Се јави „Комуналец“ од Струмица, вели дека е можно депонијата во Доброшинци да се самозапалила од метан
Откако депонијата во село Доброшинци со денови гореше, пожарникарите на неколку пати ја гасеа, а жителите на Струмица дишеа чад, сега конечно се јавија од струмичкиот „Комуналец“, од каде велат дека, веднаш по настанот, нивни екипи заедно со противпожарните служби пристапиле „кон интервенција и стабилизирање на состојбата, со ангажирање на сопствената механизација на претпријатието“.
Препорачано
„Според првичните согледувања, една од можните причини за пожарот е самозапалување предизвикано од метан, кој се создава при разградување на органската материја во депонијата — појава карактеристична за вакви простори. Состојбата на депонијата е резултат на долгогодишни предизвици во нејзиното управување и опременост, кои бараат системско решение“, забележуваат од претпријатието.
Во наредниот период „Комуналец“ најавува дека ќе ангажира дополнителна механизација за целосна оперативна санација на депонијата, ќе постави видео надзор на просторот и ќе ја следи и стабилизира состојбата, со цел, како што вели, да се спречат слични ситуации во иднина.
„ЈПКД Комуналец Струмица ја сфаќа сериозно грижата на граѓаните и ќе продолжи да презема мерки за одговорно и современо управување со депонијата“, стои во соопштението.
Синдраковски: Депонијата со години функционира без соодветна механизација и надзор
Директорот на претпријатието, Кире Синдраковски, исто така се јави преку Фејсбук. Тој се пожали дека депонијата со години функционирала со ограничена механизација, без современ надзор и без системско решение.
„Нема да ја разубавувам сликата: состојбата ја затекнавме таква, но одговорноста да ја промениме е наша. Затоа веќе презедовме конкретни чекори: ангажираме дополнителна механизација за целосна санација, поставуваме целосен видео надзор и воспоставуваме постојано следење на состојбата. Грижата на граѓаните е оправдана и ја разбирам. Ветувам дека депонијата ќе се управува одговорно – не со зборови, туку со мерки што ќе се гледаат“, напиша тој на Фејсбук.
„Здрава котлина“: Треба да има селекција и рециклажа на отпад преку модерна фабрика
Од организацијата „Здрава котлина“, кои на повеќе пати алармираат за проблемот со депонијата, велат дека конечно се појавил некој од јавната администрација и преземал одговорност во оваа децениска сага со депонијата Шапкар. Екоактивистите ги поздравуваат предложените мерки, но, истовремено сметаат дека тие може да имаат краткорочен ефект, а подолгорочно треба да има селекција и рециклажа на отпад преку модерна фабрика – како во Словенија или Австрија.
„До тогаш останува да внимаваме и да видиме конкретно исполнување на ветеното од денес. Општина Струмица и Општина Василево се клучни во овозможување на ЈПКД ‘Комуналец’ за соодветно менаџирање на одлагањето на отпадот и мора да помогнат на секој начин за да се отстрани оваа опасност. Дополнително мора да се внимава на секој што дополнително загадува или несоодветно го одлага отпадот и да се делува прво превентивно, па ако треба и репресивно. Да видиме на дело како ќе биде одржано денешното јавно ветување. Ние продолжуваме редовно да следиме и јавно известуваме како и досега. Законот вели НУЛА денови на горење и тоа е мерилото што ќе мери. Животот и здравјето на сите во оваа наша котлина има приоритет и неопходно е да се направи се што може за да се заштитат граѓаните!“, соопштија од „Здрава котлина“.


