Фото: ГНКА

Астрономите ја почнаа иницијативата за опсерваторијата — бараат локација, ама и поддршка од институциите

„Македонија сè уште останува меѓу ретките европски држави без современа астрономска опсерваторија од национален карактер“, забележуваат астрономите.

Граѓанско-научната космичка агенција (ГНКА), која обединува организации во областа на вселенските науки, ја започна иницијативата за основање на национална астрономска опсерваторија во Македонија, која би била достапна за науката, образованието и јавноста.

Здружените астрономи и поддржувачи на иницијативата засега објавија онлајн петиција, а изработен е и сеопфатен проектен елаборат, со кој се анализираат потенцијалните локации, како и сите научни, технички, организациски и образовните аспекти на идната опсерваторија.

Документот е основа за понатамошна комуникација со државните институции, универзитетите и научната заедница. Практично, за да може да се собере поддршка и средства за изградба на опсерваторијата.

Астрономи отворија петиција: „Македонија е дом на Кокино, а нема современа национална опсерваторија“

Македонија меѓу ретките европски држави без современа опсерваторија

Од ГНКА велат дека уште во 1961 година започнала изградба на астрофизичка опсерваторија на Зајчев Рид во Скопје, која била срушена со земјотресот во 1963 година.

„Во децениите што следуваа, различни универзитетски, научни и граѓански иницијативи ја продолжуваа оваа идеја, но без конечна реализација. Денес, Република Македонија сè уште останува меѓу ретките европски држави без современа астрономска опсерваторија од национален карактер“, забележуваат од ГНКА.

Според ГНКА, современата астрономска опсерваторија претставува клучна научно-истражувачка инфраструктура која директно придонесува за развој на науката и високото образование. Пнонатаму, велат дека би се унапредувале т.н. МИНТ дисциплини (математика, инженерство, наука и технологија), би се развивале дигиталните и инженерски вештини, меѓународната научна соработка, а учениците и студентите би добиле потребна пракса.

„Проектот предвидува современа роботизирана и далечински управувана опсерваторија, достапна преку интернет, која ќе овозможи научни истражувања, образовни програми и јавни астрономски активности“, велат од ГНКА.

Паралелно со иницијативата, ГНКА формира група за македонската астрономска опсерваторија, за да може иницијативата да почне да се анализира на терен, како и да комуницира со јавноста, но и домашните и меѓународни институции.

„Во групата можат да се вклучат астрономи, инженери, ИТ експерти, наставници, студенти, ученици, научници и сите граѓани заинтересирани за развој на науката во Македонија. ГНКА ја повикува научната, академската и пошироката јавност да ја поддржи иницијативата за основање на Македонска астрономска опсерваторија како национален научен капацитет од долгорочно значење. Целта на иницијативата е Македонија да се приклучи кон современиот развој на астрономијата, вселенските науки и научната инфраструктура“, посочуваат од ГНКА.

Новата опсерваторија „Вера Рубин“ откри повеќе од 11.000 досега непознати астероиди

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот