Фото: Instagram/ denizgoktasx

ВИДЕО | Турскиот суд му одреди притвор на стендап-комичарот што ги „навреди“ Ердоган и религијата

На еден од најпопуларните стендап комичари во Турција, Дениз Гокташ, му е одреден притвор од судот во Истанбул откако беше уапсен на главниот аеродром за настап кој е прегледан десет милиони пати на Јутјуб, пренесува Би-би-си.

 

Гокташ е обвинет за „поттикнување омраза и непријателство“ во својот сценски настап, како и за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Преку социјалните мрежи се појави видео како полицијата го носи со лисици.

Тој е најновиот уметник кој е погоден од засилена акција против несогласување во Турција, која ги таргетира и активисти, новинари и други јавни личности.

Во последните недели, пристапот до профилите на социјалните мрежи на бројни ЛГБТ+ организации и активисти е блокиран, додека повеќе од 200 луѓе биле приведени пред самитот на НАТО следната недела во главниот град Анкара.

Комичарот уапсен додека се враќал од одмор

Дениз Гокташ бил уапсен при враќање во Истанбул од одмор, а снимки од тоа како со лисици на рацете зад грб е одведен предизвикаа силни критики од поддржувачите.

По неговото испрашување во обвинителството во судот Чаглајан во Истанбул, судот одобрил барање за негово притворање пред судење поради дел од настапот кој се однесува на Ердоган и Куранот.

Канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул соопшти дека властите добиле 185 жалби за видеото на Гокташ.

Директоратот за верски прашања на Турција го спомнал настапот, без да го именува Гокташ, во својата неделна проповед, која се чита во сите џамии во земјата.

„Користењето на дигиталните платформи и повременото исмејување на нашите свети вредности под изговор на хумор ги оддалечува нашите деца од нашите вредности од ден на ден“, изјави Канцеларијата на главниот муфтија.

Во својата изјава пред обвинителот, Гокташ изјавил дека немал апсолутно никаква намера да навреди некого религиозно.

Тој исто така негирал дека го навредил претседателот, тврдејќи дека настапот го изведувал во различни турски градови речиси три години и дека употребата на зборот „диктатор“ е тема која широко се дискутира во Турција.

Видеото било снимено на 1 јуни во најпознатото отворено место за настапи во Истанбул, а објавено на Јутјуб на 24 јуни.

„Илјадници луѓе го гледале овој настап и ниту еден не поднесе жалба дека бил навреден“, изјави тој.

Замолкнување на медиумите и критичарите

Критичарите сметаат дека приведувањето на Гокташ е дел од поширок образец во Турција насочен кон јавни личности. „Хјуман рајтс воч“ предупреди на „широки ограничувања од главната политичка опозициска партија врз медиумите и слободата на изразување“.

Најголемиот политички ривал на Ердоган, градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, е во затвор повеќе од една година и од минатиот март се суди по бројни обвиненија, вклучително и корупција.

Неговата опозициска Републиканска народна партија (CHP) се соочува со поширока репресија, која партијата ја нарекува „судски удар“ врз турската демократија.

Во мај, суд во Анкара го отстранил целото раководство на CHP, вклучувајќи го претседателот Озгур Озел, и го заменил со ветеранот Кемал Киличдароглу, кој изгуби од Ердоган на последните претседателски избори.

Толпа се собрала во петокот судот Чаглајан во Истанбул во поддршка на притворениот комичар, а внатре во судот се слушале извици „предавник“ при пристигнувањето на Киличдароглу.

Киличдароглу ја критикувал полициската акција и приведувањето со лисици, велејќи дека Гокташ треба да биде ослободен. Но опозициските поддржувачи сметаат дека неговото враќање како лидер на CHP е обид за политичка неутрализација на партијата.

Ердоган со нова сопка за противниците? Турски суд го смени челникот на главната опозициска партија

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот