Од ГАК велат дека имаат две успешни ин витра последниве две години, а не ниту едно
Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство упати демант на текстот во „Слободен печат“ – „На ГАК ниедно успешно ин витро со години“.
Препорачано
Иако „Слободен печат“ уредно праша колку успешни ин витра има на Клиниката во 2025 година и не ни беше одговорено на прашањето, а потоа ни беше официјално одговорено дека не примаат пациентки за ин витро на ГАК уште од крајот на 2025 година поради реконструкција на лабораторијата (што ни беше потврдено и од пациентка што во март прашала и добила одговор дека ин витро на ГАК не прават) – од Клиниката сега велат дека на 1 јули 2026 се родило бебе од успешно ин витро, а имало уште едно новороденче во 2025 година добиено на ист начин.
„Во делот каде што во текстот на „Слободен печат“ се наведува дека „со ваучерот, на пациентка ѝ биле покриени три крвни слики додека примала хормонска терапија, а нејзе докторот во приватна клиники ѝ направил пет, од кои двете морала да ги доплати од џеб“, укажуваме дека иако во моментот не вршиме ин витро поради реконструкција на просториите на одделот и заради опремување на одделот со пософистицирана и најсовремена опрема, сепак пациентките сите останати услуги потребни за добивање на ваучер за ин витро, како и сите подготовки за ин витро процедура кои подлежат на товар на ФЗОМ, може да ги направат на нашата клиника. Дополнителните процедури кои им се наметнуваат на пациентките да ги прават во приватните институции (како што вие наведувате во текстот дека биле принудени да прават нови ПАП тестови, дополнителни крвни слики…) и истите биле наплатувани по далеку повисоки цени од овие што важат за осигурениците на ФЗОМ, е нешто што треба да се преиспита во однос на соработката на Фондот и овие здравствени институции – велат од ГАК.
Во 2024 година се отпочнало со сериозна едукација на кадарот (обезбедување на специјализации по медицинската генетика на вработените биолози и прием на нов кадар, едукација на докторите од одделот ИВФ со врвни програми на странски клиники и студиски посети на кадарот во Словенија и во Грција).
„Дури и со некомплетно реновираниот оддел за ин витро, се започна со сериозни подготвки и со отпочнување со ИВФ програмата на ЈЗУ У ГАК – Скопје. Се реализираа повеќе ин витро стандардни циклуси, меѓутоа, се отпочна и со криопрезервација на ембриони и на полови клетки, како и со изведба на ИВФ циклуси со криопрезервирани ембриони. Во меѓувреме, се потпишаа договори за соработка со 4 реномирани институции за обезбедување на донорски материјал (јајни клетки и сперматозоиди), со што се обезбеди набавка на истите и за првпат се почна со ИВФ циклуси и со употреба на донорски материјал.
Исто така, се реализираа и повеќе трансфери на криопрезервирани клетки кон нашата институција, како и кон другите приватни институции кои работат со ИВФ проблематиката во Македонија“, велат оттаму.
Заради потребата од поголема финансиска инвестиција во реконструкција на просторот и набавка на современа опрема, ГАК и Министерството за здравство побараа средства од Владата и тие беа одобрени во јуни 2025 година и потврдени во јануари 2026 година.
„Од тој момент во тек се административини и технички постапки за градежна реконструкција на одделот (вентилација, поставување лизгачки врати, промена во техничката инсталација…), како и набавка на најсовремена лабораториска апаратура. Во поглед на делот од текстот „Кога ќе се погледнат тендерите на ГАК објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, има некои контрадикторни набавки кои се користат само за ИВФ, а за кои ГАК потрошиле пари уште во февруари годинава и во мај. Нејасно е зошто, ако не се работи ин витро“, сакаме да ви укажеме на тоа дека секоја јавна институција, за сѐ што се работи во текот на тековната година, мора да има активен тендер, односно дека за објава на тендер не се трошат финансиски средатва, како што се инсинуира во текстот. Делумно или целосно набавките ќе бидат искористени кога ќе се заврши реконструкцијата на одделот за на ин витро лабораторијата, согласно потребите за работа“, велат од ГАК.


