По 346 години се затвора најстарата германска пиварница
Една од најстарите германски пиварници не успеа да го избегне крајот. „Ајхбаум“, основана во далечната 1679 година, ќе биде затворена откако обидите за спасување пропаднаа, а продажбата на еден од нејзините најпознати брендови не донесе доволно средства за опстанок.
Германската пиварница „Ајхбаум“ од Манхајм заминува во историјата по речиси три и пол века работа. Компанијата, која со генерации беше дел од пивската традиција во регионот Баден-Виртемберг, не успеа да се извлече од финансиските проблеми и покрај серијата мерки за спасување – пренесува Кликс.ба.
Препорачано
„Ајхбаум“ на крајот на октомври 2025 година поднесе барање за несолвентност пред Окружниот суд во Манхајм, откако компанијата повеќе немала доволно средства за продолжување на работењето и отплата на кредитните обврски. Во обид да ја стабилизира ситуацијата, пиварницата го продаде својот популарен бренд безалкохолен сладов напиток „карамалз“ на германската пиварница „Велтинс“. Вредноста на договорот не беше објавена. Компанијата исто така спроведе мерки за намалување на трошоците, при што бројот на вработени беше намален од 290 на околу 240 лица.
Сепак, ниту продажбата на брендот, ниту реструктуирањето не беа доволни за да се спречи затворањето.
-И покрај преземените мерки, компанијата продолжи да работи со загуба и не беше во можност да ги сервисира своите кредити. Од економски и правни причини поврзани со несолвентноста, единствената опција е започнување на процесот на затворање – соопшти компанијата.
Меѓу главните причини за кризата се намалениот извоз и падот на домашната побарувачка во последните години. Иако пиварницата имаше долга традиција и препознатливи производи, промените на пазарот, намалената потрошувачка и финансиските притисоци ја доведоа компанијата во тешка позиција. Последните месеци постоеја надежи дека нов инвеститор ќе внесе свеж капитал и ќе преземе дел од средствата на компанијата. Според синдикатот NGG, таквото решение можеше да спаси околу 100 работни места.
Градоначалникот на Манхајм, Кристијан Шпехт, изрази разочарување по неуспешниот обид за спасување.
-Крајот дојде како големо изненадување, бидејќи имаше конкретна понуда која можеше да овозможи продолжување на работата. Разочаран сум што не беше постигнат договор со доверителите за да се спречи затворањето – изјави тој.
Иако пиварницата „Ајхбаум“ ќе престане со работа, брендот „карамалз“ ќе продолжи да постои со нов сопственик. Затворањето на „Ајхбаум“ претставува уште еден пример за предизвиците со кои се соочува традиционалната европска пивска индустрија, каде историските брендови сè потешко се борат со променетите навики на потрошувачите и економските притисоци.


