Костадиновска-Стојчевска и Љутков со меѓусебни обвинувања за тоа каде „заринка“ Законот за македонски јазик
По иницијатива на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, денеска започна надзорната расправа за примената на Законот за употреба на македонскиот јазик. Опозициската пратеничка, Бисера Костадиновска-Стојчевска обвини дека две години не се спроведува ова законско решение, додека министерот за култура Зоран Љутков смета дека недоследната и нефункционална примена не започнала со оваа Влада.
Препорачано
Костадиновска-Стојчевска посочи дека иницијативата за надзорна расправа за Законот била поднесена уште на 23 март, но, како што кажа, поради одолговлекување на власта и Собранието расправата наместо во мај се одржува дури денес.
Според ексминистерката за култура, клучните законски одредби досега останале само на хартија.
„Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци после донесување на законот, ништо друго по однос на овој закон не функционира. Видовме два инспектори коишто се вработени пред пола месец во самото Министерство за култура, кои што треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да можат да прават надзор“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека Законот бил донесен по едногодишни јавни расправи и со широк политички консензус, поради што, како што рече, е недозволиво институциите денес да го игнорираат и да не ги исполнуваат законските обврски.
„Овој е закон којшто после една година јавни расправи се донесе со консензус во собранието во јануари 2024 та година и не заслужува ваков третман. Заслужува да функционира и заслужува како што изјавиле од самото Министерство и култура и туризам, се извинувам, пред една година дека со доследна примена ќе се зголеми интересот за студирање на македонски јазик, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, училишта, издавачки куќи и медиуми и се разбира најважно од се функционирање на инспекторатот за македонски јазик“, посочи Костадиновска-Стојчевска.
Љутков: За законот отсуствува системски пристап и политичка волја
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков повтори дека законот е донесен со широк парламентарен консензус на стартот на 2024-та, а функцијата министер ја презел неколку месеци подоцна, во услови кога, како што кажа, не бил воспоставен Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, ниту биле создадени услови за негово оперативно функционирање.
„Недоследната и нефункционална примена на Законот не започнала со оваа Влада. Таа е резултат на долгогодишно отсуство на системски пристап, институционална инерција и недоволна политичка волја. Затоа, денес треба да зборуваме со факти, а не со политички квалификации“, истакна Љутков.
Министерот посочи дека во изминатиот период е формиран Советот за македонски јазик, започната е подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик, исто така лекторските испити се спроведувале континуирано, а за првпат е воспоставен Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, за кој веќе имало вработени инспектори што се обучуваат.
Според Љутков, Владата ги задолжила институциите да обезбедат доследно почитување на законските обврски во однос на ангажирањето лектори, додека податоците што се прибираат ќе бидат основа за креирање на Националната стратегија за македонскиот јазик.
Воедно, рече дека во моментов функционираат 12 лекторати по македонски јазик во 11 земји, а во последните три години се отворени нови лекторати во Тирана, Нитра и Неапол.
„Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што доследно ги исполнува своите обврски“, рече Љутков.
Се уназадува статусот на македонскиот јазик во јавната употреба


