Моника Зајкова - Фото Слободен печаТ - Методи Здравев
Моника Зајкова/ Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Моника Зајкова: Консензус не се гради со црвени линии

Говорејќи за најавите на Владата дека електронското гласање за дијаспората е една од нејзините црвени линии во преговорите, Зајкова вели дека ЛДП нема ништо против дигитализација на изборниот процес, но само ако таа важи еднакво за сите граѓани – и за оние во државата и за дијаспората.

Наместо приближување на ставовите за измените на Изборниот законик, политичките партии сè повеќе се оддалечуваат од можноста за поширок консензус. Вака претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, го оценува досегашниот тек на разговорите, обвинувајќи дека клучните реформи останале надвор од сериозната дебата, а преговорите биле оптоварени со однапред поставени „црвени линии“.

– Црвените линии ги постави парламентарното мнозинство и со тоа ја затвори дебатата за можен консензус – вели во интервју за „Слободен печат“ Зајкова, нагласувајќи дека ЛДП во рамки на работната група речиси на секој состанок го отворала прашањето за воведување отворени листи, но без успех.

На Македонија, како што рече, ѝ се потребни отворени листи – граѓаните сами да си ги избираат претставниците за да заврши она лидерско султанство, каде сите ќе бидат лојални на лидерот за да се најдат погоре на листата.

– Едноставно не се имаше желба, можеби од страв од губење на моќта – изјави Зајкова.

Таа смета дека токму отворените листи ја претставуваат најзначајната изборна реформа, бидејќи би ја зголемиле одговорноста на избраните функционери кон гласачите, а не само кон партиските раководства.

Осврнувајќи се на најавите на Владата дека електронското гласање за дијаспората е една од нејзините црвени линии во преговорите, Зајкова вели дека ЛДП нема ништо против дигитализација на изборниот процес, но само ако таа важи еднакво за сите граѓани – и за оние во државата и за дијаспората.

Таа потсетува дека во Македонија има населени места во кои избирачките места се укинуваат поради малиот број гласачи, а тие граѓани немаат алтернативен начин да го остварат своето избирачко право. Неумесно е тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека било недозволиво да не им се олесни гласањето на оние кои живеат надвор, а придонесуваат за Македонија, вели Зајкова и прашува: А што е со овие кои живеат во Македонија и придонесуваат за Македонија.

– Ако вашата црвена линија е електронско гласање за дијаспората, а мојата црвена линија се отворените листи, како ќе дојдеме до заеднички консензус? Треба постојано да има дијалог, а не само исцртување црвени линии – вели претседателката на ЛДП.

Според неа, уште еден пропуштен момент е неуспехот да се постигне договор околу моделот со една изборна единица. Иако, како што тврди, во разговорите постоела начелна поддршка за вакво решение, во клучниот момент повторно биле отворени различни предлози.

– Една изборна единица отпадна од масата затоа што секогаш постои некој таен договор. Сите велат дека се за една изборна единица, а кога треба да се постигне консензус се бараат оправдувања и различни барања – за осум или за три изборни единици – вели Зајкова.

Во интервјуто таа ја отвора и можноста за пошироко обединување на опозициските партии. Според неа, разликите меѓу политичките субјекти се нормални и здрави за демократијата, но во услови кога власта е силно консолидирана, неопходно е да се размислува за соработка меѓу партиите што имаат заедничка цел – подобар животен стандард и напредок на државата.

Зајкова изразува и загриженост поради демографските трендови и предупредува дека иселувањето на младите и образованите луѓе може да создаде многу поголеми последици отколку што денес се предвидуваат.

Освен на изборните реформи, таа го насочува вниманието и кон економските теми, оценувајќи дека политичката сцена е заробена во дневни пресметки, додека граѓаните се соочуваат со сè потежок животен стандард.

– Влезени сме во дневно-политички разговори кои не ја фаќаат суштината, а таа е дека џебот на македонскиот граѓанин секој ден станува сè поплиток. Не можеме да продолжиме со олку голем државен апарат кој продуцира трошоци. Треба да го ставиме фокусот на кратење на трошоците и обезбедување повеќе средства за граѓаните, а не на постојани навреди и препукувања – истакнува Зајкова.

Таа оценува дека измените на Изборниот законик нема да ја исполнат својата цел доколку се сведат само на технички усогласувања, без суштински промени што ќе ја направат демократијата поотворена и ќе им дадат поголемо влијание на граѓаните во изборот на нивните претставници.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот