По цели 35 години — Маријана и Росана снимија нова песна, заедно со Дац и Александар
По повеќе години, сестрите близначки Маријана Новачевска и Росана Сариќ-Тодоровска повторно се обединија во музичко студио и снимија нова заедничка песна.
Препорачано
Убавата вест ја сподели Маријана Новачевска преку својот фејсбук-профил, откривајќи дека деновиве го реализирале новиот музички проект заедно со Александар Митевски и Драган Спасов – Дац.
„Со гордост објавувам дека после многу години деновиве снимивме нова песна, нов хит со Александар и Дац.
За песната ‘Засекогаш млади’ од композиторот Александар Митевски деновиве се снима и спот со кој ќе ја промовираме истата.
Среќата е уште поголема затоа што сум со Росана, Александар и Дац“, напиша Маријана.
Песната „Засекогаш млади“ е авторско дело на композиторот Александар Митевски, а во тек е снимањето на видеоспотот што ќе ја придружува нејзината промоција.
Маријана Новачевска и Росана Сариќ-Тодоровска се македонски пејачки и сестри близначки, кои оставија значаен белег на домашната музичка сцена. Родени се на 14 декември 1964 година во Куманово, а првите јавни настапи ги имале на 17-годишна возраст.
Музичката кариера ја започнаa како дует „Маријана и Росана“, кој во текот на 1980-тите години стана еден од најпопуларните во Македонија. Нивниот препознатлив вокален израз и соработката со композиторот Тоде Новачевски резултираа со голем број хитови, меѓу кои „Признавам“, „Стој“, „Едно срце“ и „Ако не исчезнам“. Овие песни и денес се сметаат за едни од најзначајните во македонската забавна музика.
Во втората половина на 1980-тите, Маријана стапи во брак со композиторот Тоде Новачевски, по што двајцата се преселија во Австралија. Таа повеќе од три децении живее во Мелбурн, каде што работи како медицинска сестра на стоматолошка клиника. Иако се повлече од јавната музичка сцена, повремено објавува видеа на кои пее, а нејзиниот глас и понатаму предизвикува позитивни реакции кај публиката. Маријана е мајка на Магдалена и Филип и баба на Ива.
По заминувањето на сестра ѝ во Австралија, Росана ја продолжи музичката кариера како солист. Од 1991 година активно настапува на македонската фолк-сцена, каде што изгради успешна кариера со бројни фестивалски настапи и хитови. Меѓу нејзините најпознати песни е „Свири ми брате Цигане“, чиј автор е Тоде Новачевски. Денес Росана живее и работи во Скопје и е во брак со актерот Ѓорѓи Тодоровски – Трупче.


