Костовски се пофали со изградба на игралиште во Кучевишка Бара, жителите му побараа канализација и средени улици
Два нови спортско рекреативни центри се градат во Радишани – горна зона и во Кучевишка Бара. Градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски деновиве се пофали дека работите на двете локации се одвиваат со одлична динамика.
Препорачано
Но, граѓаните кои живеат во овој дел на Скопје сметаат дека нема логика да се прават игралишта, а да нема основна инфраструктура за да се стигне до нив.
– По кој пат да одиме до таму? По тој што е дупка до дупка или ќе обезбедите жичара за да не ги кршиме колите? – прашува во коментар под објавата на Костовски на Фејсбук жител на општината, но на неговото прашање нема одговор.
Жители пак на Кучевишка Бара, кои сѐ уште живеат со „средновековна инфраструктура“ и без канализација, велат дека игралиштата не им се приоритет.
– Браво за направеното, ама приоритет во Кучевишка Бара е канализација и улиците. Срамота за општината е да се живее на 7 километри од центар, а да се нема канализација. А, до спортското игралиште треба низ кал да се гази за да се дојди до него – вели жител на населбата.
Проблемот кој го имаат граѓаните од оваа населба, но и од населбата Бел Камен, е стар со децении и со него веројатно се запознаени сите досегашни градоначалници на Општина Бутел и на Општина Чучер Сандево. Станува збор за населби кои се лоцирани една до друга, но припаѓаат во две општини. Нивни заеднички проблем е канализацијата, но до неодамна двете општини само си ја префрлаа оваа надлежност од една на друга, без да се зафатат со решение на ова горливо прашање за жителите.
По четири години конечно почна втората фаза од уредувањето на коритото на Серава
Пред пет месеци, за првпат градоначалниците на двете општини, Дарко Костовски и Зоран Бајовски, се состанаа и се договорија со заеднички проект да го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен. Работниот состанок следеше набргу откако жителите се заканија со протести. Притоа, формирана беше и оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од овие општини.
– Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција – изјави градоначалникот на Чучер Сандево, Бајовски.
Но, засега нема информација дали е изработен проект и кога ќе почне неговата реализација и кога конечно, после долгогодишни молби и барања до надлежните, ќе добијат канализација.
Месец дена по средбата на двајцата градоначалници, Општина Чучер Сандево официјално соопшти дека започнува реализација на нова пречистителна станица во Кучевишка Бара со капацитет за 5.000 жители, која ќе го реши проблемот со третманот на отпадните води на овој дел од општината.
Како што беше наведено, пречистените води ќе се испуштаат во колекторот што ќе се изгради до реката Серава, а станицата е проектирана да ги исполни релевантните еколошки стандарди. Проектот ќе се спроведува во две фази – во првата треба да бидат приклучени 3.000 жители, а во втората 2.000.


