Риба Lagokefalos - зајачка усна/Фото: Wikipedia

Крвава сцена на плажа во Грција, риба зајак каснала жена за ногата

Непријатна сцена се случила на плажа во Пефкохори, на Халкидики, кога жена била касната од риба зајак, позната и како лагокефалос, во моментот додека влегувала во морето, пренесе Вориа.

Жената за грчката телевизија АНТ1 раскажала дека била на плажа со пријатели и дека веќе била во вода до колена кога одеднаш почувствувала силна болка во ногата. Според нејзиното сведоштво, веднаш сфатила дека нешто ја гризе и не ја пушта.

Кога погледнала надолу, видела голема риба. Таа изјавила дека претходно знаела како изгледа лагокефалосот, па веднаш се исплашила и почнала да ја тресе ногата за да се ослободи. Потоа излегла од морето во паника и почнала да плаче.

Нејзините пријатели забележале дека нешто не е во ред и веднаш излегле од водата заедно со неа.

Жената вели дека имала среќа што рибата ја каснала кај глуждот, односно на место каде што коската спречила забите да навлезат подлабоко во ткивото. И покрај тоа, како што посочила, на ногата ѝ останала голема и видлива рана.

Присутните на плажата ѝ укажале прва помош и успеале да го запрат крвавењето. Потоа жената била однесена во локален здравствен центар, каде што примила серум против тетанус и антибиотска терапија, а раната ѝ била исчистена и санирана.

Таа тврди дека нема дилема оти станува збор токму за лагокефалос, бидејќи јасно ја видела рибата и, како што вели, невозможно било да ја помеша со друг вид.

Грчкиот Црвен крст претходно предупреди на зголемено присуство на рибата зајак во грчките води. Лагокефалосот, познат и како риба пуфер, се смета за еден од најинвазивните видови во Средоземното Море. Има силни вилици и остри заби, кои можат да предизвикаат сериозни повреди.

Експертите сметаат дека сè почестото присуство на оваа риба во Егејското и Јадранското Море е поврзано со промените во температурата на морето.

Колку е опасна рибата што се појави во Грција и во Јадранот?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот