ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Димитар Апасиев: Прифаќам гласање на дијаспората по пошта во замена за една изборна единица
Не постојат Бугари во Македонија, тоа е минорна бројка на некои кои склучиле бракови и слично, а напротив, постојат Македонци во Бугарија. Ние не ги менуваме позициите толку лесно како ДПМНЕ и сме принципиелни по тоа прашање. Впрочем, нема ништо ни да смени, дури и да ги ставиме Бугарите во Устав. Затоа што, веднаш, други две-три држави ќе стават вето, одговара Апасиев на прашањето за уставните измени.
Претседателот на Левица Димитар Апасиев му фрли ракавица на премиерот Христијан Мицкоски и му понуди согласност за гласање на дијаспората по пошта на претседателските избори како експериментален модел, а за возврат ВМРО-ДПМНЕ да се согласи на една изборна единица.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“ тој објаснува дека би се согласиле за гласање на дијаспората по пошта на претседателски избори бидејќи претседателот е доминус во меѓународното право, нè претставува во светот да гласат на претседателски избори. Но, вели, нема логика да гласа на парламентарни и на локални избори, како што бара дел од Вреди.
– Тоа е непостоечки модел во светот, да живеете на едно место а да гласате на сосема друга место каде што ниту живеете, ниту плаќате даноци и слично – вели Апасиев.
Во однос на електронското гласање на дијаспората тој е категорично против бидејќи таков случај нема никаде во светот освен во Франција и Естонија. На прашањето како се најде тоа прашање толку високо на агендата кога не дел од забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, Апасиев вели:
– Формулацијата или-или (или електронско или гласање или по пошта) можат да ја постават само вмровците да нудат алтернатива, а да те стават пред свршен чин. Тоа е ВМРО-вски мајмунлак којшто јас го истакнав. Тоа воопшто не беше споменато во четиримесечните преговори, постојат записници за тоа и одеднаш се појави како прашање на живот и смрт. Никој тоа не го бара, па дури ни самата дијаспора.
Инсистирањето на премиерот и на владејачката партија за гласањето на дијаспората електронски или по пошта тој го гледа не како калкулација, туку како „класичен заговор“ од кој губи само Левица. Истовремено, според Апасиев, апсолутно огромна е опасноста од злоупотреба на гласовите на дијаспората, а ВМРО-ДПМНЕ нема кредибилитет тоа да го бара.
– Тие се надеваат затоа што МПЦ и Црквата се секогаш десничарски настроени и дека преку нивна мобилизација тие ќе ги мобилизираат и се надеваат да гласат за нив – вели тој.
Што се однесува до изборното законодавство, за нив како партија клучна е една изборна единица и финансирањето на платеното политичко рекламирање.
– И хронично и акутно проблемот со македонското изборно законодавство е немањето една изборна единица. Ние, како партија која е најоштетена од овој изборен циклус, имаме право да го иницираме и тоа прашање да го кренеме високо на агендата. Еве колку за споредба, на изборите 2020 година кога Левица стана прв пат парламентарна партија, со два пратеника, со истиот број гласови, доколку беше една изборна единица, ние ќе имавме пет пратеници. Значи, ние на секои избори сме оштетени за 3 до 4 пратеника од овој изборен модел. Оттука, сосема легитимно и легално е да бараме промена на овој изборен модел – додава тој.
Апасиев објаснува дека токму тоа бил поводот тој како претседател на Левица да учествува на лидерската средба во јануари и да го иницира прашањето за една изборна единица со што „горе-долу“ сите се сложиле. Во однос на изборниот праг дискусиите оделе од нула од помалите до пет проценти од поголемите, а Левица, како што вели би се сложиле со три проценти.
– Но тоа е прашање на техникалија до коешто за жал не дојдовме затоа што вмровците, познати по својата префриганост и нечесност во преговарањето, фрлија димна бомба и ги минираа – вели Апасиев.
На прашањето за уставните измени и дали левица ќе гласа за нив, вели: „Апсолутно не“, бидејќи тоа го смета за измислен спор.
– Не постојат Бугари во Македонија, тоа е минорна бројка на некои кои склучиле бракови и слично, а напротив, постојат Македонци во Бугарија. Ние не ги менуваме позициите толку лесно како ДПМНЕ и сме принципиелни по тоа прашање. Впрочем, нема ништо ни да смени, дури и да ги ставиме Бугарите во Устав. Затоа што, веднаш, други две-три држави ќе стават вето. Тоа се Франција, Холандија, кои не сакаат едноставно проширување. И овие мали тукашни држави, наши соседи ги користат како маша. А ако без уставни промени не одиме напред кон ЕУ, супер, ќе одиме кон други алтернативи – изјави Апасиев.
На прашањето: „Дали сте за ЕУ или за Русија?“ одговара: „Или за Кина, можеби“, образложувајќи зошто треба да се бараат алтернативи.

Што се однесува до реконструкцијата на Владата и собраниската седница за новата влада наредната недела вели дека не треба да се бара логика во политиките на ВМРО-ДПМНЕ, освен лукративна.
– Затоа не се „замарам“, искрено не ни знам кои ќе дојдат за министри, но имаме наше експозе, и сигурно ќе бидеме против, затоа што повторно се покажа дека ДПМНЕ не ги штити националните интереси. Нивниот патриотизам се сведува на лавче, заветна и толку. И тие владеат благодарение на олигархијата, администрацијата и лумпен пролетеријатот – додава Апасиев.


