Медицински сестри што пет години се во Итната помош, прво влегле на конкурс за вработување, па после „пу-пу“ не важи бидејќи ги замениле сестри од поликлиники и такви со два месеци искуство
Четири медицински сестри кои во Итната медицинска помош во Скопје работат уште од 2021 година, прво влегле на конкурс во листата на сестри што ќе добијат трајно вработување и решавање на работниот статус, ама потоа биле заменети со други најдобри кандидатки, дел од кои воопшто не работеле во Итната медицинска помош туку во ординации, а некои имале само два месеци искуство во Итната помош, дознава „Слободен печат“ од свои добро упатени извори.
Препорачано
Ранг-листата се сменила и овие четири медицински сестри, од кои две се на породилно отсуство, а две на боледување, минатата недела добиле најава од службата во Здравствен дом Скопје дека ќе бидат одјавени.
И да бидат и да не бидат одјавени, директорот на Здравствен дом Скопје Самир Исени ќе треба на суд да објаснува како се променила ранг-листата и отпаднале искусни медицински сестри, кои и ковид-пандемијата ја поминале во Итната помош, а да има место за кадри што го немаат ова искуство.
Тој за „Слободен печат“ изјави дека повеќе немал ингеренции да вработува кадар со дискреционо право, туку дека има комисија за избор која ги бодува кандидатките, а тој морал да им даде решение на најдобро рангираните.
Меѓутоа, дали избраните медицински сестри биле навистина најдобро рангирани, со најмногу бодови, ќе се одлучува на суд, затоа што четирите медицински сестри кои и по пет години немаат добиено решение во Итната медицинска помош иако оделе на работа секој ден, тужат и бараат да се поништи таа ранг-листа.
Сагата на четирите медицински сестри кои се во „лимбо“ благодарение на дискутабилниот мерит-систем во јавното здравство е долга. Во јули 2021 година тие биле примени во ИМП во ЈЗУ Здравствен дом Скопје со договор на определено време од 8 месеци. По 8 месеци, потпишале уште еден договор повторно на определено време од 8 месеци.
Како што поминувало времето, се менувале директорите и владите, но овие сестри иако работеле во Итната медицинска помош, повеќе не потпишувале никакви договори. Во меѓувреме Здравствен дом Скопје објавувал повеќе огласи на кои им кажувале на сестрите дека не се за нив, дека ќе дошло време да се реши и нивниот статус. Ним им течел и стаж и им се плаќани придонеси, ама немале потпишано освен првите два договори ниеден друг договор, а си работеле вообичаено и редовно. Во Итната медицинска помош биле и за време на ковид-пандемијата.
Во 2025 година во јули или август, им се јавиле шефовите на групи од Итната медицинска помош, да им кажат дека има конкурс за нив – за медицинските сестри што долго време работат без договори.
Во меѓувреме имале и неколку состаноци со директорот Самир Исени на кои тој им ветувал дека ќе го реши нивниот статус и да почекаат.
На прашањето како може да ги држи на работа толку време без договор, тој одговорил дека „тоа е на негова одговорност“.
-Имаше конкурс, поднесовме документи во летото 2025 година. Малку стагнираше работата поради изборите, па на крајот на декември бевме повикани на испит и потоа на интервју каде не примија сите медицински сестри што веќе 5 години сме таму. На лекарите кои ги примија, веднаш им го дадоа решението на 31 декември, пред Нова Година.
На сестрите ни кажаа дека имало некоја жалба и ќе сме почекале. Поминаа 3 месеци, отидовме пак на интервју и ни кажаа на 4 сестри од Итната помош дека не сме примени. Образложението беше дека бил донесен нов закон каде што директорот веќе не може да одлучува кого ќе прими, туку се рангира според бодови.
Но, ние видовме во закон, дека кога конкурсот е веќе објавен, тој мора да се спроведе и заврши според старите закони, а не според новиот закон што го чекаа за да може да се вадат дека „сме имале помалку бодови“, рече нашиот извор.
Медицинските сестри што биле одбиени вложиле жалба на одлуката до второстепена комисија која уште не им одговара, а во меѓувреме и тужба во суд за да се поништи одлуката со која тие немаат решение за вработување на неопределено.
-Внимавајте, сестрите што влегоа на наше место, дури не се ниту од Итната помош, туку се од поликлиниките каде што во една ординација има по три сестри, а кај нас во Итната помош има недостаток на персонал. Значи четири сестри од Итната помош оставаат без решение, за да вработат сестри од поликлиники каде што е пренатрупано – ни рече нашиот добро упатен извор.
Четирите сестри не добиваат објаснување од никого што ќе биде со нив, дали ќе продолжат вака или ќе бидат отпуштени. Освен за конкурсот и ранг-листата од која отпаднале, тие го тужат Здравствен дом Скопје и за да им се трансформира договорот со оглед на тоа што се пет години на работното место.
-Во четвртокот ни се јавуваат на сите од човечки ресурси, да ни кажат дека ќе не одјават, зашто имале многу инспекции и „не држеле до сега од жал“. Другите колешки што влегоа со новата одлука, ниту тие немаат уште потпишано решение. Значи и нив ги држат така, а одлука од второстепената комисија уште нема никаква. Ако победиме на суд, знае директорот дека ќе треба да им ги одзеде решенијата на тие што не заменија, па изгледа затоа не им дава решенија, додава нашиот извор.
Инаку, Итната медицинска помош е во катастрофална состојба во Скопје. Во секоја смена има само шест тима и има потреба од голем број вработувања. Но, наместо тоа, четири медицински сестри со искуство токму во ИМП не добиваат решение. Директорот Самир Исени пред три месеци за „Слободен печат“ изјави дека има само шест тима поради недостиг на кадар.
-Се очекуваат согласности за нов кадар, нови вработувања. Во јануари испративме барања за согласност да се вработат 35 екипи. Одговор од Министерството за финансии немаме – ни рече директорот тогаш.
Но, не е вистина дека испратил такви барања за согласност да се вработат 35 екипи, барем не според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, а како што може да се види од документот во продолжение.



