На хартија бараат работа, во реалност се молат да не ја најдат
Над 41 илјади „баратели на работа“ не бараат работа, велат од АВРМ, но потенцираат дека во секој момент можат да го сменат статусот
Се водат во евиденција, но не се активни на пазарот на труд, не бараат работа, не се вклучуваат во мерки за вработување, а можат во секој момент да го сменат статусот. Вака го објаснуваат експертите статусот на над 41.000 луѓе во Македонија кои се евидентирани како „други лица кои бараат работа“, категорија која покажува дека секој што се наоѓа во евиденцијата на Агенцијата за вработување не е активен барател на работно место.
Податоците на АВРМ откриваат дека заклучно со 31 мај 2026 година, во системот има 41.332 лица кои бараат работа, но не се активни, додека бројот на активни невработени лица изнесува 86.116.
Разликата меѓу овие две групи е голема, едните активно бараат работа и се подготвени да прифатат понуда, додека другите се заведени во системот, но не се подготвени веднаш да влезат на пазарот на трудот.
Препорачано
-Друго лице кое бара работа е економски активно или неактивно лице кое се евидентира во Агенцијата за вработување на РСМ, но не бара активно работа и/или не е подготвено да прифати работа – објаснуваат од АВРМ.
Токму тие се причината поради која бројките за оние што „бараат работа“ често создаваат поинаква слика од реалната состојба. Иако се дел од евиденцијата, тие не се третираат како активни учесници во борбата за вработување.
Од Агенцијата велат дека нивните услуги и мерки се насочени пред сè кон оние кои активно бараат работа.
-Фокусот на работењето на Агенцијата е ставен на невработените лица, бидејќи тие се учесници на пазарот на трудот за кои Агенцијата обезбедува посредување при вработување, индивидуално советување, изработка на Индивидуален план за вработување и вклучување во активните програми и мерки за вработување – велат од институцијата.
Но, што значи тоа за 41 илјада луѓе кои не се активни? Тие не можат да бидат дел од процесот на посредување преку АВРМ и не се вклучуваат во активните мерки за вработување.
-За лицата кои се евидентирани како други лица кои бараат работа, Агенцијата обезбедува евидентирање и информации за пазарот на трудот, но тие не се вклучуваат во посредувањето при вработување и активните мерки, бидејќи не го поседуваат статусот на активен барател на работа – наведуваат од АВРМ.
Причините поради кои дел од лицата не бараат активно работа се различни. Некои не се подготвени веднаш да прифатат работно место, други не ги сметаат понудените услови за доволно привлечни, а важни фактори се платата, работното време и условите кај работодавачите.
Од АВРМ велат дека и кандидатите имаат право да одлучат дали ќе ја прифатат понудата.
-Невработените лица самостојно одлучуваат дали ќе прифатат вработување или не, зависно од условите за работа кои ги нуди работодавачот, организирањето на работното време, понудената плата и другите услови за работа – посочуваат од Агенцијата.
Сепак, статусот не е траен. Секое лице кое ќе одлучи повторно активно да бара работа може да се врати во категоријата на активни баратели.
-Другите лица кои бараат работа можат во секој момент, врз основа на изјава, да преминат во евиденцијата на невработени лица и активно да се вклучат на пазарот на трудот како баратели на работа – велат од АВРМ.
Бројката од 41 илјада луѓе отвора ново прашање – колку од нив би се вратиле на пазарот на трудот доколку им се понудат подобри услови и работа што одговара на нивните очекувања.


