Фото: Kindel Media / Pexels

Главоболката на горештините не е безопасна — може да биде знак за сериозен проблем

Главоболката може да се појави на топло време или во текот на физички активности што ја зголемуваат телесната температура. Сепак, ретко е последица на самата топлина, туку најчесто е предизвикана од некој поврзан предизвикувач, како што се дехидратација, прекумерно изложување на сонце или топлотна исцрпеност. Лекувањето и превентивните мерки, како што се внесување течности и избегнување на сонце, можат многу да помогнат, пишува „Медикал њуз тудеј“.

Можни причини

Главоболките што се појавуваат при повисоки температури обично се предизвикани од еден од следниве фактори.

Една од најверојатните причини е дехидрацијата. Недостатокот на течности во телото доведува до стеснување на крвните садови, што може да предизвика главоболки. Во текот на горештините или при вежбање, телото преку потењето губи вода и електролити, а ако некоја личност не ја надомести оваа загуба, може да дехидрира. Дехидрацијата може да ги влоши и постоечките состојби како што се мигрените и со нив поврзаните симптоми.

Болестите поврзани со топлината, како што се топлотна исцрпеност и топлотен удар, се исто така честа причина за главоболки. Според американскиот Национален институте за здравје (НИХ), други вообичаени предизвикувачи на главоболка вклучуваат прекумерна изложеност на сонцето или силна светлина, недоволен сон, консумирање алкохол и лошо држење на телото.

На што укажуваат придружните симптоми

Главоболките предизвикани од топлината или факторите на животната средина може да се манифестираат со различни симптоми, во зависност од причината.

Ако главоболката е последица на топлотна исцрпеност, може да се појават и други симптоми на прегревање. Предупредувачките знаци вклучуваат обилно потење, гадење или повраќање, вртоглавица, грчеви во мускулите, слабост, замор, ладна и леплива кожа, како и брз, но слаб пулс. Исто така е можно краткотрајно губење на свеста.

Топлотниот удар е посериозна состојба со слични симптоми. Ако личноста со главоболка има висока телесна температура, жешка, сува или влажна кожа, збунетост, силен и забрзан пулс, гадење или црвенило на кожата, потребно е веднаш да се повика брза помош.

Заедно со главоболката, дехидрацијата може да предизвика и силна жед, сува уста и усни, сува кожа, темна боја на урината, замор, вртоглавица, како и намалено мокрење и потење. Ако дехидрацијата стане тешка и се појават симптоми како што се збунетост, целосно изоставување на мокрење, несвестица, забрзано чукање на срцето, забрзано дишење или шок, веднаш побарајте медицинска помош.

Лицата кои страдаат од мигрена често со силната, пулсирачка главоболка на едната или двете страни од главата чувствуваат и гадење, повраќање и чувствителност на светлина. Околу едно од пет лица со мигрена ја доживуваат и т. н. аура.

Како да се спречи главоболка предизвикана од горештините

Треба да се преземат чекори за да се спречат главоболки предизвикани од топлината, дехидратација и другите фактори на животната средина. Обидете се да останете разладени. Ако поминувате време на отворено, престојувајте во сенка колку што е можно повеќе, одморајте се често и ограничете ги активностите на постудените делови од денот. Во затворениот простор помагаат клима-уредите и вентилаторите.

Останете хидрирани. Носете шише вода со вас и редовно пијте во текот на денот. Се препорачува да се ограничи внесувањето на пијалаци богати со шеќер, натриум, кофеин и алкохол, бидејќи тие можат да ја зголемат главоболката и да ја намалат хидратацијата.

Бидете свесни за симптомите. Штом ќе ги почувствувате првите знаци на болест поврзана со топлина, како што се замор, главоболка или вртоглавица, веднаш одморете се на ладно место. Преземете чекори за разладување, како на пример со пиење ладна вода или туширање.

Лекување на главоболката

Ако главоболката сепак се појави, некои техники за самопомош можат да ја ублажат или елиминираат болката. Против болки по потреба се земаат лекови. Меѓутоа, долготрајната употреба на аналгетици може да ги влоши главоболките, па затоа при хронични главоболки треба да се консултирате со лекар за план за лекување.

Ладењето и хидратацијата се клучни чекори во ублажувањето на главоболките предизвикани од дехидрација и болести поврзани со топлина.

Дополнително, промените во животниот стил, како што се доволно спиење, балансирана исхрана, корекција на држењето на телото и справување со стресот, можат да ги ублажат главоболките. Понекогаш одморот во ладна, темна соба со затворени очи може да ги ублажи главоболките поврзани со топлото време и изложеност на светлина.

Кога да побарате медицинска помош

Доколку имате чести главоболки, треба да се консултирате со лекар бидејќи тие може да бидат знак на друг здравствен проблем. Исто така, треба да побарате медицинска помош ако првпат почувствувате мигренозна главоболка или ако забележите промени во зачестеноста на постоечките мигрени.

Во случај на симптоми на топлотен удар, како што се конфузија, слабост и вртоглавица, потребно е веднаш да се повика итна медицинска помош.

Во повеќето случаи, главоболката предизвикана од топлината ќе помине сама по себе ако лицето се тргне од горештинтие и внесе доволно течности. Лековите против болки и одморот можат да помогнат во ублажувањето на болката.

Лицата што страдаат од мигрена треба да разговараат со лекар за стратегиите за лекување, кои често се насочени и кон ублажување на тековните и кон спречување на идните напади. Ако топлината, сонцето или други фактори на животната средина се нови предизвикувачи, важно е да советувате со вашиот лекар за дополнителни стратегии за превенција.

Депресивни епизоди, желба за храна… Како да препознаете кога доаѓа мигрена

Како да препознаете топлотен удар кај деца и како да го спречите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот