д-р Мимоза Салтирова / фото: Слободен печат
д-р Мимоза Салтирова / фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Салтирова за врсничкото насилство: И детето жртва и насилникот имаат право на бесплатен адвокат

Врсничкото насилство не е нова појава, постоело и во минатото, но се опишувало со поинаква терминологија, дури и во законодавството, и било далеку поретко, смета д-р Мимоза Салтирова, адвокат и лиценциран тренер за правда за деца. Ако во минатото булингот го имало неколку пати во годината, сега, како што вели таа, го има неколку пати во неделата.

 

Секое дете жртва на врсничко насилсвто во Македонија е заштитено со закон и има фундаментални права кои произлегуваат од Конвенцијата за правата на детето, Законот за заштита на децата, како и Законот за правда за децата.

Д-р Салтирова во интервју за „Слободен печат“ објанува кои се правата што ги има детето жртва на врсничко насилство, кои и тоа, но и неговите родители треба да ги знаат.

– Мора да имаме предвид дека при врсничко насилство се јавува секундарна траума и кај родителот. Родителите на дете жртва на булинг и во суштина да ги знаат правата и постапката, кога ќе дознаат дека тоа му се случило на нивното дете, може да се изгубат и да не знаат како да постапат. Генерално не сме правно подготвена нација на оваа тема. Затоа е важна едукацијата – вели таа.

Кога родителот ќе дознае дека неговото дете трпело булинг, прво треба да се обрати во училиштето, оттаму по службена должност институцијата ја продолжува постапката.

– Најчесто булунгот се случува помеѓу деца што се познаваат, тоа се ученици од исто одделение, училиште или деца од истата населба. Во таквите случаи и родителите се познаваат, па неретко инцидентот се обидуваат да го решат вербално меѓу нив, но доколу ситуацијата ескалирала се пристапува институционално. Кога насилството се одвива во рамките на учебната година, за родителите првиот чекор е училиштето. Според законите и образовните стандарди, училиштето и наставниот кадар сносат директна институционална и професионална одговорност за безбедноста на учениците – вели нашата соговорничка.

Како што појаснува таа, родителот често не добива повратен одговор од училиштето, па мора самостојно да тргне по институционалниот пат. Надлежни институции се: Министерството за внатрешни работи, Министерсвото за образование, Центарот за социјални работи, Министерсвото за правда.

– Важно е да се знае дека детето жртва има право на бесплатен адвокат и бесплатна психолошка поддршка, но од државата му следува бесплатен бранител и на детето насилник. Родителот на дете жртва може да побара детето насилник да биде преместено во друг клас или училиште – појаснува Салтирова.

Таа нотира еден од најголемите недостатоци во правната процедура, а тоа е недоволната заштита на детето во системските лавиринти.

– За жал, и по две години од моето гостување во истово ова студио, кога зборувавме подетално на темата дали системот успева да го заштити детето жртва од дополнителна траума (ревиктимизација) за време на судењето, нештата не се променети. Сè уште нема посебни влезови за малолетници и техника за снимање, за да не би требало детето да доаѓа повеќепати во судот. Ова посебно е проблем во внатрешноста – вели таа.

Решението за клучниот проблем во зачестената појава на врничкото насислво таа не го гледа во промена на законот, туку во промената кај луѓето.

– Зошто при секој проблем посочуваме промена на законот? Ние не можеме при секоја ситуација да менуваме закони. Нашиот Закон за заштита на деца е одличен, дополнително имаше неодамнешни измени минатата година. Има земји каде што со децении не ги менуваат законите, па функционираат одлично. Да, општествата се менуваат, одредени работи и треба да се адатираат, но во случајов јас мислам дека не треба да се менува законот, туку треба да се смениме ние луѓето – вели таа.

Според Салтирова, комуникацијата помеѓу децата и родителите е падната на многу ниско ниво, а разговорот ја игра клучната улога за сè. Апелира сега зачестено да се разговара со децата на оваа тема, да се извлечат што е можно повеќе одговори од нив, да не се откажуваат родителите од разговор со тинејџерите и со децата, колку и понекогаш тоа да е тешко.

Погледнете го целиот разговор на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Бесплатни телефонски линии за доверлива помош и поддршка на деца и млади достапни 24/7:

„Ало Бушавко“ 070 390 632
Алтернативен број: 116 111

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот