Скопје претставено со Букефал со пет нозе и црква „Свети Сава“ — Левица го исмева билбордот што го постави градоначалникот
„Букефал има пет нозе. Камениот мост е растегнат до бескрај и опремен со барем четири аркови повеќе од реалното. Скопското Кале е заменето со непозната тврдина. Александар Македонски носи капа како некаков бег. Наместо автентична црква, се појавува изобличена варијанта на белградската „Свети Сава“. Околу нив се распоредени и дополнителни архитектонски измислици“ – Левица реагира и го исмева новиот билброд „Добредојдовте во Скопје“, што вчера го постави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
-Нема трага од специфичниот урбан идентитет на Скопје. Исчезнат е модернистичкиот и бруталистичкиот слој по кој градот е предмет на меѓународен архитектонски интерес. Не се гледа наследството создадено по катастрофалниот земјотрес, ниту идејата за Скопје како град на светската солидарност. Токму во период кога Скопје треба сериозно да се подготвува за една од најзначајните европски културни титули, неговиот градоначалник го рекламира преку визуелен фалсификат. Наместо да ангажира стручни лица или барем некого што еднаш прошетал низ центарот, кабинетот прифатил производ кој би паднал и на најповршна проверка – се вели во реакцијата.
Од Левица прашуваат кој го изработил билбордот, колку е платен и од која буџетска ставка.


