Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Скопје на вода

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски му се заблагодари на Бога што немало жртви и поголеми материјални штети. Срамота е воопшто да се помисли дека по два часа дожд, локално и пороен, треба да се очекуваат жртви. Или градоначалникот е свесен каква ни е инфраструктурата, па ни остана уште Господ да не спасува.

Еден пообилен дожд и градот станува „Скопје на вода“ и тоа без тендери, без странски инвеститори, само благодарение на сите досегашни локални власти кои не се погрижија да ја обноват постојната инфраструктура, да ја одржуваат и да овозможат природна дренажа на почвата наместо бетонизација.

Штом заврне дожд, улиците се поплавуваат, а спуштените подвозници се претвораат во езера. И тогаш ајде, на јуриш, се мобилизираат кризни штабови, сите јавни претпријатија, па се одзатнуваат сливници и шахти за да истече водата.

Ако дувне посилен ветар паѓаат дрвја како крушки низ населбите, затоа што и тие старите и сувите обележани за сечење чекаат со години да дојдат на ред под секирчето на работниците од надлежното претпријатие. При невреме се слева кал од градилиштата и летаат исушените треви и лисја од зелените површини оставени после косењето, оти веројатно многу комплицирана операција е да се собере откосот по косење.

Па после се правеле поплави. Ќе се прават секако!

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера му се заблагодари на Бога што немало жртви и поголеми материјални штети. Срамота е воопшто да се помисли дека по два часа дожд, локално и пороен, треба да се очекуваат жртви. Или градоначалникот е свесен каква ни е инфраструктурата, па ни остана уште Господ да нè спасува. Или пак сакаше да каже дека со брза реакција се спречиле уште поголеми последици од невремето? Поверојатно е ова второто.

Тој посочи и дека во справувањето со невремето биле вклучени околу 1.000 работници на терен. Епа, доколку сите тие навремено си ја завршеле работата веројатно и немаше да има потреба од мобилизација откако заврна. Тоа значи, редовно и постојано да се чистат сливници и шахти, да се контролира состојбата на дрвјата, да се кастрат и сечат старите и исушени и да се засадуваат нови, да се чистат мини депониите за да не лета ѓубрето на сите страни. Тоа треба да се прави континуирано, а не „после свадба тапани“.

Друг проблем, долгогодишен е тоа што пола град нема атмосферска канализација. Реконструкцијата на улиците во Скопје најчесто се сведува на ставање асфалт и нови рабници на тротоарите. Некаде и по некоја бехатонка и пластични столпчиња за велосипедска патека. И после велат направиле темелна реконструкција, а притоа не е изведена атмосферска канализација.

Едноставно инфраструктурата не ја бива и со години само се прават ситни чекорчиња во таа насока. Ама затоа крупни кога се гради. Никнуваат згради една до друга, се забетонира градот без план и програма, само за да се слеваат повеќе пари од комуналии во општинските каси. Оти парковите не носат профит.

Во бетониран град, кој не е целосно покриен со атмосферска канализација каде да истече водата, која земја да ја впие?

Во град во кој водоводната и канализационата мрежа не можат да го следат трендот на прекумерната изградба што може друго да се очекува освен поплавени улици, подземни гаражи, трговски центри, болници?

Со години се поплавува кружниот тек кај „Ист гејт“, спуштените подвозници стануваат езера, дури на последново невреме и полицијата чуваше стража кај поплавениот подвозник на булевар „Србија“ за да не потоне некое возило во насобраната вода. Како е можно и после толку години ниедно градско раководство да не најде начин да се исправат грешките направени при нивната изградба и да не осмисли некоја варијанта за истекување на дождовницата без асистенција на полицијата.

Затоа, една молба до градските и општинските власти – да не се фалат дека навремено, координирано и брзо реагирале за да ги спасат скопјани од невремето. Општините тоа треба да го прават уште при носењето на ДУП-ови и давањето градежни дозволи. Градот мора да реагира уште при планирањето на развојот на Скопје и да вложува во современа инфраструктура.

Наместо кризни штабови за секој порој, потребна е малку поголема желба да се сменат нештата на подобро, да се работи, да се одржува.

Оти, како што искоментира еден граѓанин на социјалните мрежи: Од еден дожд дојдовме да се плашиме да не се удавиме, фала богу што немало жртви! Господ напомош да ни е, што ќе беше да имавме море и цунами?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот