Локални избори 2025 / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Рокот истекува, договор за Изборниот законик нема

Консензус за измените на Изборниот законик нема ниту на повидок, иако денеска е последниот рок за нивно усвојување, согласно Реформската агенда. Лидерот на СДСМ Венко Филипче, денеска на прес-конференција, го повтори ставот дека за нив е неприфатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, дијаспората да гласа по електронски пат или по пошта, наместо како досега во конзуларните претставништва.

Евроамбасадорот Михалис Рокас денеска изрази надеж дека партиите ќе постигнат консензус за измените на Изборниот законик што е обврска од Реформската агенда.

– Јас навистина се надевам дека компромисот ќе се постигне имајќи предвид, според моите информации, дека координаторите на политичките партии се среќаваат на дневна основа. Така што навистина се надевам дека и овој чекор од Реформската агенда – измените на Изборниот законик ќе може да се постигне затоа што се работи за 4,2 милиони евра коишто би биле искористени за бенефит на граѓаните на оваа земја – изјави Рокас одговарајќи на новинарско прашање по промоција на возила за Државниот транспортен инспекторат набавени со донација од ЕУ.

На прашањето, која е пораката за Македонија од ЕУ во услови кога вчера четири држави – кандидати (Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија) отворија и затворија нови поглавја во преговорите со Европската Унија, евроамбасадорот рече дека се надева оти државава многу бргу ќе може да ги започне преговорите за пристапување.

– Пораката е јасна, процесот на проширувањето е инвестиција во безбедноста, сигурноста, просперитетот и конкурентноста на Европската Унија. И како што гледате, тој процес се одвива многу бргу, имаме „нагазено на гас“, за четирите земји процесот на проширување оди многу бргу. Искрено се надеваме дека Северна Македонија наскоро ќе може да го следи тој пат со цел да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Се надевам дека Македонија ќе може да го зграпчи тој моментум за да може да ги почне пристапните преговори – рече Рокас.

Тој дополни, дека се надева оти работите ќе можат да се придвижат напред.

– Веќе многу се прави зад радарот, зад погледите на јавноста, што не се гледа се со цел да може да се завршат работите. Се надевам дека наскоро ќе се најде решение кое ќе го отвори патот за започнување преговори со ЕУ, рече Рокас.

Консензус за измените на Изборниот законик нема ниту на повидок, иако денеска е последниот рок за нивно усвојување, согласно Реформската агенда. Лидерот на СДСМ Венко Филипче, денеска на прес-конференција, го повтори ставот дека за нив е неприфатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, дијаспората да гласа по електронски пат или по пошта, наместо како досега во конзуларните претставништва.

Изборниот законик е нешто за што ние имаме многу принципиелен став и забелешки поддржани од експерти за предлогот што го нуди власта. Доколку се придржуваа само до предлозите што требаше да се имплементираат од ОБСЕ и ОДИХР, немаше проблем, ќе го прифатевме тој закон и тоа е сè што бараме, да не се обидуваат да воведат механизам со кој изборите ќе се манипулираат – рече Филипче.

Според него, може да се отвори дебата во рамките на експертска група со цел да се најде соодветно решение.

Ние немаме проблем со една изборна единица, го поддржуваме и предлогот да се зголемат финансиите за помалите партии. Нека го тргнат предлогот за дијаспората и нека ги прифатат нашите две забелешки – да се стави на располагање на ДИК целокупниот изборен материјал, не само приговорите влезени во записниците, јасно да биде обележано дека се гласа со заокружување на бројот пред името, односно партијата и тоа се нашите барања, да се имплементираат сите барања од ОБСЕ и ОДИХР – дециден беше Филипче.

Во понеделникот пропадна обидот на Левица да ги седне на иста маса опозициските партии со цел да постигнат заеднички став околу измените на Изборниот законик. Откако социјалдемократите ја отфрлија идејата оценувајќи ја како театар и игра на власта, од Левица жестоко реагираа дека СДСМ уште еднаш потврдил дека политичката ирелевантност не е само прашање на изборен резултат, туку и на политички рефлекс.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека политичкиот театар, како што го нарекоа, на СДСМ, Левица и ДУИ не поминува, бидејќи, како што нагласија, се докажало дека немаат никаква намера да се договорат за нов Изборен законик.

Разидувањето за измените на Изборниот законик започнаа уште во април. СДСМ ја напушти работната група во Министерството за правда откако, и покрај предупредувањето на опозицијата, власта го укина моделот на т.н. техничката влада пред парламентарни избори, воспоставен со пржинските преговори во 2015 година за излез од тогашната политичка криза.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Димитар Апасиев: Прифаќам гласање на дијаспората по пошта во замена за една изборна единица

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот