Пред проба со бендот „Персеида“: Колку повеќе нè викаат да свириме, толку повеќе креираме за тие настапи
Од првата идеја за бендот до песните што допрва ги создаваат, со членовите на „Персеида“ разговаравме пред нивната проба за нивниот звук, шугејзот, инспирациите и првата година на сцената.
Пред штимувањето на инструментите и првиот отсвирен тон – пред да започнат со проба – се најдовме со еден од новите скопски бендови, „Персеида“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Последните неколку месеци името „Персеида“ сè почесто се споменува меѓу љубителите на еден поразличен вид музика. Иако се оформи пред помалку од една година, во август, групата веќе се издвојува на сцената како една од оние за кои сите со нетрпение чекаат да видат што ќе биде следно и се прашуваат „Кога ќе свират повторно?“
Групата ја сочинуваат Георги Николчов – гитара, Ѓорѓи Јакимовски – гитара, Никола Ристовски – тапани, Надја Димитрова – вокал и Ива Ромевска – бас. Нивниот деби-сингл „Апатија“ беше објавен пред само неколку недели. Иако многу од песните сè уште не се објавени и не се на дофат во кој било момент, нив можете да ги слушнете во живо на секоја свирка на бендот, а следната можност е на 22 јули, кога „Персеида“ ќе настапува во „Ла кања“, во рамки на повеќедневниот настан „Алтернативно Скопје 5“.
Во центарот на главниот град, среде летниот топлотен бран, се сретнавме со целиот бенд во кафе-барот „Биртија“, каде што тие ни раскажаа сè за својата прва година од заедничкото постоење како бенд.

Пред да навлеземе во музиката, да се навратиме на моментот кога таа се создава за првпат. Како изгледаат првите неколку минути на една проба?
Никола: Сега, буквално само ќе отидеме на проба и ќе седиме, јадеме, пушиме цигари и ништо друго. Порано беше поразлично, веднаш кога ќе отидевме на проба почнувавме со спремање и со правење нови песни.
Георги: Сега е покомплициран креативниот процес.
Надја: Дека е лето и топло е, не ни работат мозоците до толку.
Би сакала да започнеме од создавањето на бендот, пред помалку од една година. Како се запознавте и како одлучивте дека сакате да соработувате заедно?
Никола: Бендот го направивме јас и Гого (Ѓорѓи). Една вечер седевме и игравме „Лиг оф леџендс“ (League of Legends) до многу касно. Таа вечер почнавме да зборуваме за бендови и дојдовме до разговорот да направиме нов бенд. Јас ја викнав Ива затоа што се знаев со неа од кавер-бенд во кој бевме заедно, пред „Големата вода“ и сите други бендови. Гоги (Георги) го викнав дека претходно ми прати снимка што многу ми се допадна.
Георги: На снимката го свирев рифот на „Катерино“ од „Вагина корпорација“ и само му ја пратив на Никола онака. Потоа објавивме стори дека бараме пејачка на нашиот инстаграм-профил.
Надја: Јас го видов сторито и почнав да барам кои се во бендот бидејќи не сакав да влезам во бенд каде што не знам никого. Штом дознав дека Георги е таму, одма го прашав.
Ѓорѓи: Јас свирев во „Бик“ со Никола, Симон Стојчевски и Лука Петковиќ пред да почнам да свирам во „Персеида“. Уште свириме, само не сме толку активни.

Што се однесува на името на групата, кое е доста несекојдневно, зошто одбравте токму „Персеида“ и кое е значењето?
Надја: Прво требаше да се викаме „Подморница“, кога влегов јас во бендот така се викаше. Ама на никој од нас не ни се допаѓаше името, освен на Никола. По месец дена постоење, одлучивме да го смениме. Имавме пет дена еден по друг кога седевме до два саат сабајле и се мислевме. Имаше некои многу лоши предлози како „Крвава месечина“ и „Волчја ноќ“ и слично. Јас и Георги бевме кај Гого на работа и се мислевме за имиња. Почнавме да бараме имиња на соѕвездија, галаксии и комети и се спомна Персеида. Јас требало да се викам Персеида. Тоа ни е шега со татко ми и до ден-денес, уште ме вика Персо. Им го кажав тоа и на другите и им се допаѓаше.
Вашата музика спаѓа во рамките на шугејз жанрот. Од кои артисти, од домашната и странската сцена, црпите најмногу инспирација и како тие влијанија се прелеваат во вашата музика?
Никола: Нашите песни се мешавина на старата и новата генерација на шугејз. Најмногу влечеме инспирација од бендови како „Флешватер“ (Fleshwater), „Мај блади валентајн“ (My Bloody Valentine), „Слоудајв“ (Slowdive) и слично.
Ива: Малку и од „Кокто твинс“ (Cocteau Twins), особено „дримпоп“ аспектот.
Георги: Се мешаат влијанија. Пробуваме да комбинираме постари, класични, шугејз звуци со малку понови, со влијание на метал и хардкор елементи.

Вашиот деби-сингл „Апатија“ беше издаден пред неполн месец, заедно со видеозапис за песната. Зошто се одлучивте токму за оваа песна како прва?
Никола: Се мислевме меѓу нашата најпрва песна што ја направивме и „Апатија“. „Апатија“ е поенергетична, повеќе го привлекува вниманието и е послоевита. Кога ја свириме на свирки, на луѓето многу им се допаѓа. Повеќето песни ни се со некое интро и гитари, па потоа почнува песната. Малку ни се здосади од тоа и затоа ја создадовме „Апатија“, која почнува веднаш.
Георги: Затоа е и совршена како за сингл. Исто така, песната има многу делови и еволвира. Искуство е да се слуша целата песна. Многу природно течеше создавањето и снимањето на „Апатија“. Се познаваше дека ќе биде добра песна. Исто така, беше и многу брзо направена, за чудо. Ни требаа три-четири снимања.
Надја: Најинтересна е. Кога ги снимивме двете песни, многу се забележуваше дека оваа ни се допаѓа повеќе на сите. Поинтересно беше да ја снимаме.
Ива: „Апатија“ си е најмногу своја. Другите песни кои се спремни можеби наликуваат една на друга, но „Апатија“ е поразлична и се издвојува од сите.
Што може да се очекува од веќе спремните песни кои ќе го проследат овој деби-сингл и дали наликуваат на него или водат кон некој нов правец?
Никола: Не се толку директни и нападни, како „сега мора да го слушаш ова“, туку повеќе се опуштени.
Надја: Исто така, мислам дека имаат покласична структура, не се толку експериментални и комплицирани како „Апатија“. Поедноставни се.
Ива: Некако природно дојде одлуката останатите песни да бидат такви. Структурата буквално природно така ни доаѓа, ако ни се свиѓа така, така е. На некој начин, песната ни е прво некаква мала џем-сесија, па потоа се одлучуваме што останува.
Георги: Сите песни се добри, можеби не за сингл, но се добри во друг контекст. Песната што сакаме да ја извадиме следно се вика „Жад“. Едноставно ѝ е заразен рефренот и е наједноставна песна, ама е добра. Повеќе се фокусира на ефектите, на гитарите и слоевите, на тој момент. И самото пеење е понежно. Едвај чекаме да ја извадиме.
Со неколку веќе оформени и создадени песни, дали мислите дека веќе имате цврста жанровска дефиниција или сè уште трагате и го истражувате вашиот звук?
Георги: Поинтересно е да експериментираме отколку да се најдеме и толку. Многу сме млади за тоа. Сакаме поопширна да ни биде музиката, да не биде само шугејз, да има малку „дримпоп“, некои песни да се повеќе „хардкор“.
Ива: Не сакаме и да се лимитираме со еден жанр. Имаме од сè по малку, само сега е најблиску жанровски до шугејз поради ефектите и гитарите.

Има ли некој артист од домашната сцена со кого би сакале да соработувате на иден материјал?
Надја: Веќе имаме испланирано да направиме песна заедно со „Алембик“. Мислам дека тие се најсродни со нас, најслични по стил. Јас многу би сакала да работам со Ива Дамјановски, мислам дека е феноменална пејачка и дека убаво би ни оделе гласовите заедно.
Никола: Дефинитивно би сакале и со други артисти. Немаме зборувано со никого освен со „Алембик“, ама би сакале и со „Малард“ и со „Животни“.
Георги: Интересно е што, на нашата сцена, можеме со тие бендови што нè инспирираат да контактираме и да договараме вакви работи. Мене многу ми се допаѓаат „Вагина корпорација“, особено албумот во живо и „Луфтанза“ бидејќи се слоевити и комплексни. Би рекол и дека „Луфтанза“ дефинитивно имаат и некои шугејз песни како „Сенки“, „Ангел“ и други.
Пред проба со бендот „Алембик“: Како звучи една песна што треба да биде под вода?
Првиот настап во живо го имавте по само два месеца од создавањето, на странската сцена, на „Пирит фест“ во Митровица, што е доста ретко за младите бендови денес. Какво беше искуството да настапувате за првпат на сцена, особено пред непозната публика?
Георги: На „Пирит фест“ имаше свежа енергија, без никакви предрасуди, како што би имало во Скопје, со гласини и слично. Мислам дека имавме само пет песни направено тогаш. Последната дури ни беше импровизирана. Буквално за фестивалот направивме три песни можеби, многу се брзавме.
Надја: Јас не ги ни знаев текстовите на некои од нив. Се сеќавам како, пола саат пред свирката, сите јадеа и играа фузбал, а јас ги препишував текстовите по трипати во тетратка за да не ги заборавам. Тогаш сфатив дека не ги знам текстовите, не ми текна на тоа пред. Сепак, луѓето се чудеа како тоа ни беше прва свирка. Многу нè пофалија сите.
Ива: Таа свирка нè зближи сите. Тогаш уште се немавме сите добро запознаено. Исто така, сите таму беа многу фини. Одлична прилика и одлично искуство беше.
Никола: Уште немавме свирено никаде и кога нè викнаа си рековме дека е супер првата свирка да ни биде надвор од Македонија. На патот накај дома бевме многу тажни што заврши.

Вториот настап, кој истовремено ви беше прв на домашната сцена, беше на фестивалот „Ре:старт“ во Скопје, неколку месеци по „Пирит фест“. Која е главната разлика меѓу настапувањето дома и на странската сцена за вас?
Ива: Тука сите ни се другари. Многу ми беше мило да слушнеме комплименти од луѓе што не ги знаеме во Косово, дека навистина им се допаѓа музиката. Овде, кога некој ти е другар, и да не му се допаѓа музиката, ќе каже дека добро сме свиреле.
Надја: Јас имам помалку трема кога сум во друга држава бидејќи никого не познавам. Овде, каде и да се свртам, гледам познати лица и знам дека ќе зборуваме по свирката. Луѓето во Косово, на пример, не ме знаат и нема да ме видат никогаш пак најверојатно. Ние сме само еден од милион бендови што ги гледаат. Сè што слушаат е музиката.
Георги: Исто така, „Апатија“ всушност ја направивме за да ја свириме на „Ре:старт“. Така што, треба повеќе да нè викаат на свирки за да креираме повеќе.
Со неколку настапи зад вас низ последните месеци, кој би го одвоиле како омилен?
Сите членови, едногласно: „Ре:старт“.
„Ре:старт“: Фестивал кој создава нов простор за младата македонска алтернативна сцена
Какво е вашето искуство на македонската сцена и просторот што ви е овозможен за настапување и креирање досега?
Ѓорѓи: Многу се чувствува како да е едно семејство, заедно со другите артисти.
Георги: Многу поддршка имаме од сите. Поентата на „Гола планина“ секогаш било да ни нуди платформа за ние да создаваме и за да го поттикне тоа творење. Мислам дека кој било бенд може да се вклопи лесно и затоа ми се допаѓа тоа. Колку и да си млад и неискусен, ќе те поттикнат да бидеш нешто. На некој начин, ние, заедно со „Големата вода“, со „Малард“ сме некој нов бран на овој тип на музика. Како што почнува новиот бран, може да прерасне во нешто поголемо, еден огромен бран на алтернативното движење.

Што е во план за иднината – настапи, нов материјал и слично?
Георги: Во среда, на 22 јули, свириме во „Ла кања“, како дел од „Алтернативно Скопје“. Се надеваме дека ќе има луѓе бидејќи енергијата во „Ла кања“ е многу убава.
Никола: Планираме да го извадиме албумот што е можно поскоро. Сакаме и песната со „Алембик“ да биде на албумот.
Ѓорѓи: Прво да го доснимиме и да ги допишеме песните. Уште е во процес. Сега снимаме, околу седум песни ни се спремни и сакаме да направиме уште некоја, да бидат барем десет.


