Николоски најави системи што ќе ги следат возачите, гужвите и несреќите во реално време
Македонија прави законски измени за воведување интелигентни транспортни системи (ИТС) на патиштата, со цел поголема безбедност, подобро управување со сообраќајот и информации во реално време за возачите. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информираше дека се менуваат пет закони, како дел од обврските од реформската агенда, во соработка со Министерството за внатрешни работи, Министерството за локална самоуправа и Делегацијата на Европската Унија.
Препорачано
-Едно од барањата во реформската агенда е воведување интелигентни транспортни системи. Во моментов веќе работиме на измена на пет закони кои ќе овозможат нивна примена- изјави Николоски.
Паралелно, со поддршка од Светската банка и грант од 13 милиони евра преку механизмот за поддршка на Западен Балкан, се подготвува поставување паметни транспортни системи на Коридорот 10, а во следниот период планирано е проширување и на Коридорот 8. На Коридорот 10 веќе е подготвена проектна документација за повеќе современи системи – автоматска контрола на тежината на возилата во движење (WIM), следење на возила што превезуваат опасни материи (HAZMAT), како и мерење на загадувањето на воздухот долж автопатот А1 (Е75).
Во рамки на проектот ќе биде воспоставен и Национален центар за управување со сообраќајот (НЦУС), кој ќе го следи и координира сообраќајот на државните патишта и ќе обезбедува информации за возачите за состојбата на патиштата, сообраќајните услови и можните опасности. Новиот центар треба да биде сместен во објектот на Јавното претпријатие за државни патишта во Петровец.
Интелигентните транспортни системи треба да овозможат побезбедно патување, побрзо информирање при несреќи и застои, намалување на времето поминато во сообраќај, како и помали емисии на штетни гасови.
Николоски: Возачите се прифатени од Брисел како професионалци


