Бизнисменот го преживеа атентатот во Монако, сега ги обвинува украинските разузнавачки служби
Украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, кој го преживеа обидот за атентат во Монако, ја обвини украинската воена разузнавачка служба (ГУР) за организирање на нападот. Во својата прва јавна изјава по експлозијата, Јермолаев тврди дека сегашни и поранешни офицери на ГУР стојат зад обидот за атентат. Тој беше повреден во нападот, додека неговата партнерка е во критична состојба, пишува Гардијан.
Препорачано
Убиството на главниот осомничен
Француските истражители ја идентификуваа украинската државјанка Анастасија Березовска како главен осомничен за поставување на бомбата. Таа е обвинета за поставување експлозивна направа на јавно место со криминална намера. Бомбата експлодираше додека Јермолаев ја напуштал зградата со својата партнерка и нивниот 13-годишен син.
Само неколку дена по нападот, Березовска беше пронајдена мртва во близина на Киев. Украинските власти уапсија двајца мажи осомничени за нејзиното убиство: Владислав Ројт, офицер на ГУР, и Олександр Жикович, поранешен полицаец.
На минатонеделното судско рочиште во Киев, Ројт ја префрли одговорноста за убиството на Березовска на Жиковиќ. Обвинителството тврди дека двајцата, заканувајќи ѝ се со оружје, ја принудиле Березовска да влезе во автомобилот. Потоа ја однеле во шумата во близина на селото Јурив, околу шеесет километри западно од Киев, и таму ја убиле.
Заговор или одметнат агент?
Украинското обвинителство се обидува да го претстави случајот како дело на отпадник разузнавач. Тие тврдат дека Ројт ги криел своите контакти со Березовска и дека дејствувал без знаење или одобрение од врвот на службата. Сепак, Јермолаев го отфрли таквото толкување.
„Според доказите што ги имаме сега, заговорот оди подалеку од директните сторители и организатори. Вклучува и активни офицери на ГУР поврзани со нив, па дури и лица блиски до сегашното и поранешното раководство на агенцијата“, рече Јермолаев во изјава објавена од неговите адвокати.
Тој рече дека експлозијата била доволно силна за да уништи челична ограда и камени скали пред нивниот дом.
„Ова не беше предупредување. Тоа беше обид да ме убијат, не само мене, туку и моето семејство“, изјави тој.
Тој изјави дека неговата партнерка Ана претрпела „катастрофални и трајни повреди“ и дека нивниот син има изгореници, фрактури и други сериозни повреди.
„Сè уште сум на интензивна нега и само што почнувам со долгиот процес на закрепнување“, додаде тој.
Политички срам и нејасни мотиви
Случајот предизвикува срам кај украинскиот претседател Володимир Зеленски и се заканува да ги наруши односите со европските партнери, особено ако обвинувањата за вмешаност на ГУР се покажат како вистинити. Инцидентот се случува во политички чувствителен момент за Зеленски, кој се соочува со критики поради разрешувањето на почитуваниот министер за одбрана Михајло Федоров.
ВИДЕО | Украинци протестираа во Киев против разрешувањето на министерот за одбрана
Мотивот за обидот за убиство останува нејасен. Во 2023 година, Украина воведе санкции против Јермолаев, еден од најбогатите луѓе во земјата чие богатство Форбс го проценува на 220 милиони долари (191,9 милиони евра). Киев го обвини дека продолжува со трговијата со алкохол во окупираниот Крим и плаќа милиони долари даноци во рускиот буџет.
Сепак, Јермолаев не беше познат по своите проруски ставови, ниту пак јавно се поврза со Кремљ.
Украина спроведе бројни смртоносни експлозивни операции против руски офицери и украински службеници под руска контрола во Русија, но напад од ваков обем на европско тло би бил без преседан.
Друга теорија укажува на поврзаност со организираниот криминал, според која членовите на ГУР можеби биле ангажирани како платени убијци. Украинските власти го обвинуваат возрасниот син на Јермолаев, Артур, дека раководел со криминална организација која се занимавала со телефонски измами од големи размери во неговиот роден Днепар.
Ваквите мрежи долго време се поврзани со криминални групи, иако нема јавно достапни докази што директно ги поврзуваат обвинувањата со нападот во Монако.
ВИДЕО | Украински олигарх и неговото семејство се повредени во бомбашки напад во Монако


