Билборд на влез во Скопје/ Фото: Фејсбук на Орце Ѓорѓиевски

Се бара виновникот што ја утнал работата и го одобрил згрешениот билборд на влезот во Скопје

Доколку се утврдат дополнителни пропусти, одговорност ќе сносат лицата што биле задолжени за соодветните фази од постапката, во согласност со нивните надлежности и важечките процедури – тврдат од Град Скопје.

Цел викенд јавноста се забавуваше со новиот билборд поставен на влезот во Скопје, со кој на граѓаните што влегуваа во главниот град, Градот Скопје им посакува добредојде.

Со билбордот се пофали самиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, по што следуваа лавина реакции во јавноста откако се увидоа многу суштински грешки при изработката на плакатот во обележјата што требаше да го претстават Скопје во „кратки црти“.

Најгласни беа од Левица, од каде што посочија дека Букефал има пет нозе, дека Камениот мост е растегнат до бескрај и опремен со барем четири арки повеќе од реалното, дека наместо Калето е претставена непозната тврдина, а црквата претставена на билбордот не е автентична туку изобличена варијанта на белградската „Свети Сава“.

Накусо кажано, според оваа партија, на билбордот нема ниту трага од специфичниот урбан идентитет на Скопје, ниту се гледа наследството создадено по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

По нивната реакција, започнаа коментарите и критиките на социјалните мрежи, па грешниот билборд беше тргнат и заменет со нов.

Скопје претставено со Букефал со пет нозе и црква „Свети Сава“ — Левица го исмева билбордот што го постави градоначалникот

Градоначалникот ја призна грешката, но се обиде да ја оправда со зборовите дека кој работи и греши, како и дека е среќен ако најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка.

Опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема, па се занимава со ниски страсти. Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат! Жално е што поминаа два градоначалнички мандати и никој не го промени знакот „Добре дојде во Скопје“, кој руиниран стоеше така со години. Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук и притоа посочи дека оваа корекција ништо не го чинела Град Скопје и дека трошоците се на компанијата изработувач што го поставила преку ЈП „Улици и патишта“.

Но, иако замената на згрешениот билборд си го платила компанијата што го изработила, сепак на нејзината сметка легнале договорените пари од Градот во износ од 48.000 денари. Можеби не се многу, но се премногу за последиците што поради неодговорната изработка ги претрпеа Градот и градоначалникот.

Сепак, од Град Скопје не одговараат која е, всушност, фирмата изработувач на билбордот, туку на ова прашање одговараат дека обележјето на влезот во Скопје е поставено од ЈП „Улици и патишта“ – Скопје. Нема прецизен одговор и за тоа кој го изработи „дизајнерското“ решение на згрешениот плакат на влезот во Скопје.

Во финалното дизајнерско решение е направен пропуст од дизајнерот, кој го привлече вниманието на јавноста. Веднаш по утврдувањето на грешката е наложена нејзина корекција, а обележјето веќе е заменето со ново, целосно коригирано решение. Замената се изврши без никаков дополнителен надоместок. Тоа значи дека за исправката нема да биде потрошен ниту еден дополнителен денар од средствата на граѓаните – велат од Град Скопје за „Слободен печат“.

На прашањето дали некој го проверил билбордот пред да биде поставен и да предизвика потсмев кај граѓаните, дали некој провери што ќе биде отпечатено на него и кој ќе одговара за грешката, која е далеку од тоа да биде протолкувана само како „печатна грешка“, оттаму објаснуваат дека се проверува целокупната постапка на контрола и одобрување на финалното решение.

Доколку се утврдат дополнителни пропусти, одговорност ќе сносат лицата што биле задолжени за соодветните фази од постапката, во согласност со нивните надлежности и важечките процедури – тврдат од Градот и додаваат дека обележјето е поставено со цел достоинствено да ги пречекува скопјани, но и домашните и странските туристи што доаѓаат во нашиот град.

Но, иако грешките со обележјата на Скопје се исправени, неизвесно е дали ќе треба да се прави и трета верзија на билбордот, затоа што на него пораката „Добре дојдовте во Скопје“ е испишана на македонски и на англиски, но не и на албански јазик.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, исто така, жестоко реагираше на новиот билборд.

На билбордот со кој Скопје ги пречекува посетителите целосно му недостасува албански јазик, иако главниот град е двојазичен и неговиот идентитет со векови го градат различни етнички, културни и верски заедници – пишува Османи на Фејсбук.

Работата на локалните власти е постојано под лупа и на граѓаните и на партиските активисти. Затоа, фалење со некоја работа, доколку веќе мора да го има, не треба да се случува пред да се провери дали работата е квалитетно и одговорно завршена.

ФОТО+ВИДЕО | Билбордот со Букефал со пет нозе е сменет по критиките, Ѓорѓиевски вели дека тоа била „печатена грешка“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот