Девојчето кое сонувало за одбојка, а стана една од најголемите модни икони во светот — Жизел Бундшен денес полни 46 години
Жизел Каролине Бундшен е родена на 20 јули 1980 година во Хоризонтина, во бразилската сојузна држава Рио Гранде до Сул, во семејство со германски корени. Како што наведува нејзиниот профил објавен од Програмата за животна средина на Обединетите нации, Бундшен потекнува од големо семејство и растела со пет сестри, меѓу кои и нејзината близначка Патриција.
Препорачано

EPA PHOTO ANSA GUINDANI TO-hh
Како девојче Жизел немала сон да стане манекенка, таа сакала да игра одбојка и се надевала дека еден ден ќе има спортска кариера.
Нејзиниот влез во светот на модата бил сосема случаен. Во 1993 година нејзината мајка ја запишала неа и нејзините сестри на курс за манекенство, најмногу за да научат правилно држење и да стекнат поголема самодоверба. Наместо само хоби, тоа се претворило во почеток на нејзината животна кариера.
На 14 години била забележана од моден агент во еден трговски центар во Сао Паоло, а во 1995 година се преселила во овој град за да започне професионално да се занимава со манекенство.

Не се вклопувала во тогашните стандарди
Пред да стане една од најбараните манекенки во светот, Бундшен морала да се соочи со несигурности и критики.
Поради својата висина и слабата фигура, како тинејџерка била исмевана од врсниците. Во интервју за „Њујорк тајмс“, таа раскажала дека токму нејзиниот изглед, кој подоцна станал нејзина предност во модата, во младоста бил причина поради која се чувствувала различно.
„Не изгледав како другите девојки“, раскажала Бундшен, објаснувајќи дека токму тие карактеристики подоцна ѝ помогнале да се издвојува во модната индустрија.
Големиот пробив
Во втората половина на 1990-тите, кариерата на Бундшен почнала брзо да се развива. Во 1996 година дебитирала на Модната недела во Њујорк, а потоа започнала соработка со најголемите модни куќи во светот.
Во 1998 година работела за брендови како „Мисони“, „Клое“, „Долче и Габана“, „Версаче“ и „Ралф Лорен“.

EPA PHOTO ANSA/STEFANO GUINDANI/pal-hh
Пресвртницата се случила во 1999 година, кога се појавила на насловната страница на американското издание на „Вог“. Тогаш започнал периодот во кој таа се наметнала како едно од најпрепознатливите лица во светската мода.
Нејзиното специфично одење по модната писта, често нарекувано „коњски чекор“, станало нејзин заштитен знак и влијаело врз трендовите во манекенството.
„Викторија’с сикрет“ и статусот на супермодел
Од 1999 до 2006 година Жизел Бундшен беше дел од ангелите на „Викторија’с сикрет“, што дополнително ја зацврсти нејзината светска популарност.
Во 2000 година го носеше познатиот „Фантази градник“ вреден 15 милиони долари, кој според Гинисовата книга на рекорди беше најскапата долна облека некогаш направена.
Во текот на кариерата се појави на повеќе од илјада насловни страници на списанија и стана заштитно лице на некои од најголемите светски брендови.

Семејството зад успехот
Иако нејзиниот живот со години беше под будното око на јавноста, Бундшен често зборува дека семејството има голема улога во нејзиниот успех.
Нејзината сестра близначка Патриција, која не се занимава со манекенство, долги години беше нејзина менаџерка и една од најблиските соработнички.
Покрај сестра ѝи други членови на нејзиното семејство биле вклучени во нејзината работа – сестрите ѝ помагале во различни области, од правни прашања до организација на нејзините активности.
Повеќе од манекенка
Бундшен не остана само име од модната индустрија. Таа се обиде и во актерството, со улоги во филмовите „Такси“ во 2004 година и „Ѓаволот носи Прада“ во 2006 година.
Паралелно со тоа, изгради успешни деловни проекти и започна сопствени брендови, меѓу кои и линијата за природна нега на кожа.

Жена посветена на природата
Еден од најважните делови од нејзината јавна работа е ангажманот за заштита на животната средина.
По посетата на домородни заедници во Амазонија, Бундшен започна активно да поддржува проекти поврзани со зачувување на шумите, водните ресурси и биолошката разновидност.
Во 2009 година беше именувана за амбасадорка на добра волја на Програмата за животна средина на Обединетите нации. Како што наведува самата организација, нејзината работа е насочена кон подигање на свеста за климатските промени и потребата од заштита на природата.
Нејзиниот живот надвор од модата
Од 2000 до 2005 година Бундшен беше во врска со актерот Леонардо ди Каприо. Во 2006 година започна врска со американскиот фудбалер Том Брејди, со кого се венча во 2009 година.
Двајцата имаат две деца, а Бундшен беше и маќеа на синот на Брејди од претходна врска. По 13 години брак, парот се разведе во 2022 година.
Од 2023 година таа е во врска со инструкторот по бразилско џиу-џицу Жоаким Валенте, а три години по разводот од Брејди, на 3 декември тајно стапила во брак со својот нов партнер.

Малку познат факт: има дозвола за управување со хеликоптер
Еден од најнеобичните детали од нејзиниот живот е дека Жизел Бундшен има дозвола за управување со хеликоптер.
Во 2009 година, додека живеела во Масачусетс, таа стекнала пилотска дозвола. Бундшен открила дека имала страв од летање, но решила да го надмине така што научила сама да управува со летало. Наместо да го избегнува стравот, таа избрала да стекне поголема сигурност и контрола преку обука.
Денес, на 46 години, таа е една од највлијателните личности од модната индустрија, но и пример за тоа како јавната платформа може да се искористи за пошироки општествени и еколошки цели.


