Венко Филипче / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Филипче: Петровска потпаднала под влијание, но никој не ја брка од СДСМ

Претседателот на СДСМ Венко Филипче тврди дека партијата не размислува за исклучување на Славјанка Петровска, но најавува дека за нејзиното учество во платформата ќе расправаат партиските органи. Петровска, пак, порача дека не дејствува против СДСМ, туку за партијата, додека платформата се претставува како обид за поширока дебата и реафирмација на социјалдемократските вредности.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче во разговор за „Слободен печат“ вели дека е изненаден од потегот на пратеничката Славјанка Петровска да стане дел од „Разговори за иднината во 12:05“, но тврди дека во партијата не се размислувало за нејзино исклучување.

Многу сум изненаден од потегот на пратеничката Славјанка Петровска. Не очекував дека без претходен разговор ќе донесе таква одлука и толку лесно ќе потпадне под нечие влијание. Како што обично стојат работите во политиката, исправно е секој раководител, функционер или пратеник прво да разговара со партиските органи, пред да почне да дејствува во други тела – изјави Филипче.

Тој вели дека лично поканил дел од луѓето што сега се дел од платформата да се вклучат во работата на СДСМ, но дека тие категорично ја одбиле понудата.

Што се однесува до платформата, јас лично ги поканив и ширум им ја отворив партиската врата на поголемиот дел од луѓето што се дел од неа, но сите до еден категорично ја одбија понудата. Тоа не ни кажува ништо друго освен дека станува збор за платформа креирана од ВМРО-ДПМНЕ, со цел ситнење, слабеење и делење на опозицијата – рече Филипче.

Според него, секој сам ја крои својата политичка иднина, а за случајот со Петровска во текот на неделава ќе расправаат органите и телата на СДСМ.

Што се однесува до иднината на пратеничката Петровска, во текот на неделава ќе заседаваат органите и телата на СДСМ околу оваа проблематика. Во овој момент можам да кажам само дека никој во партијата не ни помислил на опцијата за исклучување на Петровска од СДСМ. Тоа е класичен спин што беше пуштен во јавноста преку дел од медиумите – изјави Филипче.

Петровска претходно, преку статус на социјалните мрежи, објасни зошто е дел од „Разговори за иднината во 12:05“ и порача дека нејзиното учество не е насочено против СДСМ.

Останав СДСМ. Моето учество во Разговорите за Македонија не е против СДСМ, туку за СДСМ. Затоа што јас сум социјалдемократ и по убедување и по дејствување“, напиша Петровска.

Таа во објавата потсети дека е политички активна 26 години, почнувајќи од Социјалдемократската младина на Македонија, и дека останала во СДСМ и во периоди на изборни победи и во периоди на тешки порази.

Резултат? Непосакуван за СДСМ. Јас? И понатаму во СДСМ, не околу, не во близина, туку во СДСМ“, наведе Петровска.

Пратеничката потсети и дека била дел од важни политички моменти за партијата, меѓу кои протестите пред Владата, настаните од 24 декември 2012 година и 27 април 2017 година, како и повеќе изборни процеси во кои СДСМ настапувала и како власт и како опозиција.

Петровска наведе дека во 2024 година се кандидирала за претседател на СДСМ со програма наречена „Манифест за социјалдемократијата“, но се повлекла, како што тврди, поради „кршење на принципите и на правилата“. Таа додаде дека и потоа ги бранела ставовите на раководството за да не се толкува дека ја опструира партијата.

На конгрес, пред присутните делегати јасно и гласно испратив порака дека мора да се менуваме, инаку ќе исчезнеме“, напиша Петровска.

Таа тврди дека предложила ветинг на пратениците и на раководството на партијата, како и промена на статутот за враќање на моќта на одлучување кај членството, но дека за тие предлози немало одговор.

Од СДСМ претходно реагираа дека е „апсурдно“ во оваа платформа да се појавува Петровска, која, како што наведоа, во 2024 година била носител на листа и министерка во владата на СДСМ.

Тогаш кога рејтингот е полош, за тоа е виновен некој друг, а таа сега ќе прави реформи?“, прашаа од партијата.

Во соопштението СДСМ наведе дека оваа платформа не е за реформи во партијата, туку за слабеење на опозицијата.

Оваа платформа е ЗНАМ 2.0 – проект на Мицкоски за понатамошно слабеење и делење на опозицијата, по примерот на сестринската партија СНС и Вучиќ“, соопшти СДСМ.

Случајот отвори нова внатрешна полемика во СДСМ откако Петровска јавно порача дека дејствува „за СДСМ“, додека раководството на партијата платформата ја оцени како обид за ситнење и слабеење на опозицијата.

Инаку, дваесетина поранешни и еден актуелен функционер на СДСМ минатата недела ја промовираа новата платформа „Разговори за иднината во 12:05“, која ја претставуваат како алтернатива за реафирмација на социјалдемократските вредности.

На собирот присуствуваа повеќе поранешни високи партиски функционери, меѓу кои Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров и Гордан Георгиев, како и пратеничката Славјанка Петровска.

Учесниците порачаа дека не формираат нова партија, туку демократска платформа што треба да придонесе за поширока општествена дебата и промени во опозицискиот простор.

Дел од нив истакнаа дека не се фракција на СДСМ, но дека нивната цел е да извршат притисок за трансформација на партијата однатре.

Според организаторите, Македонија има потреба од нов општествен договор и посилна социјалдемократска алтернатива.

Ивановски: Платформата е за дебата, не за лична пресметка со Филипче

Универзитетскиот професор и поранешен висок функционер на СДСМ, Игор Ивановски, кој го модерираше состанокот „Разговор за иднината“, истакна дека настанот бил организиран поради потребата од суштинска и објективна дебата во прогресивната демократска јавност.

Според Ивановски, причината за платформата е моменталната состојба на политичката сцена, во која, како што вели, постои неоправдано силна влада и опозиција што не успева да ја артикулира сè посилната опозициска атмосфера во земјата.

Тој во телевизиско гостување нагласи дека СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче се „две фундаментално различни работи“, посочувајќи дека иницијативата не треба да се сведува само на односот кон актуелното раководство на партијата.

Ивановски тврди дека луѓето од овој круг во изминатиот период давале сугестии, предлози и мислења со добра намера и без да бараат нешто за возврат, но дека наместо отворен разговор наишле на манипулации и некажување на вистината зад затворени врати.

Во СДСМ ќе се дискутира за тоа што барала Славјанка Петровска на настан на „нова демократска платформа“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот