Сашо Клековски, министер за здравство, досегашен директор на ФЗОМ / Фото ФЗОМ
Сашо Клековски, министер за здравство, досегашен директор на ФЗОМ / Фото ФЗОМ

Клековски му ги остави на Перински во аманет електронскиот рецепт и здравственото осигурување за малолетници

Досегашниот директор на Фондот за здравство, кој вчера во Собранието беше избран за министер за здравство Сашо Клековски, денеска одржа прес-конференција за сработеното изминатите две години и остави аманет за следниот директор Златко Перински да биде транспарентен, бидејќи Фондот изминатите две години беше една од најтранспарентните институции во Македонија. Како министер за здравство, Клековски ќе продолжи да го имплементира регистрирањето на здравствените работници на работните места со отпечаток со прст (фингерпринт).

-Евиденција на работно време е законска обврска, исто како евиденција на употребени лекови. Тоа е дел од управување со ресурсите. Финансиите се ограничени, мора да ги рационализираме. Како ќе се води евиденцијата, ќе разговараме со директорите. Тие мора да имаат законски утврдена евиденција и тука нема да има отстапки – рече Клековски.

Тој генерално е задоволен од работата во ФЗОМ изминатите две години, ама меѓуинституционалната соработка смета дека е спора.

-Подрачната служба на ФЗОМ во Делчево е под кирија. Има празен простор во здравствениот дом, ама ни требаше 1.5 година да ги поминеме сите процедури за да издвоиме 150 квадратни метри во здравствениот дом за подрачната служба, илустрираше Клековски.

Изминатите две години буџетот за здравството според Клековски бил поголем за девет милијарди денари. Зголемен беше капитацискиот бод за матичните лекари за 33 проценти, кои добија и нови превентивни цели меѓу кои и да превенираат депресија.

 

Платите во јавното здравство кумулативно, рече Клековски се зголемиле за 22 проценти со фокус на средномедицински кадар. Сега во јавното здравство работат 18.900 луѓе. Зголемен е и бројот на болнички услуги, но не порасна комплексноста на зафатите, смета Клековски.

-Буџетите за јавното здравство се зголемени за 26 проценти. Условните буџети за скапи лекови се зголеми и изнесува над четири милијарди денари за онкологија, педијатрија, неврологија, без листи на чекање и со зголемен опфат на автоимуните болести, рече Клековски.

Осврнувајќи се на позитивната листа, Клековски рече дека се добиени пониски цени преку воведување генеричка конкуренција.

-Покажавме дека со префрлање лекови од болничката на листата во аптека, може да им го олесниме животот на пациентите. Зборувам за онколошките пациенти. Во врска со лекувањето во странство, имаме само 17 одбивања во 2025 година. Се зголемија одобрувањата, се намалија одбивањата, се што е оправдано, се обидуваме да најдеме можност за лекување. Сето ова го направивме со 30 вработени помалку во ФЗОМ, имаме намалување на администрацијата, рече Клековски.

Од владините проекти за кои ФЗОМ презел обврска, реализирани се половина, меѓу кои позитивната листа.

-Во тек е електронскиот рецепт. Финиширањето зависи од Министерството за здравство и обезбедување на здравствено осигурување за деца до 18 години без разлика на тоа дали нивните родители имаат или немаат здравствено осигурување. Тие 2 проекти остануваат за понатаму, посочи досегашниот директор на ФЗОМ.

Клековски се пофали дека изминатите две години не донел ниеден човек од надвор во ФЗОМ, туку работел само со веќе вработените, додавајќи дека секаде има мотивирани и квалитетни луѓе, кои треба да се пронајдат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот