична помош во знак на солидарност кон семејствата и почит кон настраданите.

10.31 ч. Бугарско обвинителство: На местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, спасени се 8, но едниот го нема

Човечката грешка е водечката и главна верзија на трагедијата на автопатот „Струма“. Ова на брифинг го изјави бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.

– Верзијата за терористички чин е правилно истражена од наша страна. Ние категорично ја отфрламе, рече заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов за време на брифингот.

10.24 ч. Сарафов: Загинатите починале како последица на задушување од пожарот

Аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата, изјави на денешната прес-конференција бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.

Сарафов посочи дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење.

9.40 ч. Хоспитализираните во „Пирогов” се во стабилна состојба, еден денеска ќе биде опериран

Сите пациенти повредени во автобуската несреќа на автопатот Струма се во стабилна општа состојба, и нема опасност по нивните животи, соопшти денеска болницата „Пирогов”.

Вчера беа оперирани двајца пациенти кои исто така се во добра општа состојба. Повредените кои биле на интензивна нега денеска се пренесени на одделението на Клиниката за изгореници и пластична хирургија. Едно од повредените лица денеска треба да биде оперирано.

9.35 ч. Заврши обдукцијата на загинатите во трагичната несреќа, 45 лица се чека да бидат идентификувани

Обдукцијата на 45-те жртви од трагичната несреќа која пред два дена се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија заврши, потврдува за „Слободен печат“ директорот на Институтот за судска медицина, доктор Александар Станков. Тој заедно со двајца колеги од Скопје, им асистираа на бугарските вештаци во вршењето на обдукциите.

– Завршија сите 45 обдукции. Не е пристигнат уште ДНК материјалот од Скопје за да се направи споредба. Идентификацијата на жртвите уште не е завршена, а откако тоа ќе се заврши, државата ќе го организира транспортот за враќање во земјата, ни рече доктор Станков.

9.00 ч. Главниот бугарски обвинител доаѓа во Скопје да ги преземе ДНК примероците за идентификација на жртвите

Главниот бугарски обвинител Иван Гешев во придружба на истражитела денеска ќе дојде во Скопје за лично да поднесе барање за правна помош до Обвинителството во Северна Македонија. Бугарските обвинители треба да добијат ДНК профили од роднини на загинатите во автобуската несреќа заради идентификација на жртвите.

Како што јавува дописникот на МИА од Софија, денеска Бугарското обвинителство треба да објави нови информации за трагедијата.

8.56 ч. ВИДЕО | Јорданова Пешевска: Несреќа е нешто што не може да се превенира, ние имаме незгода, а незгодите може да се превенираат

Сега живееме со последиците од несреќата што се случи пред два дена, со правните и општествените последици. Но, во првите денови на шок не доаѓа ред да се сетиме, а можби тоа е најважното – на справувањето со посттрауматскиот стрес. Имавме трауматична ситуација во училиштето во Чаир каде учеа повеќе од загинатите деца.

– Сочувство за семејствата и пријателите на жртвите, голема е загубата, ова е загуба од национални размери. Колегите од Бугарија на преживеаните жртви им пружиле психолошка помош што е многу добро. Има неколку паралелни состојби. Прво е психолошкиот шок на оние кои учествувале во несреќата и се сѐ уште несвесни што се случи. Ако не им се пружи навремена психолошка помош, подоцна може да случи да имаат навраќање на трауматичното искуство. Втор сегмент е како камче фрлено во вода. Би го повикала Министерството за здравство да реагира кај семејствата на загинатите. Пошироките семејства се исто така засегнати како и кругот на пријатели и феноменот на смртта кој се појавува во училиштата. Со децата треба да се поразговара за оваа тема. Разбрав дека некои училишта колегите психолози веќе почнале да разговараат со децата, вели вели Димитринка Јорданова Пешевска, психолог и шеф на катедрата за психологија на Унивезитетот Американ колеџ, експерт по здравствена психологија, која работела во СЗО на проблеми кои адресираат вакви ситуации.

8.50 ч. ВИДЕО | Превозник од Бугарија: Апсурдно е како автобусот изгорел за толку кратко време

Сопственикот на една од најголемите транспортни компании во Хасково, Себахтин Исмаил за бугарскиот портал „Хасково“ појаснува дека при автобуската несреќа во која загинаа 45 патници, се случило нешто чудно бидејќи, според него, невозможно е таков автобус да изгори за толку кратко време.

Исмаил тврди дека сите автобуси произведени по 2018 година, а посебно од марката „мерцедес“, имаат вградени сигурносни системи, кои вклучуваат и противпожарна инсталација.

– Во случај на пожар автобусите од новата генерација се направени сами да се гасат – се блокира од сообраќај, се активираат сопирачките и автоматски се отвораат вратите. Опремен е со надворешни камери кои сè фотографираат на патот, вклучувајќи ги и знаците. Ако возачот почне да заспива поради некоја причина, на пример, тој заспива, неговото седиште почнува да вибрира и самото возило реагира и се враќа во вистинската насока, објаснува тој.

8.25 ч. Јовески: Тезата за тубите е шпекулација, бугарските обвинители работат на истрагата

Македонските власти земаат биолошки материјал од роднините за ДНК анализи. Тезата за тубите е шпекулација, бугарските обвинители работат на истрагата, изјави за БТВ државниот обвинител на Република Северна Македонија Лубомир Јовески и објасни дека при увидот на опожарениот автобус на автопатот Струма, видел пластични туби кои не изгореле.

Јовески објасни дека во моментов се зема биолошки материјал од роднините на загинатите во С Македонија за да се направат ДНК тестови и да се идентификуваат телата. Тој рече дека македонското обвинителство ќе се активира дури откако случајот ќе биде истражен од бугарските обвинители, бидејќи тие нема да најдат ништо паралелно.

7.52 ч. Еднаш патував со „Беса транс“ и никогаш повеќе, раскажува атлетичарката Дрита Ислами

„Најпрвин, сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите“, ја почнува атлетичарката Дрита Ислами својата приказна за искуството со патувањето со агенцијата „Беса турс“ кон Бугарија. „Чувствувам потреба да ги споделам ова лошо искуство, затоа што се работи се за истата агенција што уби 45 луѓе на истото место, во Бугарија“, вели таа.

– Во 2019 година, кога требаше да одам на Софискиот аеродром, купив билет од оваа иста компанија. Нивното возило беше запрено од полицијата за технички преглед. Полицијата го запрела уште двапати истата недела но некако го пуштила, но овој пат НЕ. Заедно со петмина други патници, бевме сведоци дека тоа возило на компанијата не го помина тестот за кочење. Рачната кочница воопшто не работеше!, раскажува нашата најдобра атлетичарка за порталот Алмакос.

——————————— 24.11.2021 ———————————

22:17 ч. Двајца цариници и раководител ќе одговараат, не го евидентирале излезот на автобусот од државата

Царинската управа вечерва соопшти дека по извршените проверки, утврдено е дека не било воопшто евидентирано дека автобусот на „Беса транс“, кој изгоре на автопат во Бугарија, ја напуштил државата. Двајца цариници се суспендирани поради неправилно постапување.

„Во врска со информациите изнесени во јавноста во однос на надлежностите на Царинската управа на Република Северна Македонија при контрола на влез и излез на возила и превозници кои вршат меѓународен слободен превоз на патници, како и за постапувањето по конкретниот случај, ве информираме за следното:

Согласно член 49 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на слободен превоз на патници во меѓународниот патен сообраќај, во зависност од видот на превозот, превозникот мора да има: извод од лиценца, патен налог во оригинал, евидентен лист за превоз на патници, договор склучен меѓу превозникот и нарачувачот на услугата и правилно и точно пополнет патен лист на пропишан образец, потпишан и заверен од превозникот и заверен од надлежните царински служби.

Врз основа на овие приложени документи, Царинската управа електронски го евидентира превозот и тоа на влез или излез при првото и при второто преминување на возилото преку граничниот премин на Република Северна Македонија, во зависност од релацијата на превозот.

За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува.

Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници електронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентниот лист за превоз на патници.

За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“, се вели во соопштението од Царинската управа.

20:33 ч. „Беса транс“: Не сме шверцувале нафта и петарди

Агенцијата „Беса транс“ преку соопштение негира дека во нејзиниот автобус кој вчера изгоре на автопат во Бугарија се превезувале резерви со нафта или други горива, а немало ниту пиротехнички материјали. Велат дека само истрагата може да ги даде точните информации за несреќата.

„Како агенција ја известуваме јавноста, како и семејствата на трагично загинатите дека автобусите во никој случај немале никаков багаж со нафта или пиротехника. Ова се шпекулации од страна на оние кои сакаат да ја искористат оваа трагедија. Целосниот капацитет на автобусот бил 450 до 500 литри нафта, само за користење за потребите на автобусот. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации со кои уште повеќе ги повредуваат семејствата“, велат од „Беса транс“.

Реакцијата на компанијата доаѓа откако дел од бугарските медиуми објавија, а македонските пренесоа, дека во автобусот имало туби со нафта, поради кое возилото изгорело многу брзо, а се започнало од предниот дел.

18:51 ч. Министерството за транспорт ѝ ја одзеде лиценцата на „Беса транс“

Автобусот на „Беса транс“ во кој загинаа 45 луѓе, а седуммина беа повредени во страотната сообраќајна несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, немал извод од лиценца за вршење меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници. Возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци поради што на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејност, информира Министерството за транспорт и врски.

– По официјално доставените податоци од Министерството за внатрешни работи, а во однос на опожареното возило со регистарски број SK-0284-BA во сопственост на фирмата „Беса Транс БТБ“, кое учествуваше во сообраќајната несреќа со трагични последици во Република Бугарија, Министерството за транспорт и врски утврди дека за споменатото возило нема издадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници. Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски, соопшти ресорното Министерство.

Притоа во соопштението се напоменува дека Министерството за транспорт и врски има регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса Транс БТБ“, а возилото кое учествуваше во несреќата не е меѓу нив.

– Согласно член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, а поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски, а воедно и со цел да се превенира какво било друго дејство од страна на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици, на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност. Притоа, фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски, велат од Министерството.

Дополнително, додаваат, Владата на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на превозникот „Беса Транс БТБ“.

-Министерството за транспорт и врски е во целосна координација со останатите државни институции и стои на располагање со целокупната база на податоци, нагласуваат од Министерството.

17:30 ч. Обвинител и истражител од Бугарија доаѓаат во земјава за да земат ДНК од семејствата на загинатите на автопатот „Струма”

Екипа од шестмина истражители од бугарската национална истражна служба и тројца обвинители од Окружното обвинителство во Перник ќе работат на предистражната постапка за тешката сообраќајна несреќа на автопатот „Струма”, во која загинаа 45 граѓани на Република Северна Македонија.

Ова за „24 Часа” го соопшти Сијка Милева, портпарол на јавниот обвинител на Бугарија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова се должи на меѓународниот аспект на случајот, при што обвинителите од Меѓународниот оддел при Врховното обвинителство на Бугарија дале целосна помош и координација во врска со испраќањето барање за правна помош.

Во рамките на меѓународната правна соработка, прецизирани се најкратките можни рокови за доставување на потребните документи. Во оваа насока, главниот обвинител од Бугарија Иван Гешев ќе испрати до Скопје обвинител и истражител од тимот, кои ќе го достават барањето за правна помош до Обвинителството на Република Северна Македонија. Со оглед на брзината и ефикасноста, тимот лично ќе ги добие потребните документи, додаде Милева.

За да се идентификуваат загинатите македонски државјани, бугарскиот тим ќе добие и ДНК-профили на роднините на жртвите за да ги спореди со ДНК-профилите на жртвите за што поскоро да ги идентификува, додаде таа. Веќе е создадена потребната организација за брза и ефективна истрага, има поделба на работата по посебни ресори.

Главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев е во постојана комуникација со главниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески. Обвинителството на Република Бугарија работи на утврдување на причините за тешката несреќа, како и на брзо идентификување на телата на загинатите македонските државјани.

16:36 ч. Османи: Идентификацијата ќе трае најмалку една недела, истрагата е приоритет за бугарското Обвинителство

Истрагата за автобуската несреќа има врвен приоритет кај бугарското Обвинителство и се работи на тоа што побрзо да излезат со резултати од самата истрага, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата во Софија со бугарскиот главен обвинител надлежен за истрагата, додавајќи дека шпекулациите во врска со овој случај не помагаат во истражната постапка.

Османи во изјава за медиумите нагласи дека на средбата со обвинителот станало збор за деталите околу идентификацијата и било договорено да се забрза постапката за собирање на биолошки материјал од роднините на починатите во Скопје, постапка која што МНР веќе ја прави и очекува да се заокружи со цел да почне процесот, во кој активно се вклучени и нашите експерти. Самата постака на идентификација на загинатите, посочи шефот на дипломатијата, се очекува да трае најмалку седум дена.

– Процесот на идентификација врз основа на ДНК материјали ќе трае седум дена и тоа е важно за семејствата, важно е за државата во доменот на планирањето. Сакам уште еднаш да им се извинам на семејствата што не можевме да им дадеме и се уште не можеме да им дадеме индивидуални информации по однос на починатите, бидејќи мораме да го почекаме процесот на идентификацијата. Но, ги замолив денеска да се вратат во Скопје, бидејќи сепак ќе треба седум дена најмалку за да се заврши тој процес. И откако ќе заврши идентификацијата на сите тела, тогаш МНР, односно државата, ќе ги преземе телата и ќе организира транспорт со погребални возила во Скопје и потоа од Скопје ќе можат да ги подигнат семејствата, рече Османи пред влезот на Главниот суд во Софија.

На средбата со истражниот обвинител станало збор и за истрагата за автобуската несреќа, но и за шпекулациите коишто ги има во јавноста. При тоа било нагласено дека шпекулациите не помагаат на истрагата, дека се штетни, неточни и дека не се произлезени на никој начин од страна на самата истрага и од обвинителите, туку дека допрва ќе треба тој процес да заврши.

– Во оваа фаза не можам да споделам се, меѓутоа е важно дека шпекулации е коишто ги има во јавноста се неточни, дека не треба да се продолжи со овој тренд на шпекулирање во однос на причините, бидејќи ја влошува и така тешката емоционална состојба на семејствата, меѓутоа и ја одлага самата истрага, рече Османи прашан да сподели детали од разговворот за несреќата.

Извршен е разговор и со преживеаните коишто се во болницата, а во истрагата се вклучени и нашите обвинители кои вчера биле на самото место, а во текот на денот разменувале информации и ќе продолжат да разменуваат.

– Добив впечаток дека е даден врвен приоритет овде во Обвинителството во Бугарија на оваа истрага и дека сериозно се зафатени што побрзо да излезат со резултати, затоа што и тие се свесни прво, колку е важно брзо да заврши идентификацијата, телата да бидат предадени на семејствата и второ – да се дадат конечните анализи за самата истрага, рече Османи.

Од страна на бугарското Јавно обвинителство е побарано разбирање, бидејќи овој процес е сложен и мора да биде соодветно процесуиран за да може резултатите да бидат објективни, појасни шефот на македонската дипломатија.

Според шефот на дипломатијата, ДНК анализата ќе се врши во Бугарија, но се работи на тоа дел од примероците се земаат од секој починат и во Скопје за дополнителна истрага.

– Институциите се во блиска комуникација, во отворена соработка, ги разменуваат сите податоци по однос на оваа трагедија, додаде Османи.

Тој информира дека посетата е дозволена на дел од повредените кои се хоспитализирани во болницата во Софија, но не и на оние кои биле подложени на оперативен зафат, што претставува исклучок, бидејќи поради ковид-пандемијата во Бугарија има забрана за посета во болниците.

16:19 ч. Општина Студеничани одржа итна седница, ќе им додели парична помош на семејствата на жртвите

Советот на општина Студеничани денеска одржа итна седница поради трагедијата што се случи вчера во Бугарија. Oпштина Студеничани беше најпогодена од оваа трагедија – вкупно дваесет нејзини жители го загубија животот, а четворица преживеаја и се надвор од животна опасност.

Во име на Советот и во име на градоначалникот г-дин Азем Садики, општината во објава на Фејсбук уште еднаш изрази најдлабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски во вчерашната несреќа во Бугарија.

Советот на општина Студеничани на денешната седница донесе одлука за распределба на парична помош на семејствата на загинатите во трагичната несреќа што се случи завчера во Бугарија, во знак на солидарност со нивните семејства, велат од општината.

Исто така, Советот на општината ги охрабри надлежните органи да ја продолжат истрагата до крај за целосно расчистување на случајот.
Советот на општината формираше и комисија со двајца претставници од Советот на општината и еден вработен од општинската администрација, кои ќе одлучуваат за распределбата на овие средства, да бидат во контакт со нивните семејства и за каква било друга помош.

Се надеваме дека со овој наш денешен чин ќе придонесеме во ублажување на болката на членовите на семејството кои ги загубија своите роднини во трагичната несреќа, велат од Општина Студеничани.

15:45 ч: Царината на „Деве Баир“ ќе истражува кој го пропуштил автобусот без лиценца

Од утрово царината прави внатрешна контрола за тоа кој го пропуштил автобусот на „Беса транс“ кој бил без лиценца на граничниот премин „Деве Баир“.

Од рано утрово, Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин,  велат од Царина.

14:47 ч: Истрагата за изгорениот автобус ќе трае најмалку шест месеци: Причините за несреќата ќе се откријат, виновниците потешко

Шест месеци ќе трае истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници од Македонија, а седум лица се повредени откако македонски автобус на компанијата „Беса транс“ се запали на магистралниот пат „Струма“, велат бугарските експерти за тамошните медиуми. Тие сметаат дека причините за несреќата ќе се кажат наскоро, но не и кои се виновниците.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

13:04 ч: Потресно сведочење на тинејџерката Зулејха: Ме разбудија врисоци и пискање, пробав да го скршам прозорецот…не успеав, кога се разбудив бев падната надвор

Зулејха Јашаровска е 16- годишното девојче кое ја преживеа кобната автобуска несреќа на автопатот Струма во вторникот рано утрото кога загинаа 46 патници, меѓу кои 12 деца, кој од Истанбул се враќал кон Скопје.

-Нешто паметам, нешто не, вели таа од болничкиот кревет во болницата Пирогов во Софија каде по несреќата е на лекување заедно со уште шест патници кои ја преживеаја несреќата.

12.16 ч. Наставничката на Аниса од Студеничани: Една клупа во нашата училница ќе остане празна засекогаш

„Слободен печат“ поразговара со една од наставничките на Аниса. Таа ја опиша Аниса како добра и примерна ученичка, а низ солзи зборуваше и за нејзината колешка Фикрије.

– Пред да замине за Турција, Аниса ми рече: „Ќе одам во Турција, почекајте да дојдам“. Имавме роденден за славење. Ја чекавме, пријателите ја чекаа, но таа не дојде. Дојде црната вест дека повеќе нема да биде меѓу нас. Мојата колешка, сега починатата, Фикрије често ми велеше: „Аниса ќе личи на тебе, ќе стане како тебе, ќе се облекува како тебе, ќе стане учителка…“. Нејзините соученици ме пречека со наведната глава, слушнаа за веста, и за Аниса, но чекаа јас да им кажам. Една клупа во нашата училница ќе остане празна засекогаш, но ние ќе ја чуваме Аниса во нашите срца насмеана, како што беше, вели за „Слободен печат“, наставничката на Аниса, Мимоза Мустафаи која во ова училиште предава албански јазик и литература.

Вработените во општина Студеничани го загубија и колегата вработен во подрачната служба на Министерството за правда, Хамди Исени заедно со неговата сопруга.

12.02 ч. Осигурување на патниците: Ако се утврди само возачка грешка, осигурителот ќе им плати оштета на роднините

Претседателот на Здружението на жртви од сообраќајни незгоди – Владимир Тодоров во студиото на „Бугарија наутро“ рече дека има строго пропишани процедури за истрага на сообраќајни незгоди и тие се поврзани со правење на разни експертизи кои се направени од надворешни експерти.

„Обвинителството ги назначува вештаците. Има случаи во кои две години чекаме експертизи. Има исклучително голем проблем со судските лекари. Во Ќустендил, Перник и Благоевград има двајца судски лекари. Се надевам дека овој случај ќе биде приоритет, но потребни се најмалку 6 месеци“, предвидува тој.

Што се однесува до обештетувањето, секој автобус што сообраќа по нашите патишта има или осигурување од „граѓанска одговорност“ или осигурување со „зелен картон“. Има посебно патничко осигурување, со пониски нивоа на компензација. „Границите во Бугарија се на ниво од 5 милиони евра. Во Република Северна Македонија се околу 600.000 евра – нивоата се речиси 10 пати пониски“, рече Тодоров.

11.49 ч. ВИДЕО | Спиеле во караван во близина на несреќата: Гледавме како гори, но не можевме да помогнеме од силниот оган

Сведок за трачичниот настан на автопатот „Струма“ е меѓу првите што се јавиле на бројот 112 и ја пријавил автобуската несреќа. Тој за БТВ открива детали за трагедијата. Илија Николов заедно со уште двајца колеги работат на локација на 500 метри од местото на несреќата. Заедно со колега работеле на свлечиште во близина на патот и тој е меѓу првите кои посведочиле на несреќата. Вели дека тие спиеле во караван во близина на местото, кога слушнале силен звук како да пукнала гума, а потоа виделе оган.

Веднаш се упатиле кон автобусот, но не можеле да се доближат и да помогнат бидејќи, како што вели тој, огнот се проширил многу брзо и високата температура од пламените јазици не дозволувала тие да се доближат.

11.15 ч. ВИДЕО | Бочварски: Само истрагата може да покаже кои се пропустите

Вчера, во текот на денот, бев во Министерството за транспорт и врски, бев и на седница на Владата, каде што една од точките беше оваа страшна несреќа која нѐ погоди сите. Во Министерството бев заедно со службите да започнеме со сите оние проверки на документацијата и постапки за запознавање на Владата и јавноста. Бев во контакт со министерот за транспорт на Бугарија. Тој остана отворен доколку има потреба да бидам присутен во Софија, изјави за Утрински брифинг министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– Согласно привичните информации синоќа имавме и прес конференција на која што ги изнесовме сознанијата, но во секој случај истрагата ја водат бугарските обвинители во кординација со македонските и ние сме на располагање да ги дадеме сите наши сознанија кои што ги имаме, вели Бочварски.

11.04 ч. ВИДЕО | Хусеини: Ако возилото немало дозвола за транспорт, требало да го вратат на Царина, но тоа не е причина за несреќата

Автобусот на туристичката агенција „Беса Транс“ кој вчера се запали и однесе 46 животи немал извод од лиценца, односно не бил пријавен за меѓународен превоз на патници, но тоа според директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини, не е причина за несреќата. Тој денеска во Утрински брифинг посочи дека за да се подобри квалитетот на превоз на патници неопходно е да се купуваат понови возила, кои ќе бидат технички исправни, а за тоа да се погрижи Министерството за внатрешни работи, а станиците за технички преглед да не регистрираат неисправни возила.

– Ние не знаеме кога е купен и кога е регистриран автобусот. Исто така не знаеме зошто не аплицирал за да добие извод од лиценца. Согласно Законот за транспорт во патниот сообраќај, Царинската управа на граничните премини има овластување и мора да го врати превозникот, доколку не поседува извод од лиценца. Ако автобусот навистина немал извод од лиценца на граничниот премин Деве Баир не смееле да го пуштат да ја напушти државата. Сепак сметам дека овој пропуст не влијаел врз несреќата. Надлежните органи во Бугарија како причинители за несреќата ги наведуваат условите на патот, исправноста на возилото и човечкиот фактор. Никој не го спомена изводот од лиценцата. Сепак треба да го има, ние ќе провериме зошто го нема, но тоа не е одлучувачки фактор во оваа несреќа, нагласува Хусеини.

Превозниците кои организираат меѓународен транспорт на подолги релации треба да имаат двајца или тројца возачи. Честопати самите превозници се обидуваат да го заобиколат ова правило.

10.52 ч. ВИДЕО | Георгиев од „Капитал“: Сите патишта во Бугарија се опасни според бројот на несреќи со смртни последици

Во Македонија е голем интересот за тоа како се одвива истрагата во Бугарија и какви се реакциите по несреќата. Затоа во Утрински брифинг поразговаравме со новинарот Огњан Георгиев од бугарски „Капитал“.

– И Бугарија исто како Македонија беше потресена. Ова е најтешката катастрофа во Бугарија, но и во Европа во последниве 10 години. Исклучително трагичен исход. Се случи среде реговори за формирање нова влада во Бугарија, но сето тоа се прекина и оваа трагедија доминираше во вчерашниот ден, вели Георгиев.

10.47 ч. ВИДЕО | Роднина на преживеаните: Ни велат дека се добро, но не ни дозволуваат да ги видиме

Али Селмани, роднина на четворицата од преживеаните, во изјава за медиумите побара од надлежните институции што е можно побрзо да ги завршат сите процедурални работи во врска со телата, како и пренесувањето на преживеаните на скопските клиники.

Селмани, роднината на четворица преживеани вели дека докторите ги информирале дека се тие се во добра состојба, но не им дозволувале да ги видат.

„Дојдовме да им дадеме поддршка на преживеаните, од вчера сме тука, но ги нема… Немаме увид, не можеме да ги видиме. Ни кажуваат докторите дека тие се добро, во траума се, но уште ги немаме видено“, вели тој.

10.34 ч. ВИДЕО | Д-р Дума: Квазинаучниците се деструктивни, треба обучени луѓе да комуницираат со јавноста

Доктор Алексеј Дума, доскорешен директор на Судска медицина, деонтологија и криминалистика, институт кој се занимава со вештачења по ваков вид несреќи во Утрински брфинг ја објаснува процедурата на идентификација на жртвите и медицинската истрага за можните причини на несреќата.

– Судска медицина е спона меѓу медицинските и правните науки. Медицинските наоди ги толкуваме со речник на судот за тој да може да ги примени и спроведе во судската постапка. Деонтологија е наука за должноста, моралните норми, како професионалец треба да се однесува, вели д-р Дума.

Тој вели дека Институтот ќе врши класична идентификациска постапка според нормите на Интерпол. Интерпол има цела дирекција за оваа постапка која е строго регулиана и како се одвива комуникацијата меѓу домицилната земја и земјата каде што се случила несреќата. Според новата законска регулатива постапката ја води Обвиинителството. МНР на Бугарија постапи правилно, овозможи пристап на наши експерти на местото на несреќата. Истата постапка ја овозможивме и ние кога загинаа бугарските туристи во Охрид. Се разменуваат сите информации и заклучоци, појаснува д-р Дума.

10.25 ч. Седницата на бугарската влада започна со едноминутно молчење

На денот на национална жалост, седницата на преодната влада на Бугарија започна со едноминутно молчење, пренесува БТВ.

Премиерот на Бугарија Стефан Јанев соопшти дека ова е денот кога се сеќаваме на жртвите – девет бугарски државјани кои загинаа во пожарот во домот за стари лица во селото Ројак, Варна и државјаните на Република Северна Македонија кои загинаа во автобуската несреќа на автопатот Струма.

10.21 ч. Стефковски: Општина Гази Баба ќе донира финансиска помош за семејствата на настраданите во автобуската несреќа

Градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски, денеска поднесе предлог Одлука за доделување на финансиска помош на семејствата на настраданите во сообраќајната несреќа која се случи во Бугарија.

Како што информираат од општината, градоначалникот барањето за одржување на седница го поднел до општинскиот Совет.

10.10 ч. ВИДЕО | Трпевски: Јавна тајна е дека во автобусите се вградуваат дополнителни танкови за гориво

Во Македонија постапката за увид почнува со излегување на јавен обвинител на терен. Тој на лице место ја води истрагата и прибира материјални докази. Присуствува екипа на крим техника од МВР. Би требало да бидат вклучени и вешти лица за сообраќај, оти увидната екипа нема знаења кои материјални докази се битни за истрагата. Што повеќе материјални докази се соберат на лице место толку полесно се врши вештачењето. За жал во Македонија тоа ретко се случува вака. Но во оваа ситуација мислам дека во Бугарија ќе бидат ангажирани вештаци, ги објаснува процедурите судскиот вештак со над 10 години искуство, Дејан Трпевски за Утрински брифинг.

10.05 ч. Филипче и Пиромански утрово разговарале за состојбата на преживеаните во „Пирогов“

Министерот за здравство Венко Филипче, утрово разговараше со д-р Иван Поромански, директор на болницата „Пирогов“ во Софија, каде се хоспитализирани седумте пациетни кои ја преживаеја страотната сообраќајка која се случи вчера утрото на магистралниот пат „Струма” на потегот Софија – Благоевград.

Сите пациенти се стабилни и се под постојан лекарски надзор, а дадена им е и психолошка поддршка, стои во соопштението од МЗ.

На двајца пациенти им е извршен хируршки зафат, еден е опериран на ногата, а помал хируршки зафат е извршен кај девојка, на која и е оперирано коленото, тие се чувствуваат добро. Сите седум пациенти ќе останат на болничко лекување до петок, а потоа ќе се направи план за нивен транспорт во Скопје.

10.03 ч. ВИДЕО | Садики: Се обидуваме да бидеме покрај фамилиите на загинатите за колку можеме да ја ублажиме болката

Денеска ќе имаме и вонредна седница на Советот. За жал ова е многу тежок случај со многу голем број на жртви, а повеќе од нив од нашата општина, изјави за Утрински брифинг Азем Садики, градоначалник на општина Студеничани.

– Се обидуваме да бидеме покрај нивните фамилии за малку да им ја ублажиме болката. Ние како општина во рамките на нашите можности се обидуваме да ја споделиме болката со нив. Вчера денот беше уште полош, бидејќи недостигаа информации, вели тој.

09.59 ч. Османи од Софија: Се работи на идентификација и побрзо пренесување на жртвите во Скопје

Повредените во автобуската нерсеќа според информациите на лекарите се во добра здравствена состојба. Завршени се дел од операциите, а дел ќе бидат завршени денеска, изјави за МИА министерот за надворешни работи Бујар Османи пред болницата „Пирогов” во Софија.

Османи кажа дека доаѓа во болницата да ги посети и да искомуницира со повредените, како и да ја олесни комуникациијата со смејствата и институциите во Бугарија, за да може да се забрза процесот на идфентификација на жртвите.

Запрашан во врска со истрагата, тој посочи дека е таа започната од институциите во Бугарија.

09.41 ч. Д-р Аргирова: Извршени две операции, луѓето се во стабилна состојба

Началничката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија, д-р Маја Аргирова вели дека се извршени две полесни операции на преживеаните лица и тие моментално се во стабилна состојба. Таа изјави дека еден од повредените е во длабок психички шок. Денеска ќе бидат извршени уште две операции, велат лекарите од болницата „Пирогов“.

Едниот од пациентите има тешки изгореници на двете раце, поради што ќе мора да се изврши операција, а операција на десното колено треба да се изврши и на едно девојче. Вчера беше извршена операција на колено на еден од повредените, рече д-р Аргирова.

09.40 ч. ВИДЕО: Семејството Јахи загуби осум деца во автобуската несреќа

Најтажниот дел од новинарската работа при известувањето од вакви тешки настани е пренесувањето на животните судбини на жртвите. Таа тешка задача ја имаше новинарот на „Слободен печат“, Дестан Јонузи.

– Вчера се зборуваше за бројка од 20 загинати од Студеничани, но официјалната бројка е 18, а четворица од преживеаните се од оваа општина, вели Јонузи.

Една од најтрагичните стории е со семејството Јахи.

09.33 ч. Македонските вештаци од вчера чекаат да влезат во сала и да учествуваат во обдукцијата на жртвите со бугарските колеги

Директорот на судска медицина доктор Александар Станков со уште двајца колеги од вчера чека да влезе во салата каде во тек се обдукциите на изгорените патници во сообраќајката во која вчера загинаа 45 граѓани во Бугарија, дознава „Слободен печат“.

Кој е проблемот поради кој на македонските вештаци не им е дозволен пристап во операционата сала не е познато, но вчера за ова била испратена и дипломатска нота од Скопје.

Доктор Станков во изјава за „Слободен печат“ потврди дека од вчера чека писмено одобрение да се вклучи со двајцата колеги од земјава во вршењето на обдукциите и посочи дека правилата на Интерпол налагаат кога има меѓународна сообраќајка, да учествуваат вештаци од двете земји.

09.23 ч. Бугарски експерти се сомневаат: Причините за несреќата на автопатот Струма ќе останат тајна

Претседателот на Бугарското здружение на возачи (БОШ) Христо Радков изјави дека вчера бил во близина на македонскиот автобус кој изгоре и во кој загинаа 46 лица, а 7 ја преживеаја несреќата. Според него, причините за тешката несреќа ќе останат тајна.

„Сакав индиректно да видам што можеме да претпоставиме. Во моментов само нагаѓаме, така што ќе остане до крај, бидејќи автобусот изгоре. Ако прашате колку брзо возел, не можеме да кажеме. Тахографот е целосно изгорен, телата се многу јагленосани, што значи дека возачот, дури и да имал срцев удар – не можеме да дознаеме, бидејќи не може да се изврши обдукција“, објасни вештакот за патишта во етерот на BulgariaOnAir.

09:12 ч: Преживеан од автобуската несреќа успеал да спаси шест лица, но не и неговиот син

Еден од преживеаните во вчерашната несреќа е Орхан Алити. Тој заедно со српскиот државјанин Љуљзим Сулејмани го скршиле задното стакло и им помогнале на останатите шест лица да си го спасат животот, пишува Би-Би-Си, пренесува Днес.бг.

Набргу по фаталната несреќа, Орхан и се јавил на неговата сопругата која живее во Белгија.

09.00 ч. ВИДЕО: Утрински брифинг на местото на несреќата во Бугарија

– Кога пристигнавме пред болницата имаше група на роднини и на загинати и на повредени. На тие луѓе никој не им даваше никаква информација. Дури и повикаа нивни пријатели од Бугарија за да им помогнат во комуникацијата со службите. Од македонската амбасада ништо не знаеа што да им кажат. Бугарската обвинителка, заедно со обвинителите Вилма Русковска и Љубомир Јовевски заедно влегоа да ги посетат и по излегување не кажаа ништо што добиле како информација од разговорот со повредените, бидејќи како што велат може да ја нарушат истрагата, вели новинарката Кристина Атовска.

08:20 ч: Автопатот Струма во правец кон Софија утрово повторно отворен за сообраќај

Автопатот Струма во правец кон Софија е повторно отворен за сообраќај. Полициските патроли го обезбедуваат местото на тешката автобуска несреќа, пишува Новини.бг.

Утрово автомобилите мирно се движат во правец Дупница-Софија, но во спротивниот правец сообраќајот и понатаму останува затворен.

07:25 ч. Бугарски експерти ја анализираа несреќата: Кај резервните гуми имало туби со нафта?

Пожарот избил од предниот дел од автобусот, а според полицијата, кај резервните гуми имало туби со нафта. Патот беше полеан со нафта, изјави за БТВ Васко Пиргов, секретар на Регионалниот совет за безбедност на Перник, кој меѓу првите пристигнал на местото на настанот.

– Автобусот удрил со предната десна гума во знак што летнал 45 метри. Површината на патот беше совршена, автобусот не можел да се лизне. Нема знаци за сопирање – нагласи Пиргов за БТВ.

07:43 ч. Втор ден жалост за жртвите од автобуската несреќа

Владата вчера прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава за жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија.

——————————— 23.11.2021 ———————————

23:37 ч. Први лични сведоштва за страшната несреќа, Љуљзим и Медина раскажаа за пеколот на автопатот

Младата двојка која ја преживеа трагедијата во Бугарија, 26-годишниот Љуљзим Сулејмани од Прешево и неговата свршеничка, Медина Љутфи (25) од кумановски Сопот, од софиската Клиничка болница го раскажаа пеколот што го доживеале на автопатот, кога изгоре автобусот на туристичката агенција „Беса Транс“ и животот го загубија 45 луѓе.

Сулејмани го скршил прозорецот од автобусот и успеал да ја извлече Медина и уште петмина патници. Тие седуммина се единствените преживеани во катастрофата на автопатот „Струма“.

Љуљзим и Медина раскажуваат како седеле на претпоследните седишта во автобусот, и како за среќа, Љуљзим бил буден и свесен во моментот на несреќата, со свои очи гледајќи ја целата морничава сцена.

Сулејмани вели дека откако избувнал пожарот во автобусот, успеал да го скрши страничното стакло на автобусот, со што ја испружил раката и ја повлекол со себе својата свршеница која не можела да оди, бидејќи ѝ била скршена ногата.

-Додека одеше автобусот, од десната страна удри во тротоарот, тркалата на автобусот пукнаа и почна да избувнува пожар и имаше многу чад. Потоа автобусот се движеше 20 метри лево и сам застана. Луѓето почнаа да повраќаат, да врескаат како во хорор филмови. Успеав да избегам бидејќи го зедов чеканот во автобусот и го скршив стаклото. Ја извадив свршеницата и уште пет лица, изјави Сулејмани за ТВ Клан.

Медина низ солзи раскажува за ужасот низ кој поминала. Грчевито обидувајќи се да се спаси, таа го слушала плачот на многуте деца во автобусот.

– Не знам, спиев, и одеднаш ги слушнав сопатниците како плачат и викаат. Љуљзим го скрши стаклото, и не знам како излегов. Кога видов дека го имам отворено стаклото зад главата, и скокнав цврсто. Црн чад беше, како експлозија на бомба. Сите спиевме, беше околу два по полноќ. Слушнав детски плач, имаше многу деца, раскажува таа.

Сулејмани, кој е српски државјанин, по несреќата беше посетен во болницата од амбасадорот на Србија во Бугарија, Жељко Јовиќ.

21:14 Изгорениот автобус со полициска придружба отстранет од автопатот

Под силно полициско обезбедување, вечерва беше отстранет запалениот автобус од автопатот Струма во Бугарија, пренесе ТВ21.

Во страотна несреќа на автопатот во близина на Перник, загинаа 45 луѓе, а седуммина се повредени. Автобусот на компанијата „Беса транс“ од сѐ уште неутврдени причини, околу два часот утрото се запалил, по што повеќето патници не можеле да излезат.

Според надлежните во Македонија, автобусот не бил пријавен во регистарот на Министерството за транспорт. Министерот Благој Бочварски најави дека на компанијата ќе ѝ биде одземена лиценцата за вршење на автобуски превоз, а таа ќе биде подложена и на вонреден инспекциски надзор.

20:13 ч. Блинкен изрази сочувство до граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изрази сочувство до граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија поради загубените животи на голем број луѓе во автобуската несреќа во Бугарија и пожарот во домот за стари и изнемоштени лица во Бугарија.

– Стејт департментот и американскиот народ изразуваат длабоко сочувство до граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија поради трагичната загуба на животи во денешната автобуска несреќа и вчерашниот пожар во дом за стари и изнемоштени лица. Нашите срца се со сите ужалени, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување, напиша Блинкен на Твитер.

Автобусот на компанијата „Беса транс“ со македонски регистерски таблички, кој се враќал од Истанбул, утрово во три часот по полноќ се запали во движење на автопатот Софија-Благоевград, кај селото Бошнек. Во несреќата загинаа 45 патници, меѓу кои 12 деца, а седуммина се повредени.

Во пожар којшто вчера го зафати домот за стари и изнемоштени лица во селото Ројак, во источниот дел на Бугарија, пак, загинаа девет лица, од кои некои се задушиле од чад, изјави претходно висок претставник на бугарското Министерство за внатрешни работи.

20:00 ч. Ганиу: Официјално 16 жртви од сообраќајната несреќа во Бугарија се од Чаир, но бројката е поголема

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, изјави дека бројот на жртвите од сообраќајната трагедија во Бугарија од оваа општина официјално е 16, но дека, според него, има повеќе жртви кои живееле во Чаир, но имаат адреси во други општини.

– Бев во контакт со роднините кои беа погодени од оваа трагедија. Тука сум да покажам дека Општина Чаир е отворена во секое време и за секаква помош, рече Ганиу за ТВ21.

19:43 ч. ВИДЕО: Бочварски потврди – автобусот не бил пријавен, на „Беса транс“ ќе ѝ се одземе лиценцата

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски потврди дека автобусот кој се запали во страотната несреќа во Бугарија, при што загинаа 45 луѓе, не бил пријавен во Министерството за транспорт и немал извод од лиценцата за вршење на дејноста.

Бочварски, на заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на дипломатијата Бујар Османи, рече и дека е започната постапка за одземање на лиценцата на компанијата „Беса транс“ за вршење на автобуски превоз.

„По добиените информации од Министерството за внатрешни работи за опожареното возило, констатиравме дека истото не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски,“ рече Бочварски.

„Министерството издава лиценца за меѓународен превоз на патници и извод од патници за меѓународен превоз на патници. Возачот мора да има меѓународен сертификат за превоз на патници. Во системот на МТСП, конкретниот превозник е заведен со четири возила кои имаат лиценци за превоз. Превозникот може да врши превоз на патници откако ќе добие лиценца за моторното возило. По добиените информации од МВР за опожареното возило, констатиравме дека тоа не било пријавено и поради тоа го нема во базата на Министерството за транспорт и врски. Превозникот е должен веднаш, а најдоцна за 15 дена сите промени настаните во поглед на исполнување на условите, тоа е пријавување или одјавување на возило или возач“, рече Бочварски, додавајќи дека во компанијата ќе биде извршен и вонреден инспециски надзор.

Спасовски рече дека треба да се сочекаат извештаите на бугарските истражни органи за да се зборува за причините за несреќата, како и за возраста и местата од коишто биле загинатите.

18:29 ч. Радев: Бугарија прави се што е можно за да се откријат причините за трагедијата на автопатот „Струма”

„Искажувам најискрено сочувство до блиските на загинатите во несреќата на автопатот „Струма” и во домот за стари лица во селото Ројак во североисточна Бугарија, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев.

-Заедно сме со нашите браќа од Република Северна Македонија, заедно тагуваме со нив за трагедијата. Бугарската држава прави сѐ што е неопходно за лекувањето на повредените и за откривање на причините за тие два тешки инциденти, изјави бугарскиот претседател Радев.

Тој изрази надеж дека повредените во несреќата ќе закрепнат што е можно побрзо. Според Радев, има многу дејствија за идентификација на загинатите, по нивното пренесување.

18:00 ч. Бугарска новинарка: Има информација дека немало втор возач во автобусот

Според првичните информации до кои дојдоа дел од бугарските медиуми, имало гориво во автобусот кое е купено од Турција, каде е поевтино отколку во Македонија и Бугарија. Тоа гориво се запалило и е една од причините за несреќата, вели бугарската новинарка Патриција Кирова во изјава за ТВ 21, околу денешната трагична автобуска несреќа, во која загинаа 45 луѓе.

Според неа, нема траги на кочење, што значи возачот изгубил контрола над возилото.

-Има информација дека немало втор возач во автобусот. За таков пат од Истанбул до Македонија би требало да има уште еден возач. Ако едниот е уморен за да одмори, другиот треба да го смени, вели Кирова.

Иако имаше објави во медиумите дека местото на која се случила несреќата е „црна точка“ , сепак новинарката Патриција негира и вели дека станува збор за модерен нов автопат. Автобусот влегол во Бугарија од Турција во 21 часот, а несреќата се случила околу два часот по полноќ на автопатот „Струма“ на правецот Софија- Благоевград.

17:37 ч. Автобусот на „Беса транс“ го нема во евиденцијата на Министерството за транспорт?

Автобусот на „Беса Транс“ во кој загинаа 45 луѓе на автопатот во Бугарија, не бил пријавен кај надлежните институции во земјата, објави „Дојче веле“, повикувајќи се на свои извори.

Во Министерството за транспорт и врски и натаму е во тек анализата на документацијата на превозникот „Беса Транс“, на неговите автобуси како и на пријавените професионални возачи. Досегашните податоци покажуваат дека опожарениот автобус воопшто не бил пријавен од страна на сопственикот и не фигурира во системот на Министерството. Сопственикот на агенцијата не извадил извод за лиценца на тоа возило, а автобусот воопшто не е во базата на податоците на Министерството.

Сѐ уште се проверува дали двајцата возачи кои управувале во автобусот имале сертификат и дали биле пријавени од страна на сопственикот на агенцијата, пишува „Дојче веле“.

16.57 ч. „Беса транс“ изрази сочувство до семејствата на загинатите

Компанијата „Беса Транс – Скопје“ преку Фејсбук им изрази сочувство на семејствата на загинатите во страшната несреќа на македонскиот автобус во Бугарија.

„Денеска е многу тажен и тежок ден за нас како компанија, изразуваме сочуство до семејствата и роднините на починатите, се молиме за брзо оздравување на преживеаните. Компанијата во целост соработува со надлежните институции со Р.C.Македонија и Р.Бугарија се со цел да се утврдат причините за оваа страшна трагедија! Се извинуваме на сите што не сме во можност да одговориме на бараните информации, бидејќи сме во голем шок. Со почит. за секакви информаци во врска со случајт јавете се на бројот 075273732“, посочуваат од компанијата.

Беса Транс
Седиштето на „Беса транс“ / Фото Слободен печат/ Драган Митрески

15.53 ч. Целосно изгорен е тахографот кој го снима движењето на автобусот, се прегледуваат другите снимки, возачот не возел брзо

Автобусот е толку уништен што не може да се утврдат податоците од техничкиот уред кој го снима движењето на автобусот – тахографот. Сè е изгорено. Ова го изјави извршниот директор на Извршната агенција „Авто управа“ Бојко Рановски во врска со инцидентот во кој загинаа 45 лица откако се запали патнички автобус со македонска регистрација на автопатот Струма.

Седум лица се повредени и пренесени во болница. Автобусот сообраќал од Турција кон Северна Македонија.

Инаку, тахографот е инструмент за мерење кој служи за автоматско снимање на брзината и времето на патување на возилото, како и видот и времетраењето на активноста на возачот.

15.50 ч. Блиските на загинатите во автобуската несреќа ќе можат да влезат во Бугарија и без документ за ковид-19

Во Република Бугарија ќе биде дозволен влез за сите блиски роднини на настраданите лица во тешката сообраќајна несреќа без разлика дали поседуваат документ поврзан за мерките за заштита од пандемијата со ковид-19.

15:46 ч: „Слободен печат“ од Софија | Јовески и Рускоска разговарале со преживеаните: „Сè се случи во дел од секунда“

Екипата на „Слободен печат“ од Софија дознава дека во моментот се извадени речиси половина од телата на загинатите, а останатите ќе бидат извадени во текот на денот. Јавните обвинители Јовески и Рускоска во моментиве ја напуштиле болницата во Софија, а за медиумите изјавија дека разговарале со преживеаните кои се со полесни повреди.

„Разговаравме со нив. Нема да дадеме многу информации, бидејќи во тек е истрага. Тие ни рекоа дека сè се случило во дел од секунда“ вели Јовески за „Слободен печат“.

Семејствата на загинатите во Софија
Семејствата на загинатите во Софија/ Фото Слободен Печат/ Кристина Атовска

15.30 ч. Против „Беса транс“ годинава четири кривични пријави за непочитување на ковид протоколите

Против превозникот „Беса транс“, чијшто автобус ноќеска имаше сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 46 лица, Државниот инспекторат за транспорт годинава поднел четири кривични пријави за непочитување на протоколите за ковид-19 за јавен превоз на патници, потврди за МИА директорот на ДТИ Руфат Хусеини.

15.19 ч. Српскиот државјанин и неговата вереница ја преживеале несреќата

„Единствениот државјанин на Србија кој бил во автобусот што изгоре во Бугарија е Љуљзим Сулејмани од Прешево и тој е меѓу седумте преживеани патници. Како неговата свршеница од Куманово, со која замина на патување во Истанбул“ вели Заев за српски Курир.

Српски државјанин и неговата вереница
Тој и неговата вереница од Куманово, која исто така била во автобусот и која, за среќа, исто така преживеала. Тие во моментов се во болницата во Софија / Фотo: Приватна архива

15.12 ч. Објавени имињата на преживеаните во автобуската трагедија во Бугарија

Овие лица се хоспитализирани во Бугарија и се надвор од животна опасност.

15.06 ч. Се огласи сопственикот на „Беса транс“, не знае како дошло до автобуската несреќа

– Не знам како дошло до несреќа. Од 3 часот утринава сум на местото на несреќата за да добијам информаци од бугарските институции, но досега се уште не се познати причините, изјави за телевизија 21 сопственикот на „Беса транс“.

14.52 ч. Бугарски експерт: Останува мистерија зошто вратите на автобусот не се отворени, ударот во оградата предизвикал пожар

Техничка неисправност или човечка грешка? Овие две верзии се во оптек кај бугарските власти како причина за трагедијата со автобусот на автопатот Струма во кој рано утрово загинаа 46 лица.

„Мислам дека се работи за двете работи. Автобусот прво удри во десната заштитна ограда, а потоа отиде налево. Голем дел од заштитната ограда што ги дели двете ленти е исчезната – можеби 100 метри. Вратите на автобусот не се отворени. „Или возачот не да не реагираат да се отворат, или зборуваме за оштетување што не дозволило да се отворат. Останува мистерија зошто вратите на автобусот не се отворени. Важно е да се бара производителот на автобусите“, изјави Димитар Димитров за Бугарија ONAir. Воздухопловна комора на патни превозници.

Тој изрази сомнеж дека ударот на заштитната ограда го предизвикал пожарот.

Димитар Димитров бугарски експерт/Фото/ Скриншот/bgonair.bg

14:49 ч. „Слободен печат“ од Софија: Телата на загинатите сè уште не се стигнати на обдукција

Екипата на „Слободен печат“ која во моментов сè уште е во Софија, во разговор со портпаролката на болницата дознава дека телата на загинатите лица се уште не се целосно испратени на обдукција. Пред болницата има членови од семејствата на загинатите, кои бараат одговори од јавните обвинители Љубомир Јовески и Вилма Рускоска.

Портпаролката на болницата за „Слободен печат“ потврди дека меѓу преживеаните нема некој со повреди опасни по живот. Таа додаде дека до утре веќе нема да даваат информации околу жртвите.

Запалениот македонски автобус во Бугарија
Запалениот македонски автобус во Бугарија/ Фото EPA-EFE/VASSIL DONEV

14.42 ч. ВИДЕО: Се појавија видеоснимки од качувањето на патниците во автобусот на „Беса транс“

Турскиот портал haberler.com објави видеоснимки од безбедносните камери на хотелот во Истанбул каде што престојуваа македонските патници коишто беа на патување организирано од страна на туристичката агенција „Беса транс“.

На снимките се гледа како патниците го напуштаат хотелот и се качуваат во автобусите.

14.33 ч. Јовески: Телата од изгорените патници сè уште се извлекуваат од автобусот

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска дојдоа да ги посетат преживеаните патници од страшната автобуска несреќа. Тие пред болницата во изјава за медиумите информираа дека истрагата е во тек и дека во овој момент не можат да кажат ништо.

– Автобусот има удрено во банкина, тоа се првичните информации кои ги имаме. Друго не знаеме, трае увидот на бугарските колеги на лице место. Истрагата е во тек, имаме одлична соработка со бугарските колеги. Во овој момент не можеме ништо да кажеме, изјави Јовески.

Фото: Скриншот

14:16 ч. Тага и болка во Студеничани: Меѓу жртвите најмалку 20 се од оваа општина, загинаа наставничка, матичар…

Во Општина Студеничани неизмерна тага и болка по нивните сограѓани кои загинаа во страотната автобуска несреќа на автопатот Струма во Бугарија. Меѓу 46-те жртви во пожарот кој го зафати автобусот, најмалку 20, а можеби и повеќе се од територијата на оваа општина. Екипата на „Слободен печат“ го посети местото и разговараше со секретарот на општина Студеничани Бурханедин Нухиу.

13.32 ч. МНР: Сите амбасади и мисии во странство ги спуштија знамињата на половина копје

Министерството за надворешни работи информира дека сите амбасади и мисии на земјава во странство ги спуштија знамињата на половина копје за времетраење на деновите на жалост.

– Согласно Одлуката на Владата за тридневна жалост во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Република Бугарија, во која животот го изгубија повеќе наши државјани, сите амбасади и мисии во странство ги спуштија знамињата на половина копје за времетраење на деновите на жалост, пишува на Фејсбук страната на МНР.

Фото: МИА

13:31 ч: Бугарското МНР ќе даде целосна помош на македонските власти во врска со несреќата

Министерството за надворешни работи на Бугарија во рамките на своите надлежности и ја дава сета потребна помош на Република Северна Македонија во врска со несреќата на автопатот „Струма”, соопшти Прес-центарот на бугарското МНР.

Ова, како што јави дописникот на МИА од Софија, им го порача бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, на премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче.

13.29 ч. Рускоска: Разговарав со сопственикот на „Беса транс“, ќе ја обезбедиме целата документација за автобусите

Обвинителката Вилма Рускоска денеска во изјава за медиумите истакна дека на местото на несреќата се наоѓа и сопственикот на превозната компанија, со кого кратко разговарала.

– Рече дека 20 години имаат транспортна фирма, досега немале никави инцидент. Но како што веќе кажаа и колегите, ќе ја обезбедиме целата документација за сите автобуси – кога се регистрирани и кога биле на технички преглед. И истите ќе бидат предадени на бугарските колеги – порача Рускоска.

Таа додава дека како обвинители повеќе веруваат на документи, отколку на исказ на било кого.

13.07 ч. БНТ на адресата на „Беса транс“ во Ќустендил: Фирмата нема автобуски превоз

Станислава Христова, новинарка на БНТ, денеска се упати на адресата во Ќустендил која дел од медиумите ја посочија како адреса на која во Бугарија е регистрирана „Беса транс“ од Македонија, во чиј автобус утрово на автопатот „Струма“ загинаа 46 патници.

Таа на адресата најде постара болна жена. а сопственикот на станот на таа адреса вели дека има совпаѓање на имињата на фирмите, но дека таму регистрираната фирма нема ништо заедничко со автобуски превоз.

13.00 ч. Сочувство од челниците на ЕУ за автобуската несреќа што однесе 46 животи

Претседателите на Европскиот парламент, Совет и Европската комисија изразија сочувство по автобуската несреќа која однесе 46 животи во Бугарија.

12:53 ч. Беким Халити чека вести за сопругата и нејзината сестра: Не знаеме кој е жив, кој не, ништо не ни јавија

12:45 ч. Обвинителство: Истрагата започна, се прибира ДНК материјал за идентификација на жртвите

Јавниот обвинител Љубомир Јовевски и обвинителката Вилма Русковска утрово пристигнаа на местото на несреќата на автопатот „Струма“.

Со колегите од Северна Македонија го утврдивме редоследот на дејствија што треба да се преземат за расчистување на овој случај. Од македонска страна треба да добиеме документи за техничката состојба на автобусот, за фирмата сопственик и патниците, како клучниот момент е биолошкиот материјал за идентификација на жртвите. Списокот е веќе испратен и колегите во Македонија веќе ја започнаа постапката, соопшти бугарски обвинител.

12.40 ч. Владата прогласи тридневна жалост

Поради тешката сообраќајна несреќа на македонски автобус во Бугарија во која загинаа 46 патници, Владата прогласи тридневна жалост.

Oд Владата информираат дека за денови на жалост се прогласени вторник, среда и четврток. Владата во моментов оддржува седница, со која претседава првиот вицепремиер Артан Груби.

Во страшната сообраќајна несреќа која утринава се случи во Бугарија, загинаа 46 патници на автобусот на „Беса транс“ кој се враќал од Истанбул.

12.29 ч. Еден од загинатите со својата вереница во Истанбул го прославил роденденот, бил дел од кабинетот на градоначалникот на Кичево

Газменд Укали (27) од Кичево и неговата вереница Албина Белули (23) од Тетово се едни од лицата кои утрово ги загубија животите во автобуската несреќа во Бугарија.

Укали со својата вереница од петокот бил да го прослави роденденот во Истанбул меѓутоа нивните животи завршија трагично ноќеска во стравичниот пожар на автобусот на превозникот „Беса Транс“.

Газменд Укали и Албина Белули
Газменд Укали од Кичево и неговата вереница Албина Белули од Тетово кои починале во автобуската несреќа/ Фото Screenshot Instagram

Тој бил дел од од кабинетот на градоначаликот на Кичево, Фатмир Дехари.

Информацијата за смртта на Газменд за „Слободен печат“ ја потврди и градоначалникот Дехари.

12.21 ч. ВИДЕО: Сопственикот на „Беса Транс“ остана недостапен за јавноста и за роднините на загинатите

Од рано утринава полиција ја обезбедува туристичката агенција „Беса Транс“ која го организирала патувањето во Турција, во кое 46 лица трагично го изгубија животот. Роднини на патниците кои заминале на патување за Истанбул чекаа информација дали нивните најблиски се дел од загинатите во страшната сообраќајна несреќа. Оваа информација немаше кој да им ја соопшти на вознемирените граѓани, со оглед на тоа што сопственикот на агенцијата остана недостапен за нивните повици, како што беше недостапен и за медиумите.

Тие за несреќата дознале од социјалните мрежи по што почнале на телефон да ги бараат роднините. Откако не успеале да ги добијат на телефон, почнале да се јавуваат во туристичката агенција, но не успеале да стапат во контакт со никој од „Беса Транс“.

Роднина на еден од патниците кои патувале со агенцијата „Беса Транс“ за Турција, преку медиумите молеше да добие информации од агенцијата или од институциите дали неговиот братучед е меѓу преживеаните и во каква состојба е. Тој вели дека три-четири часа се обидувале да стапат во контакт со агенцијата, но не добиле никаква информација.

12.11 ч. ФОТО | Четиригодишните близнаци се најмладите жртви од стравотната автобуска несреќа во Бугарија

Близнаците Луан и Албан Ахмети се најмладите жртви од стравотната автобуска несреќа што се случи утринава на автопатот „Струма“ во Бугарија, кога се запали автобус на „Беса транс“ што се враќаше од Истанбул кон Скопје. Најстариот патник имал 63 години, а повеќето патници се родени помеѓу 1971 и 2004 година, објави БГНЕС.

Во несреќата загинаа 46 лица, а седум се повредени и пренесени во болница и немаат сериозни повреди.

На социјалните мрежи беа објавени фотографии од близнаците за време на нивниот престој во Истанбул викендов, заедно со нивните родители.

Фото: Фејсбук, EPA

11.29 ч: „Голема трагедија“: Светските медиуми го опишаа трагичниот настан

Најголемите светски медиуми утрово ја објавија тажната вест за запалениот македонски автобус во Бугарија. Во несреќата загинаа 46 лица, меѓу кои 12 деца.

Британски Би-Би-Си ги пренесе изјавите на премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Бујар Османи, како и изјавата на бугарскиот премиер Стефан Јанев.

Се ​​надеваме дека ќе извлечеме поуки од овој трагичен инцидент и ќе можеме да спречиме такви инциденти во иднина, им рече Јанев на новинарите од местото на несреќата.

Американската медиумска куќа Си-Ен-Ен објавија дека надлежните бугарски екипи ќе извршат дополнителни истраги за потенцијалните причини за несреќата.

Тие потврдија дека во автобусот имало 52 патници.

Германската ДПА на својот Твитер профил ја пренесе информацијата за загинатите во автобусот.

11.27 ч: „Ми изгоре целото семејство“ – Член на семејството Јахи со потресна изјава за „Слободен печат“

„Ми изгоре цело семејство“, изјави член на семејството Јахи од Скопје-Север кој во трагедијата во Бугарија изгуби 10 члена заедно со членови на семејство Мухаџери со кои се во роднинска врска.

Од семејството изјавија дека нивните роднини заминале на туристичко патување во Истанбул, и како што велат заминале на „пат за да не се вратат никогаш“.

„Слободен печат“ дознава дека и една мајка учителка Фикрије Исени (1982 год) во основното училиште во Студеничани, Скопје заедно со нејзината ќерка (Аниса) која е малолетна починале во несреќата. Од ова населено место има починати уште двајца други.

Наставата во ОУ „Исмаил Ќемали“ во Чаир е прекината зашто шестмина од починатите деца во трагедијата што се случи во Бугарија се од тоа училиште. Како што дознава „Слободен печат“ од извори на терен, учениците се вознемирени, плачат и неможно е да се одвива наставата.

11.06 ч. Анализирани снимки од дрон: Бугарска експертка посочи можни причини за несреќата

Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики на Бугарија анализираше снимки од дрон на патната делница на автопатот Струма, каде се случи големата несреќа со македонскиот автобуспишува БТВ.

Според неа, задолжително треба да се одреди состојбата со патните ознаки во таа делница, како и неколку километри наназад, за да се види дали тие го збуниле возачот и довело до потешкотии при следењето на патот.

Сосема е можно знакот за островот да го немало или возачот да не го видел, или пак тој да заспал, смета експертот.

Според неа, на снимките од дронот јасно се гледа како тој откако изгубил контрола се обидел да го стабилизира автобусот, но потоа се удрил во заштитната ограда.

10.46 ч. Алсат објави список на патници кои се превезувале со автобусот кој изгоре во Бугарија

Телевизија Алсат го објави списокот на патници кои се превезувале со автобусот кој рано изутринава, околу 2.00 часот изгоре на автопат во Бугарија.

10.31 ч. ФОТО+ВИДЕО: Ни патниците ни сопствениците на агенцијата Беса не се достапни за роднините

Пред седиштето на туристичката агенција „Беса“, организатор на патувањето за време на кое се случи тешка сообраќајна несреќа во која изгоре нивни автобус и загинаа 46 патници, нема вработени ниту пак е дојден сопственикот, а репортерите на Слободен печат и Утрински брифинг се обидуваат телефонски да ги контактираат.

Во меѓувреме пред седиштето на агенцијата се собираат роднини на патниците.

10.22 ч. Медицина, не политика: Повредените од Македонија се третираат исто како и бугарските државјани

Направени се сите консултации, повредите се обработени, можно е да бидат потребни и некои оперативни зафати. Преземено е се за повредените граѓани од Република Северна Македонија исто како што би било преземено и за бугарските дрѓавјани. Јас можам само за медицина да ви зборувам, не за политика. Меѓу двете држави има потпишан договор за здравствена заштита, изјави лекар од болницата во Бугарија.

10.12 ч. Јанев: Бугарија ги презеде сите неопходни активности за да се истражи страшната сообраќајна несреќа

Бугарската држава реагираше во најбрз можен рок и ги презеде сите неопходни дејствија за да се истражи оваа страшна сообраќајна несреќа, во која загинаа 45 лица. Истовремено се води неопходна грижа за преживеаните, изјави привремениот премиер на Бугарија, Стефан Јанев во објава на официјалната Фејсбук страница на бугарската Влада.

Како што пренесува БТА, Јанев изразува сочувство до роднините на загинатите во несреќата на автопатот Струма, што се случи вечерва.

10.09 ч. Кои се причините за страшната несреќа? Во игра се две сценарија, коментираат упатените

Двајца искусни професионални возачи со повеќе децении зад воланот биле задолжени за патувањето од Истанбул за Скопје кое заврши кобно, од кои едниот порано имал и сопствена агенција за превоз, Еуролајн.

Како што дознава „Слободен печат“ од возачи кои биле на истата тура во Истанбул, операторот „Беса Транс“ редовно, секој викенд ја возел истата туристичка тура со факултативни тури и разгледувања, а на возачите им било наложувано да се менуваат на секои 8 часа за задолжителниот одмор.

Бугарските истражни власти ќе треба да дадат одговори на прашањата како настанала несреќата. Меѓутоа, шпекулациите се дека пукнала гума, по што автобусот ја загубил рамнотежата и иако не се тумбал на патот, сепак се триел од заштитната банкина 50 метри од што настанал пожарот. Втората можна причина е дека возачот заспал. За ниедна причина нема официјална потврда.

Седуммина преживеани се во болница во Бугарија. Едниот од нив посочил дека патниците спиеле, по што се слушнала експлозија во задниот дел од автобусот, па седуммината патници ги искршиле прозорците и успеале да им избегаат на смртоносните пламени јазици.

10.02 ч. Заев и Јанев: Болката е голема и за двата народи, заедно сме и во добро и во лошо

Воспоставена е координација на сите нивоа со Pепублика Северна Македонија и се надеваме дека од истрагата ќе ги научиме оние лекции кои ќе не штитат од слични трагедии во иднина. Ова го порача премиерот Стефан Јанев во заедничка изјава со премиерот на РСМ Зоран Заев кој е во Бугарија во врска со автобуската несреќа во која загинаа 46 лица.

Зоран Заев Стефан Јанев
Прес конференција на премиерите Зоран Заев и Стефан Јанев / Фото: БГНЕС

– Денешниот ден е одбележан со две трагедии за бугарскиот народ – во варненското село Ројак, загинаа бугарски државјани во Домот за стари лица, за што во моментов во тек е истрага. Неполни 7-8 часа потоа се случи нова трагедија – судир со патнички автобус регистриран во РСМ, со граѓани, и од РСМ и од други националности. Трагедиите се вообичаени и се она што не допира, што нè прави сочувствителни, без разлика од која националност се луѓето кои повеќе не се меѓу нас, рече Јанев.

10.00 ч. Албанската министерка за надворешни работи: Сите жртви во несреќата се Албанци од Северна Македонија

Албанската министерка за надворешни работи Олта Џачка изјави дека жртвите во денешната несреќа во Бугарија, во која загинаа 46 лица, се Албанци од Северна Македонија.

Тоа го напиша на својот Фејсбук профил, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите и додаде дека Албанија и Северна Македонија се „блиску во овие тешки моменти“.

09.55 ч. 24часа: ГП Маврово ја градеше делницата од Струма, таа е со слаб квалитет и небезбедна за сообраќај

Македонската компанија ГП Маврово ја изгради делницата од Струма каде се запали автобусот со македонски регистрациски табличкии усмрти 46 лица, тврди „24 часа“.

„Од пред 15 години стана јасно дека оваа делница е со многу слаб квалитет. Лоша подлога и меки заштитни огради. Рефлекторите на нив, таканаречените мачкини очи, не ја рефлектираат светлината на фаровите и тешко се ориентираат, особено на аглите. Кривините имаат обратен наклон и собираат вода“.

Секогаш има локви на дожд и има опасност од аквапланинг. Затоа овој „автопат“ не е сертифициран како таков. Ограничувањето на брзината на него е 120 км/час, пишува порталот.

09.52 ч. Бугарски експерт: Зачудува тоа што немаме слика за состојбата од 2 до 8 часот наутро, нема ни сведоци, каде се бугарските полицајци

Претседателот на Синдикатот на возачи за авто-мото обука Јонко Иванов во студиото на „Бугарија наутро“ ја коментираше огромната трагедија на магистралата Струма, во која во сообраќајна несреќа загинаа најмалку 46 лица.

Тој објасни дека ова е серија од многу кривини со спуштања и искачувања, тоа не е автопат, тоа е  спореден пат – максималната брзина е 120 km/h.

„На овие стрмни падини, моторната сопирачка на автомобилот е затегната, тоа е одговорност на возачот. Овде не гледаме растојание за сопирање. Ниските заштитни огради не треба да постојат на такви ризични делови од патот“, изјави тој за Бугарија ON AIR.

09.43 ч. Заев: Патниците се од Северна Македонија, еден е од Прешево и еден со белгиско државјанство

„Ќе почекаме причините за несреќата да ги кажат стручните служби. Настраданите не се само од Скопје, туку се од повеќе места. Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со вереницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка. Во листата видовме и дека има едено лице со белгиско државјанство“, изјави премиерот Зоран Заев кој денеска, заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи, ги посети седумте хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија.

Одговорајќи на новинарски прашања, Заев рече дека се уште не знае детали иако имал информација дека тие седуммината што преживеале, кога настанала несреќата успеале да го скршат прозорецот кај задните седишта.

09.40 ч. Компанијата „Беса транс“ била регистрирана во Ќустендил, канцеларии имала во Скопје и други градови

Туристичката агенција „Беса транс” функционира од 2011 година, а од 2019 година нејзин управител е Аздрен Зубери, македонски државјанин со албанско потекло. Седиштето на фирмата е во Ќустендил, но има и неколку канцеларии во Скопје и во други градови во Северна Македонија.

– Не можам да ви дадам информација. Не знам ништо, изјавиле од компанијата за „24 часа”.

09.28 ч. ВИДЕО | Блиски на жртвите во несреќата во Бугарија собрани пред седиштето на „Беса транс” во Скопје

Група граѓани – родинини и пријатели на жртвите во автобуската несреќа на компанија „Беса транс“, утрово се собрани пред седиштето на компанијата во Скопје, интересирајки се за своите своите најблиски.

Седиштето на „Беса транс“, чиј автобус враќајќи се од Истанбул денеска имаше несреќа во Бугарија при што загинаа над 45 граѓани на Република Северна Македонија, од утрово го обебзедуваат и полициски службеници.

Привичните информации од надлежните органи кажуваат дека четири автобуси од ова скопска компанија патувале викендот за Турција.

09.23 ч. ВИДЕО | Автобусите на „Беса транс“ на прошетка во Истанбул

Турстичката агенција „Беса транс“ од Скопје, сопственик на автобусот во кој на враќање од Бугарија загинаа најмалку 46 патници, а седумина се повредени, организирал туристички тури до Истанбул двапати неделно.

Во аранжманите, со две и со три ноќавања. по цена од 79 и 99 евра биле вклучени посети на историски знаменитости и верски објекти на Истанбул.

На телефонските броеви на агенцијата засега никој не одговара, а на нејзината Фејсбук страница може да се видат промотивни видеа од нивните патувања.

09.03 ч. ВО ЖИВО | Заев, Филипче и Османи со изјави од болницата во Софија

Изјави на премиерот Зоран Заев и министрите за здравство и надворешни работи Венко Филипче и Бујар Османи од болницата Пирогов во Софија каде што се хоспитализирани преживеаните од автобуската несреќа што се случи ноќеска на автопатот Струма во Бугарија.

08.38 ч. ВИДЕО | Османи: Автобусот е на скопска агенција, се враќале туристи од продолжениот викенд

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, пристигна во болницата „Пирогов” во Софија да ги види преживеаните во автобуската несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија.

Тој изјави дека туристичката агенција е од Скопје, а според непотврдени информации меѓу загинатите во несреќата има и повеќе од 10 деца. Жртви, како што рече Османи, се и млади парови кои го искористиле продолжениот викенд, имајќи предвид дека вчера беше празник – Ден на албанската азбука.

08.35 ч. ВИДЕО | Заев за Утрински брифинг: Еден од преживеаните ми кажа дека на спиење слушнале силна експлозија

Сочувство до сите граѓани. Јас сум пред болницата во Софија. Сакаме да ги видиме нашите сограѓани кои што успеаа да се спасат. Стапив во контакт со еден од луѓето, кој што ни објасни дека на спиење слушнале голема експолизија. Неколкумина успеале да скршат прозорите и да се спасат, вели премиерот Зоран Заев за Утрински брифинг.

08.05 ч: Градоначалникот на Перник: На оваа делница често има несреќи, оваа рута е една од најтешките во Бугарија

Автобусот скинал околу 50 метри од заштитната ограда, изјави градоначалникот на Перник Станислав Владимиров пред новинарите во близина на местото на несреќата, во која загинаа 46 лица.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Владимиров, делницата е влажна. Причините за несреќата можат да бидат многу.

– Патот е влажен. Овој дел има многу голема надолнина. Од вчера врне слаб дожд. Не може да се каже дали причината е лошото време, но причините може да бидат многу, рече Владимиров.

08.00 ч. Заев за МИА: Страшна трагедија, најголем дел се млади луѓе кои веројатно се враќале од екскурзијаПремиерот Зоран Заев, кој заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, е заминат за Софија каде ноќеска се случи тешка сообраќајна несреќа во која загинаа најмалку 45 лица, во изјава за МИА вели дека разговарал со еден од преживеаните кој го информирал дека се слушнала силна експлозија.

– Во контакт сум со премиерот Стефан Јанев кој веќе ги посети луѓето. Имав прилика да разговарам со еден од преживеаните. Тој објасни дека спиеле во автобусот која се слушнала силна експлозија. Успеале да скршат еден од прозорците и да се спасат неколку луѓе. За жал, другите не успеале. Се работи за страшна трагедија заради тоа што најмногу се деца – 12 деца се помали од 18 години, а и другите се млади луѓе на околу 20-30 години. Најголем дел се наши граѓани, но има и од Србија, изјави Заев за МИА.

07.50 ч: Автобусот во кој загинаа 45 патници бил на Беса Транс

Патничкиот автобус кој ноќеска се запалил во Бугарија и каде загинаа 45 патници меѓу кои и деца, бил на тетовскиот автопревозник Беса Транс, дознава „Слободен печат“ од свои извори.

Станувало збор за екскурзија на релација Скопје – Истанбул – Скопје, а при враќањето автобусот транзитирал низ Бугарија.

На истата тура упатени биле десетина автобуси од Македонија, но девет се вратиле безбедно во земјава.

07.30 ч: Заев: И Бугарите и Македонците ќе сакаат да знаат што се случило

Не знам дали се македонски граѓани, но претпоставуваме дека се Македонци. Ги известив македонските служби да ги подготват екипите и да пристигнат на лице место. Ова го изјави премиерот Зоран Заев за БНТ.

– Трагично е што меѓу жртвите има и деца. Многу сме им благодарни на бугарските власти ако ги откријат причините за несреќата и ги споделат со Севена Македонија. Сигурно граѓаните на Северна Македонија и Бугарија ќе сакаат да знаат што се случило. Знам дека станува збор за голем пожар и дека поради него загинале многу луѓе, но дали избувнал за време на сообраќајката или потоа ќе кажат експертите. Нашата болка е голема и сочувствуваме со семејствата на загинатите, додаде Заев, а пренесува Дневник.бг.

07.13 ч: Техничка неисправност на автобусот или грешка на возачот, можни причини за несреќата

Грешка на возачот или ненадејна техничка неисправност на автобусот, се можни причини за несреќата во која загинаа најмалку 46 лица, а седум се повредени, изјави директорот на бугарската националната истражна служба Борислав Сарафов.

07.04 ч: ВИДЕО: Седумнаесетгодишно девојче и шест возрасни лица се хоспитализирани во Софија, состојбата им е стабилна

Главниот комесар за противпожарна безбедност и заштита на населението во бугарското МВР Николај Николов за Нова ТВ изјави дека состојбата на преживеаните во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма” е стабилна. Тие се сместени во болницата „Пирогов” во Софија.

06. 47 ч: Директор на бугарската полиција потврди: Загинаа 12 деца, меѓу кои и двајца близнаци

Во автобусот со македонска регистрација, според првичните информации, патувале 52 патници и возачот, изјави за БТВ директорот на Националната полиција на Бугарија Станимир Станев.

06.34ч: СТРАШНА ВЕСТ: Македонски автобус се запали во Бугарија, најмалку 45 загинати и седум повредени
Најмалку 45 лица загинаа во сообраќајна несреќа на автопатот „Струма” во Бугарија, кога се запалил автобус со македонски таблици што сообраќал на релација од Истанбул до Скопје.

Според првичните информации, во несреќата има и преживеани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот