Пратеници на седница во собрание / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кризната состојба ја стави на пауза блокадата на Собранието

Компромисот меѓу власта и опозицијата за кризната состојба да продолжи до 20 октомври е дека мнозинството ги тргна пакет законите за високото образование, а опозициската ДУИ се откажа од намерата со процедурални забелешки да ја блокира седницата.

За влакно фалеше Собранието да не ја продолжи кризната состојба и до небо да се вивнат цените на нафтата и на нафтените деривати. Компромисот меѓу власта и опозицијата за кризната состојба да продолжи до 20 октомври е дека мнозинството ги тргна пакет законите за високото образование, а опозициската ДУИ се откажа од намерата со процедурални забелешки да ја блокира седницата.

Пред координацијата на пратеничките групи со потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој претседаваше со седницата, ДУИ продолжи со процедурални забелешки да ја блокира работата на Собранието откако владејачкото мнозинство со „финта“ повлече закони од една и ги презакажа на нова седница. Со тоа, според ДУИ, власта сака да го прошверцува законот за правична застапеност, за кој нема Бадентерово мнозинство, односно да ги фати на препад за да не бидат присутни на пленарната седница за да го блокираат законот.

Власта во петокот попладне повлече повеќе закони од 111. седница на која беше и законот за правична застапеност и ги поднесе на вчерашната 115. седница, на која, пак, прва точка на дневен ред беше Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба заради можност за настанување нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на Македонија.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари побара претседателот на Собранието Африм Гаши да не се крие и да објасни зошто не го почитува Деловникот.

Али Ахмети, Рина Ајдари Фото: Принтскрин

– Би било добро Гаши да е присутен и да објасни зошто не ги почитува Деловникот и Уставот. Во петокот се закажа седница на Комисијата за образование без да се почитува рокот од пет дена. Каква итност имаше свикувањето на Комисијата за образование за пакет законите за високо образование бидејќи законите се носат по редовна постапка. За ова непочитување на Деловникот, ги известивме дипломатските претставништва во земјава – рече Ајдари.

Елми Азири од Албанска лига побара Милошоски да ја прекине седницата бидејќи била закажана во петокот, а материјалите требало да ги добијат 10 дена претходно.

– Оваа тенденција да се прошверцуваат законите не им прави чест ни на мнозинството ни на Собранието. Повлечени закони па презакажани, прекинете ја седницата за да имаме време да анализираме – рече Азири.

И Халил Снопче од Алијанса за Албанците во процедурална забелешка рече дека мнозинството се однесува автократски.

Халил Снопче Форо: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

– Ние сме демократска држава, но од петокот има автократски тенденции. Видете, во петокот во 2.40 по СМС-порака добивме информација дека законите се повлечени, за кратко потоа во друга СМС-порака – дека законите се закажани и дека Комисијата за образование ќе има седница во 16 часот. И да се движиме со брзина на светлината, немаше да стасаме – рече Снопче.

Милошоски образложи дека во итни случаи седница на комисијата може да се одржи и во пократок рок, односно кога станува збор за итни случаи, претседателот може да свика седница и пред 10 дена и дека Деловникот го овозможува тоа.

– Би сакал да напоменам дека седницата е свикана во пократок рок за да може Собранието навремено да одлучи за прашања што не трпат одложување како што е продолжувањето на кризната состојба. Тоа е главната причина и во интерес на граѓаните и на стопанството да се излезе во пресрет на оваа заедничка државна потреба. Се надевам дека пратениците ќе овозможат да се одржи седницата – рече Милошоски.

Ајдари возврати дека со внимание го слушала како се труди да го образложи хаосот што го создала власта.

– Ако цел ви беше кризната состојба, тогаш зошто на Комисијата за одбрана денеска немаше претставник од Министерството и седницата се одложи. За каква ургентна ситуација зборувате? Зошто не свикавте седница само со една точка на дневен ред односно само со продолжување на кризната состојба и каде е ургентноста за законите за високо образование – изјави Ајдари.

Милошоски ѝ одговори да биде коректна бидејќи во меѓувреме министерот за одбрана дошол и Комисијата заседавала. Тој повика во интерес на граѓаните и на државата да ја поддржат кризната состојба.
Милошоски појасни дека кризната состојба завршува на 20 јули, значи вчера и им порача дека гласањето ќе овозможи да стапи на сила денес и ќе трае до 20 октомври. Тој им ги исчита законите кои ако не блокира ДУИ, би биле на денешната седница, а меѓу нив не беа пакет-законите за високо образование.

Антонијо Милошоски Фото: Принтскрин

– Наша главна интенција е да продолжи рокот на кризната состојба. Ако не се донесе, граѓаните и стопанството ќе бидат жртва на опструкциите на ДУИ – рече Милошоски.

Снопче рече дека опозицијата не е против продолжување на кризната состојба, но дека не ѝ верува на власта.

– Повлечете ги точките за високото образование, предложете ги само петте што ги исчитавте и ќе гласаме. Не префрлајте ја одговорноста врз опозицијата. Не верувам дека сте искрени во вашите намери – рече Снопче.

Опозицијата инсистираше да се свика седница само за продолжување на кризната состојба.

– Еве предлагачот односно Владата нека ја повлече точката и потоа ставете ја на нова седница, а не кризната состојба да ја третирате со другите точки за кои нема никаква ургентност. Сакате да ги шверцувате законите што вам ви се во интерес. Заборавивте кога бевте опозиција дека ништо не поддржувавте, а сега велите ќе има криза – рече Ајдари.

Милошоски апелираше пратениците на ДУИ да прифатат дека, ако седницата била свикана во редовен рок, не ќе можело да заседаваат денес, а тоа, пак, ќе предизвика криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот