Иран му порача на Макрон да седи мирен
Иран остро реагираше на најавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција и Оман ќе работат на отстранување на мините од Ормускиот Теснец, пренесе ЕнерџиНау.
Препорачано
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, синоќа изјави дека, според Меморандумот за разбирање од Исламабад меѓу Техеран и Вашингтон, единствено Иран има обврска да ги отстрани мините од овој важен морски премин.
„Ситуацијата е чувствителна и комплексна“, порача Гарибабади, додавајќи дека Франција не треба дополнително да ја усложнува состојбата со, како што рече, провокации, јавија британските медиуми.
Неговата реакција следува откако Макрон вчера изјави дека Франција и Оман соработуваат за намалување на тензиите на Блискиот Исток и дека, заедно со своите партнери, ќе работат на отстранување на мините од Ормускиот Теснец.
Францускиот претседател и султанот на Оман, Хаитам бин Тарек, по разговорите во Париз повикаа на слободна пловидба „без услови или ограничувања“ низ Ормускиот Теснец. Во заедничкото соопштение, пренесено од француските медиуми, се наведува дека двајцата лидери се согласиле да спроведат заеднички операции за деминирање.
Во соопштението се додава дека Макрон и султанот ја нагласиле важноста од повторното отворање на Ормускиот Теснец и ја потврдиле посветеноста на слободната пловидба, вклучувајќи го и правото на транзитен премин во согласност со поморското право.
„Знаете ли кој носи очила за сонце во затворено?“ – Макрон предизвика шеговити коментари


