Марко Маринкович - Слаткар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Марко Маринкович - Слаткар - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Слаткаристика: Редно е да излезат мои слатки на пазарот

Со парче торта, симболично, како добри домаќини, се потрудивме да го пречекаме популарниот пејач Марко Маринковиќ – Слаткар во студиото. Низ пријатен разговор тој се потсети дека колега од естрадата му го дал ова име, што од почетокот многу му се допаднало. За јавноста е познато дека Слаткар како мал многу јадел благо, па оттаму и му прилега ова уметничко име. Во ексклузивно интревју за „Слободен печат“ низ смеа вели дека редно време е да извади свој бренд со слатки.

– И денес да треба да одлучам, повторно би го ставил уметничкото име Слаткаристика. Како да ми е судено ова име, а не знам зошто. Ми го даде Деко од Клан и уште тогаш ми звучеше фино, како некоја дисциплина, наука. Иако морам да признаам дека за странците е многу тешко за изговор. Јас дознав дека сум најпопуларниот слаткар во цела Европа, така викаат, што е многу шокантно со оглед на тоа што не сум слаткар по професија, но се прашувам зошто досега не си направив свој бренд на слатки, но никогаш не е доцна, тоа ми е во план – вели во свој стил Маринковиќ, без да сфатиме на крај дали е навистина сериозен со оваа изјава.

Којзнае, можеби наскоро ќе јадеме Слатки од слаткар!

Во врска со јавните напади што се водат против него, Маринковиќ се присетува дека тоа го почувствувал уште на почетоците од својата кариера.

– Јас уште кога го објавив првиот албум и паметам кога го најавив првиот концерт на Охридско лето во 2009 година, уште тогаш се соочив со хајка, сакаа да ми го откажат концертот, имаше и петиција за тоа. Јас сум навикнат на тоа да не им се допаѓам на некои луѓе, но тоа е сосема нормално, бидејќи за мене уметноста не треба да се води според тоа како треба. Ние артистите коишто сакаме преку нашите дела да направиме некаква општесвена критика, не смееме да бидеме од свила, мора да бидеме цврсти – вели тој.

Марко Маринкович - Слаткар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Марко Маринковиќ – Слаткар – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Се потрудивме да дознаеме малку повеќе за филмот што се прави за него, а предизвика голема фама во јавноста откако беше обелоденето дека ќе биде финансиран преку Агенцијата за филм. По бројните негативни коментари и јавен линч, Слаткар се откажа од овие пари.

– Филмот е веќе снимен до пола, се снима на повеќе локации и уште сега изгледа навистина многу добро. Имаме навистина фасцинантна тема, кога ќе слушнат луѓето за што снимаме се во шок, имаме светска тема. Знаете, деца кои го изгубиле ритамот на говорот подоцна се соочуваат со сериозни предизвици во животот, често се жртва на булинг, потоа не можат да си најдат партнер, тешко наоѓаат работа, не можат да си најдат пријатели… Овој предизвик е голем товар и за родителите, ним светот им е срушен. Јас лично долго време мислев дека пелтечењето е мој проблем, мана, но по филмот ќе го докажеме спротивното. Како што созреваме сфаќаме дека сите сме различни, ти имаш такви очи, тој таков нос, јас можеби не сум можел да зборувам, условно речено, но затоа пак пишувам добро. Ова е инспиративна и охрабрувачка приказна, да не звучам нескромно, тоа не го кажувам јас, туку луѓето околу – рече тој.

Слаткар во ова интервју зборува и за тоа дали повторно би направил песна со политичка конотација, за тоа како неговиот син Моша се однесува во врска со популарноста на тато, како и за тоа што мисли за примената на вештачката интелигенција во уметноста, но ни открива и како ќе изгледа бината на стадионот „Билјанини извори“ на Илинден во Охрид кога ќе се случи за првпат голем концерт на македонски артист.

Погледнете го целото интервју на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

Марко Маринкович - Слаткар - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Марко Маринковиќ – Слаткар – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот