Во СДСМ ќе се дискутира за тоа што барала Славјанка Петровска на настан на „нова демократска платформа“
Органите и телата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) идната недела ќе дискутираат за учеството на пратеничката од партијата и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска на настанот под името „Разговори за иднината во 12:05“, на кој во средата (1 јули) била промовирана „нова демократска платформа“ со цел подигнување на нивото на општествената дебата во земјава.
Препорачано
Ова денеска го соопшти лидерот на СДСМ, Венко Филипче, прашан од новинарите дали ќе бара одговорност од пратеничката поради нејзиното учество во платформата и дали можеби ја прашал од што е незадоволна во СДСМ, пишува „360 степени“.
Петровска, според информациите, била меѓу членовите на СДСМ од разни генерации, активисти, аналитичари, правници и професори кои биле потписници и учесници на настанот на кој е промовирана иницијативата. Во изминатите месеци, пратеничката повеќе или помалку отворено, во јавноста зазеде критички став за состојбите во партијата, наметнувајќи ја тезата: „ако не се промениме, ќе исчезнеме“.
„Во однос на конкретното прашање, ќе одговорам конкретно – органите на партијата ќе дебатираат во текот на следната недела“,
рече Филипче.
Претходно, одговарајќи на прашањето, претседателот на СДСМ посочил дека платформата претставува уште еден политички проект на Христијан Мицкоски, кој од СДСМ го нарекуваат „ЗНАМ 2.0“, чија единствена цел, како што рекол, е дополнително да се фрагментира опозицијата и да се ослабне СДСМ.
„Јас не би ги коментирал проектите на Христијан Мицкоски. Жал ми е што дел од другарите се откажаа од партијата, од својата идеологија. Тоа е веќе видено. Тоа е претходниот проект ЗНАМ којшто, еве, постепено пропаѓа. Ист е организаторот и ист е финансиерот“, рече Филипче.
На забелешка на новинарите дека станува збор за луѓе, меѓу кои и новинари и аналитичари, кои важат за жестоки критичари на актуелната власт и прашан зошто смета дека премиерот Мицкоски успеал да им влијае на тие луѓе, како и дали сите што не мислат како него и партијата се непријатели, Филипче кажа дека тоа апсолутно не е така и оти е отворен за каква било дебата и дискусија, но во рамките на партијата. Луѓето кои биле на тој настан и седеле на таа маса, рече Филипче единствено нешто што може да направат е да го ослабнат СДСМ.
Шилегов: Како мисли СДСМ да победи на избори, кога 20 години се кара со најистакнатите членови?


