Тамара Тодевска/Фото: Мартин Трајановски

ИНТЕРВЈУ | Тамара Тодевска: Виновна сум што секогаш сум сто проценти искрена и отворена со луѓето

На денот кога излегува нејзиниот трет сингл „Дива“, поп-ѕвездата додава дека не треба ништо големо да се случи за да биде среќна, а доволно ѝ е да ги гледа среќни децата, партнерот и блиските, и светот околу неа.

„Живееме во многу чувствителен и тежок период. Секојдневно сме опкружени со агресија и навреди“, вели Тамара Тодевска, која со многу љубов го промовира албумот, „Кукла жива“. На денот на излегувањето на нејзиниот трет сингл „Дива“, поп-ѕвездата додава дека не треба ништо големо да се случи за да биде среќна, а доволно ѝ е да ги гледа среќни децата, партнерот и блиските, и светот околу неа. Во искреното интервју што го напиша од заедничкото летување со сестра ѝ Тијана и со нејзиното семејство и со децата, Хана и Дарен, Тамара сподели дека приказните од новиот албум се многу лични, но и многу широки. За грешките што не ѝ ги простија нејзе и на многу други луѓе, за нејзините квалитети и маани и за тоа каква личност е денес, таа искрено зборува за „Слободен печат“.

Фото: Мартин Трајановски

Како се случи целиот проект „Кукла жива“, со чија идеја започна и има ли интересна анегдота поврзана со снимањето на албумот?

– Во средината на ноември, минатата година ми пристигна порака на Ватсап од Коста Петров, која гласеше: „Имам еден интересен текст и мелодија за тебе“. Во тој контекст беше пораката. Му кажав да ми ја прати и оттука почна создавањето на „Кукла жива“, носечката песна од албумот, но и на преостанатите други песни.

Коста ми испрати околу 20 песни, но заедно избравме 10 и почнавме да ги адаптираме, како дел од текстовите така и мелодиите… Бевме мошне вклучени во целиот креативен процес на создавањето на албумот, креирањето на визуелниот дел, начинот на промоција и слично. Овој албум го работиме со Џијан Емин, наш врвен музичар, уметник со кого посакував соработка многу долго. Работниот процес со него не наликува на ниеден што сум го доживеала. Многу е прецизен и посветен, а воедно прима сугестија во секој момент. Не откажувајте се од желбите. Кога нешто силно посакувате, ќе се исполни!

За кого пееш во „Кукла жива“ и која е твојата главна порака со оваа песна и општо, со песните од албумот?

– Песната „Кукла жива“, но генерално и другите песни од албумот, зборуваат за грешките, за успесите и падовите, за важноста да се исправиш, да станеш, да останеш своја, силна и да продолжиш понатаму. Можеби провејува мислењето дека станува збор за „женски песни“, но навистина мислам дека и многу мажи се пронаоѓаат во текстовите… всушност, секој од нас, независно од родот и годините, во даден момент почувствувал неоправдана осуда или агресија од поединец, од група на луѓе, од општеството…

Длабоки и многу сериозни се текстовите и целокупните аранжмани на песните. Но целта ни беше да создадеме проект што ќе има сериозна и трајна музичка, културна, па би рекла и општествена вредност. Подготвени сме и да не доживееме инстант слава, но „Кукла жива“ е проект преку кој не броиме гледања, реакции или споделувања на објавите туку споделени емоции, искрени коментари и впечатоци од луѓе што се пронаоѓаат во стиховите и земаат сила и енергија за понатаму.

Живееме во многу чувствителен и тежок период. Секојдневно сме опкружени со агресија и навреди. Секојдневно гледаме и насилство меѓу младите, меѓу децата… Денес насилството се фотографира, снима, се споделува и се мотивираат други да го прават истото. Јас можам да едуцирам преку музика, текст, изведба… и тоа ќе го правам додека сум жива.

Во дел од стиховите велиш дека грешките ти ги паметат и со твојата болка се хранат. Среќаваш ли уште такви луѓе што ти замеруваат околу грешката со химната или други нешта? Имаш ли сила и потреба да објаснуваш, да се правдаш и да се докажуваш?

– Не само мене туку верувам дека и на многу други луѓе не им ги простуваат грешките. Текстовите од овој визуелен проект се многу лични, но во суштина и многу „широки“ имајќи предвид дека сите сме од крв и месо, сите грешиме, ќе се извиниме и ќе продолжиме напред.

Да, „сол ставаат на рана и секој ти наоѓа мана“, но немам потреба да се правдам и да се објаснувам. Возрасна сум, имам поминато многу, како на личен така и на професионален план. Имам потреба да се докажувам но со реални проекти, со изведба и продукција на квалитетна музика, со настапи на кои мојата публика ужива, се смее, плаче, размислува…

Кој дел од вистинската Тамара не го знаеме и не го гледаме на сцената и на социјалните мрежи, кои се твоите најголеми човечки квалитети и најголеми маани?

– Мислам дека навистина сѐ знаете за мене. И тука, малку сум и јас виновна што секогаш сум 100 проценти искрена и отворена со луѓето. Не мислам дека треба нешто да скријам, но во одредени моменти мислам дека премногу ѝ имам дадено на јавноста „на тацна“, требало да бидам малце посебична и позаштитно да се ориентирам, за да се заштитам себеси и моите блиски.

Ти се враќаат ли во главата моменти од 2019 година, прво од најголемиот успех што ѝ го донесе на Македонија на Евровизија, па од атакот од јавноста два месеца потоа? Како денес гледаш на нив?

– „Кукла жива“ е одговорот на ова прашање. Целиот музички проект. Сум зборувала многу на оваа тема, многу сум научила, многу сум се променила… „Ќе те кренат, па те газат, од секој збор скандал прават…“, пеам во „Кукла жива“ и продолжувам понатаму. Продолжувам да пеам, да создавам, да креирам проект со повеќе од 100 врвни уметници… ова е мојот одговор.

Фото: Мартин Трајановски

Тазе е промовирана е новата песна „Дива“. Која е нејзината приказна? Кои се твоите „диви“ и кралици, од сцената и од личниот живот?

– Мајка ми, сестра ми, Хана, ти, моја драга Мици, другарките мои, моите обожавателки… сите добри луѓе без кои не можам да замислам еден просечен ден и го сочинуваат мојот живот.
„Дива“ е малку подинамична, побрза и летна песна, и верувам дека ќе ѝ се допадне на публиката.

Колку слушаш совети од мајка ти, од татко ти и од Тијана, ти се случува ли често да си речеш дека биле во право, а ти си згрешила или обратно?

– Совети слушам и од домашните, од целата фамилија, но и од моите соработници со кои професионално соработувам. Сум добивала и секојдневно добивам корисни совети и насоки. Дел ги прифаќам, дел не, некогаш грешиме, некогаш сме во право… но, тоа е животот. Лично верувам и во интуиција и знам да се потпрам на истата. За моја среќа, во последниов период некако сѐ си е на свое место. (се смее)

Што научи од Дарен и од Хана и што е она најважното што ти ги учиш нив?

– Ме научија да уживам во едноставните работи, во еден обичен ден, момент… дека не треба нешто големо да се случи за да се чувствуваме среќни. Еве, ова интервју ти го одговарам од плажа, додека тие пливаат пред мене и премногу сум благодарна за овие моменти. Ми донесоа спокој и мир што многу ми требаа. На дневно ниво јас не им делам лекции, но им кажувам дека мора да споделуваат, да се поддржуваат и да бидат свои. По учебник не можеш да ги воспитуваш, но тоа што го гледаат е доволно. Се обидувам да им овозможам многу и сакам да бидат среќни и безгрижни.

Тамара Тодевска со децата Хана и Дарен и со Лука/Фото: Приватна архива

Концертот во Скопје е закажан за 3 октомври, има ли замислено сценарио и ќе ни откриеш ли дел?

– Секако дека има сценарио и се подготвуваме. За некој ден почнувам и со пробите. Генерално сѐ е веќе замислено во мојата глава, но сега доаѓа период на интензивни подготовки, оперативни активности и детали… можам да откријам дека ќе биде вечер за уживање, со многу квалитетни музичари на сцена, танчари, мои соработници низ годините… Ќе се потрудам и јас и целиот мој тим да приредиме една вечер за уживање, вечер на квалитетни музички изведби, аудиовизуелни ефекти, емоции и позитивни вибрации. Емоциите се тие што нѐ прават живи, а на сите ни треба и повеќе енергија и многу повеќе да живееме сега, во овој момент со луѓето околу нас.

ВИДЕО | „Пуштете ја гласно, пејте и бидете свои“: Тамара Тодевска ја објави песната „Дива“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот