Само три дена пред да се открие дека гостиварци пиеле вода со фекалии, ЦЈЗ Гостивар доставил извештај дека водата може да се пие!
Водата во Гостивар не смее да се користи ниту за пиење, ниту за подготвување храна. Забраната останува во сила сè додека со анализи не се потврди нејзината безбедност, соопшти Оливер Миланов, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, која издаде забрана веднаш откако беше пријавено дека водата е загадена.
Препорачано
Миланов очекува во најбрз временски рок гостиварци да добијат техничка вода и вода за пиење, а веќе ѝ наложиле на Општина Гостивар дехлорирање и деарсенизација. Но, она што го кажа, а не се совпаѓа со реалната ситуација, е дека АХВ последен пат на 13 јули, добила извештај од Центарот за јавно здравје – Гостивар дека водата за пиење е безбедна.
„Последниот извештај за водата во Гостивар е од 13 јули годинава од Центарот за јавно здравје – Гостивар и тогаш водата била безбедна за пиење“, рече Миланов.
Сега се поставува прашањето како бил доставен ваков извештај, ако истрагата на Обвинителството утврди дека во водоводната мрежа диви пумпи вбризгувале вода со фекалии, од која пиеле граѓаните од 25 јуни до 16 јули.
„Тие на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. На 16 јули, при извршен увид на лице место, констатирано е дека две од потопните пумпи си уште биле во употреба и преку потисни црева поставени низ преливниот отвор ја пренесувале водата со штетна материја-колиформни бактерии од отворен систем – канал во комората каде се наоѓа вода од системот за пиење со определен дефиниран квалитет во затворен систем“, соопшти Обвинителството.
„Слободен печат“ објави дека стручно мислење од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Тетово, изработено на 29 јуни годинава, покажало дека „водата одговара на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа“, а сега се зборува за нов извештај.
Официјално: гостиварци пиеле фекалии од чешма од 26 јуни до 16 јули – водата содржела 48 пати повеќе колиформни бактерии од дозволеното
Инспекторите на АХВ од вчера се на терен, a Миланов најави дека ќе ги казнуваат сите оние кои не користат техничка вода, со оглед на тоа што граѓаните на Гостивар сведочат дека рестораните и кафетериите работат и се прават свадби.
„За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ веднаш издаде времена забрана за употреба на водата за пиење. Во текот на вчерашниот ден, активностите беа значително проширени, при што инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство земаа дополнителни мостри и тоа од целиот водоснабдителен систем, вклучително и од јавни установи, градинки, угостителски објекти и други кои ја користат водата од овој водоснабдителен систем за пиење и за подготовка на храна. Во рамки на законските овластувања, Агенцијата ќе ги преземе сите неопходни мерки против сите субјекти кај кои ќе се утврдат пропусти или непочитување на законските обврски. Апелираме до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и локалните власти во однос на користењето на водата за пиење, сè до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосното нормализирање на состојбата“, рече Миланов на прес-конференција во Владата.
Вчера биле земени примероци од јавна чешма во Гостивар, од две градинки, од Општата болница, од ресторан, како и од чешми во црква и џамија.
„Земени се мостри од јавна чешма во Гостивар, чешми од две градинки, чешма од Општата болница, чешма од ресторан и чешми од црква и џамија. Институтот за јавно здравје треба да ги достави резултатите од испитувањата направени вчера“, изјави Миланов.
Целта на вонредните засилени мерки е прецизно да се утврди изворот на контаминација, степенот и обемот на загаденоста, како и да се обезбедат нови релевантни лабораториски резултати врз основа на кои ќе бидат преземени сите понатамошни мерки во конкретниот случај.
„Откако добиле известување од јавен обвинител и по пријавата од МВР Гостивар, инспекциските служби на АХВ спровеле вонредна контрола во овој водоснабдителен систем во село Вруток, Општина Гостивар. Согласно законските надлежности и воспоставените протоколи, контролата беше спроведена на 16 јули во доцните вечерни часови, во соработка со претставници на Министерството за животна средина, ОЈО Гостивар и крим-техника – МВР Гостивар. Со надзорот беше утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение се поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем“, порача тој.
Директорката на Инспекторатот за животна средина, Ивана Гиновска, на истата прес-конференција рече дека од 2021 година не било утврдено дека операторот, односно гостиварски „Комуналец“, ја прекршил дозволата, а пумпите биле поставени на диво, на 800 до 900 метри од главниот цевковод и тоа не можело да се спречи со никаква превенција.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, кажа дека случувањата во Гостивар се сериозен инцидент.
„Сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста“, рече тој.
За проектот со швајцарската амбасада, Хоџа рече дека филтер-станицата била ставена и предадена во употреба, проектот траел од 2011 до 2014 година и е предаден на стопанисување на јавното претпријатие „Комуналец“.
Пред 20 дена водата во Гостивар била „добра“, според Центарот за јавно здравје-Тетово
Тој објасни дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води, се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија.
„Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори. Истовремено, контролата на квалитетот на водата за пиење е законска обврска на центрите за јавно здравје, кои имаат обврска континуирано да ја следат исправноста на водата и навремено да ја информираат јавноста и надлежните институции кога ќе се утврди ризик по јавното здравје. Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на обезбедување услови за подобра комунална инфраструктура“, рече Хоџа.
Обвинителството вчера конечно излезе со информации дека гостиварци пиеле вода од чешма загадена со фекалии 48 пати над дозволените граници. Пумпите во Гостивар, кои влечеле отпадна вода во централната водоводна мрежа од која пиеле граѓаните, биле поставени на 26 јуни 2026 година, а престанале да работат кога Обвинителството почна истрага, на 16 јули. Сите тие 20 дена гостиварци пиеле вода со фекалии, се туширале со неа и ја употребувале во домаќинството како техничка вода.
Осомничени се Артана Асани, директорка на гостиварски „Комуналец“, техничкиот раководител на секторот за технички работи Леон Нуредини и раководителот на одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие Вадедин Дервиши. Тие се осомничени дека со штетна материја ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ги снабдува со вода Општина Гостивар и дел од околните села.


