Опасната риба зајак напаѓа во Грција и на Јадран — грчкиот Црвен крст советува што да направите ако ве касне
Сè почестата појава на рибата зајак во Средоземното Море предизвика тревога кај капачите. Овој инвазивен и исклучително отровен вид е сè почест во Грција, каде што во последните години се регистрирани неколку напади врз пливачи во плитките води, но сè почесто се појавува и во Јадранското Море. Највисоки концентрации на овој вид се забележани околу Крит, во регионот на Атина и на одредени острови во Егејското и Јонското Море. Исто така, регистриран е и во Северна Грција, вклучувајќи ја и областа во близина на Солун.
Препорачано
Рибата зајак има исклучително силни вилици слични на клунот на папагалот. Нејзиното каснување може да предизвика сериозни повреди: длабоки рани, обилно крвавење, па дури и делумна ампутација на прстите. Самото каснување не го пренесува нејзиниот смртоносен отров, но раните се склони кон опасни инфекции со морски бактерии.
Важно е да се нагласи дека отровот не се пренесува со каснување на начин на кој змијата го вбризгува својот отров. Сепак, каснувањето на оваа риба може да биде многу сериозно. Има силни вилици во облик на клун и остри заби, што може да предизвика длабоки рани, тешко крвавење и оштетување на ткивото. Токму затоа грчкиот Црвен крст издаде упатства за прва помош во случај на каснување.
Ако ја видите во плитките води, најдобро е веднаш да се оддалечите и да ги предупредите луѓето во близина, особено децата. Рибата не треба да се фаќа, допира, турка со стап, фотографира од блиску или да се вади од морето со голи раце. Доколку ја најдете на брегот, ниту тогаш не треба да ја допирате, бидејќи опасноста не завршува само затоа што рибата повеќе не е во водата.
Потребна е особена претпазливост со децата, бидејќи тие може да бидат привлечени од необичниот изглед на рибата. Родителите треба да им објаснат на децата дека непознатите морски животни не треба да се допираат, дури ниту кога изгледаат мирно или „интересно“. Истото важи и за кучињата, на кои не треба да им се дозволува да душкаат или гризат риби пронајдени на брегот.
Ако се случи напад, клучно е да не паничите и веднаш да реагирате.
Прва помош на лице место
Излезете од водата што е можно побрзо: Намалете го ризикот од дополнителни повреди или давење поради шок.
Измијте ја раната: Обилно измијте ја со чиста, слатка вода и сапун.
Запрете го крвавењето: Цврсто притиснете ја раната со чиста крпа или газа и држете го притисокот непрекинато 5-10 минути.
Кренете го повредениот екстремитет: Држете ја раката или ногата над нивото на срцето за да го намалите отекувањето и крвавењето.
Дезинфицирајте ја раната: Ако имате при рака, нанесете антисептик.
Одете на лекар: Дури и ако раната изгледа безопасна, неопходна е медицинска помош. Лекарот ќе процени дали е потребно шиење на раната, тетанус, антибиотици против специфични морски бактерии или рендген.
Во потешки случаи (обилно крвавење кое не запира, голема рана, слабост, вртоглавица или губење на дел од прстот) треба да се јавите во итна помош или на бројот 112.
Превенција
Никогаш не ја допирајте: Дури и ако рибата е насукана, мртва или изгледа „питомо“, нејзините вилици сепак можат рефлексно да се затворат и да нанесат повреда.
Забрането е да ја јадете: Рибата зајак во внатрешните органи и кожата содржи тетродотоксин, еден од најсмртоносните отрови во светот. Отровот не се уништува со термичка обработка. Консумирањето може да биде фатално.
Што ја привлекува? Најголем број напади се случуваат во лето во плитката вода. Оваа риба ја привлекуваат светкави предмети, шарена опрема за капење, како и интензивни лакови на ноктите на нозете и рацете.
Како да се заштитите? Не приближувајте се до непознати видови риби и носете гумени чевли за вода како претпазливост кога престојувате во плитките води.
Да потсетиме, во грчкото летувалиште Пефкохори пред два дена беше забележан инцидент кога риба зајак (lagocephalus) каснала жена во плиткото, по што ѝ била укажана помош во локалниот здравствен центар, примила серум против тетанус и антибиотска терапија, а раната ѝ била исчистена и санирана.
Крвава сцена на плажа во Грција, риба зајак каснала жена за ногата
ВИДЕО | Илјадници медузи го преплавија морето на популарна плажа во Грција


