АУДИО: Мајката на 14-годишникот крвнички избоден со нож во Ченто, тврди дека полицијата го води случајот како „насилство“ а не како обид за убиство
Мајката на 14-годишното момче кое на 22 јуни крвнички било избодено со нож во Ченто, Џељана Селими, во изјава за „Слободен печат“ го опиша настанот и за нашата редакција изјави дека полицијата го води случајот како да е насилство, а не како обид за убиство, иако напаѓачите имале и калашников со нив.
Препорачано
Обвинителството уште нема примено кривична пријава за настанот од МВР, потврдија оттаму. Од МВР очекуваме одговори дали има осомничени и дали се обезбедени или на слобода. Целиот разговор слушнете го во продолжение:
Селими за „Слободен печат“ раскажа дека еден од напаѓачите кои без никаква причина го нападнал нејзиниот 14-годишен син, имал пушка а другиот нож.
-По сето тоа што го избодеа со нож, го претепаа. Го напуштија местото, се вратија по вторпат да го најдат ножот каде го фрлиле откако го изболе, но не го најдоа. Потоа случаен минувач го пронајде син ми, пријави во полиција и во брза помош по што беше однесен на Ургентен центар, рече таа.
Вчера, според нејзините зборови кога прашала во полиција дали се пронајдени сторителите не добила никакви одговори.
-Прашав како се води случајот. Ми рекоа дека случајот не се води како „обид за убиство“ туку како „насилство“. Велам како е можно ова? Нема логика. Обид за убиство е едно, насилство е друго. Ми рекоа дека тоа не е до нив, не можат ништо да направат, дека треба да фатам адвокат и да видам што понатаму. Обвинителството не ме има повикано. Не сакам да остане случајот вака. Денеска му се случи на моето дете, утре може да му се случи на друго дете, рече таа.


