Доброволци пожарникари / Фото: ДЗС

ВИДЕО | „Вие сте респектабилна сила“: над 250 доброволци сезонава ќе се борат со пожарите во државата

Оваа сезона, рече Ангелов, Дирекцијата е подготвена како никогаш досега за справување со пожарите.

Повеќе од 250 доброволци од доброволните противпожарни друштва во Македонија денеска учествуваа на постројувањето во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје во организација на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Тие организирано ќе учествуваат во гаснење пожари на отворено во претстојната сезона како дел од тимовите за брз одговор на ДЗС.

Директорот Стојанче Ангелов во својот говор рече дека со настанот се покажува оти доброволните пожарникари можат да бидат обединети под заедничка команда и вклучени во националниот систем за заштита и гаснење пожари.

„Да покажеме дека ве има! Да покажеме колку ве има! Да покажеме дека за првпат, сите вие, припадници на доброволните противпожарни друштва од Македонија, сте обединети или имате можност да се обединете под една заедничка команда и организирано да се вклучите во националниот систем за гаснење на летните пожари на отворен простор преку тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување. Во противпожарните тимови за брз одговор на ДЗС нема да бидат примени лица кои не се членови на доброволни противпожарни друштва (ДПД). Мојата цел е едноставна и јасна – развој на доброволното пожарникарство преку развој на ДПД“ рече Ангелов.

Ангелов истакна дека овие друштва се респектабилна сила за чие доопремување е потребна поддршка. Тој им рече на доброволците дека нивната предност во однос на припадниците на полицијата и Армијата е во тоа што повеќето од нив имаат противпожарна униформа, обука и искуство.

Доброволци пожарникари / Фото: ДЗС

„И најважно од сè, вие сте доброволци, доброволно сте се пријавиле да гасите пожари, не сте испратени со наредба и сте високо мотивирани за гасење пожари на отворен простор. Но јас очекувам, колку што сте мотивирани, толку да бидете и дисциплинирани. Како припадници на тимовите на ДЗС, вие сте дел од државниот систем за управување со кризи и секој од вас ќе има посебна но значајна улога“ посочи Ангелов.

Оваа сезона, рече Ангелов, Дирекцијата е подготвена како никогаш досега за справување со пожарите.

„Што се однесува до нашата подготвеност за справување со пожари, оваа сезона сме подготвени како никогаш досега. Поради опасноста од пожарите Владата оваа година благовремено прогласи кризна состојба уште од 1 јули со што на располагање ги имаме сите механизми на кризната состојба како што е непречено учество во справувањето со пожарите на Полицијата и Армијата но и на сите останати национални ресурси“, рече Ангелов.

Додаде дека после долги години за првпат оваа година, уште од јуни, на располагање ДЗС има три функционални ер трактори со пилоти кои вчера и денес помагаат да се изгасне пожарот кај село Бајково во општината Ново Село.

Доброволци пожарникари / Фото: ДЗС

„На располагање имаме и два полициски и еден армиски хеликоптер. ДЗС на располагање има 42 специјални противпожарни возила, поранешни армиски и полициски возила, кое наместо да скапуваат по армиските или полициските паркинзи и полигони или да завршат во отпад како старо железо, се пренаменија во извонредни противпожарни теренски возила. Со договор на дело ангажирани се и доволен број на поранешни искусни припадници на Полицијата и Армијата кои ќе управуваат со овие 22 пинцгауери, 15 БТР 80 и 5 хермелини со цистерни“, рече Ангелов.

Тој рече дека на ниво на држава имаат околу 950 професионални пожарникари, 105 т.н. навални возила односно цистерни со моќни пумпи, 50 возила за гаснење на шумски пожари, 55 теренски возила со пумпи и 33 автоцистерни. Скопската БППЗ ставила во функција повеќе противпожарни возила кои, како што рече, лежеле по паркинзи поради ситни дефекти.

Доброволци пожарникари / Фото: ДЗС

Оваа година се набавени и 1.000 најсовремени противпожарни водни ранци и 1.000 противпожарни метли, противпожарните единици поседуваат голем број на лична заштитна униформа и друга противпожарна опрема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот