До 2030 година Скопје ќе добие пречистителната станица, завршени се 40 отсто од градежните работи, тврди Ѓорѓиевски
Случајот со загадената вода со фекалии која цел месец течела од чешмите од градскиот водовод во Гостивар, поради што неколку илјади жители на овој град имаат здравствени проблеми, веројатно го поттикна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски да соопшти што се случува со пречистителната станица која се гради во главниот град.
Препорачано
Досега јавноста беше сосема малку информирана до каде е изградбата на овој многу значаен проект за Скопје, пречистителната станица во Трубарево, со која треба да се овозможи безбеден третман на отпадните води и на тој начин да се стави крај на испуштањето фекалии во Вардар.
На својот отчет по повод 100 дена мандат, Ѓорѓиевски само накусо спомена дека е откочен најголемиот еколошки проект во историјата на Скопје, вреден околу 185 милиони евра, но не прецизираше во која фаза е реализацијата.
Сега градоначалникот вели дека проектот кој со децении бил само неопходност и надеж, денес забрзано се гради и станува реалност и дека се завршени 40 отсто од градежните работи.
– Пречистителната станица за Скопје е најголемиот и најсовремен еколошки проект во Македонија, комплексен зафат кој опфаќа изградба на околу 60 објекти кој ќе донесе историска промена во заштитата на Вардар, животната средина и здравјето на граѓаните. По првичниот застој, предизвикан од незавршени административни процедури, неусвоени детални урбанистички планови, експропријација на земјиштето и задоцнети плаќања кон изведувачот, денес изградбата се одвива со забрзана динамика и согласно планираниот работен план. Речиси 40% од градежните работи се веќе завршени – информира Ѓорѓиевски.

Според него, согласно договорот склучен меѓу ЈП „Водовод и канализација“ и изведувачот, завршувањето на градежните активности е предвидено во првата половина на 2028 година, односно за неполни две години.
– Потоа следуваат две години пробна работа, која треба да заврши во првата половина на 2030 година. Ова значи почист Вардар, поздрава животна средина и посигурна иднина за генерациите што доаѓаат – соопшти градоначалникот.
Да потсетиме дека постапката за пречистителната станица започна во декември 2019 година, во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Тендерот беше распишан во јуни 2020 г., кога беше соопштено дека во 2025 година главниот град ќе ја добие пречистителната станица, со што трајно ќе се реши проблемот на отпадни води од кои се загадува Вардар.
Токму во процесот на тендерирање пречистителната станица стана тема во јавноста, кога тогашната градоначалничка Данела Арсовска го разреши директорот на „Водовод и канализација“ Златко Перински, затоа што, според неа, „ги брцнал рацете во медот“, односно како што беше официјално соопштено од Град Скопје, поради „обиди за влијание што се сметаат за тенденција што ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра за изведба на пречистителна станица“.
Една година подоцна, во 2023-та, беа избрани фирмите што ќе ја градат станицата и беа потпишани договори со домашната „Жикол“ и германската „ВТЕ Васертехник“.
За изградбата на пречистителна станица парите се обезбедени од ЕУ како неповратен грант од 70 милиони евра, за што Владата потпиша договор, додека преостанатите средства од околу 137 милиони евра преку кредит од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој.
Пречистителната станица се гради на површина од над 180 илјади метри квадратни, а проектот опфаќа изградба на 60-тина објекти, од кои повеќето се во фаза на изградба. Комплексниот објект ќе се состои од единица за преттретман и единица за биолошки третман кои треба да се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман, со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот, треба да се изгради во втората фаза на проектот планирана до 2045 година.
Откако ќе биде пуштена во функција, ќе може безбедно да ја третира и да ја прочистува водата за 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2024 година.


