Плажата Пунта Молентис, Италија - Фото: Wikimedia Commons/ dronepicr

На 40 степени без сенка — контроверзна забрана за чадори на плажа во Италија

Италијанска општина воведе необично ограничување на една од најпознатите плажи на Сардинија – Пунта Молентис, каде што на повеќето посетители им е забрането да користат чадори за сонце, пренесува „Каза Вог“.

Мерката е воведена со цел да се намали влијанието на масовниот туризам и да се реорганизира јавниот простор по големиот шумски пожар што ја погоди областа. Новите правила, кои ќе важат до крајот на октомври, дозволуваат користење чадори само на семејства со деца помали од 10 години и на лица постари од 65 години.

Покрај ограничувањето за опремата на плажата, општината Виласимиус воведе и задолжителна такса од 10 евра по лице за пристап до песочниот дел. Одлуката предизвика бројни реакции и критики, особено поради здравствените ризици при изложување на силно сонце и високи температури.

Плажата речиси една година била затворена по пожарот

Новите правила се воведени кратко по официјалното повторно отворање на плажата за јавноста. Пунта Молентис била затворена речиси 11 месеци по големата еколошка катастрофа што се случи во јули минатата година.

Во разорниот шумски пожар била уништена локалната вегетација околу крајбрежниот појас. Огнот брзо се ширел, предизвикувајќи паника меѓу туристите и жителите на Сардинија. Многу капачи морале да бегаат кон морето за да се спасат, а повеќе од 200 автомобили паркирани во близина биле целосно уништени.

Посетителите предупредуваат на опасност од сончаница

Одлуката предизвика бројни реакции кај посетителите, кои преку официјалните канали на општината изразија загриженост поради престојот на силно сонце без можност за поставување сопствен чадор, особено во најтоплите часови од денот. Дел од нив предупредија на можните ризици од прекумерна изложеност на сонце, пренесува „Прометео“.

На социјалните мрежи не изостанаа ниту иронични коментари. Еден посетител напиша:

„Пунта Молентис: место каде што плаќате 10 евра за влез, а за возврат добивате единствено искуство – да не можете да користите чадор за плажа.“

Друг турист саркастично забележал дека престојот на плажата станал „вистински луксуз – сонце на 40 степени, без сенка и изненадување дека само семејства со деца или лица постари од 65 години смеат да користат чадор“.

Строги правила за престој и опрема на плажата

Новите мерки не се однесуваат само на чадорите за сонце. Општината воведе строг режим за времето на престој и предметите што посетителите смеат да ги внесат на песокот.

Според новите правила:

– целосно е забрането поставување конструкции како настрешници и шатори;

– забрането е користење платнени шатори и кампување;

– времето за посета е ограничено од 8 до 20:30 часот;

– посетителите мора да ја напуштат плажата до 21 часот поради воведениот полициски час.

Оваа политика, која вклучува наплата на влезница и контрола на користењето опрема за сенка според возраста на посетителите, ќе остане во сила до крајот на главната европска туристичка сезона, односно до крајот на октомври.

Многу луѓе ја избегнуваат оваа позната плажа – причината ќе ве згрози

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот