ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Пендароски, годинашниот галички зет: Се плашев од одговорот дали Мартина ќе сака да биде галичка невеста
Александар Пендароски (34) и Мартина Михајлова (30) годинава ќе прават Галичка свадба. Од 10 до 12 јули Галичник по 63-ти пат ќе ги собере љубителите на оваа традиција како и многубројните странски туристи, оти тапаните и зурлите од Галичка свадба се слушаат надалеку.
Препорачано
Годинава се предвидени и новитети во рамките на програмата.
– Среќни сме што од година во година интересирањето кај младите да бидат галички зет и невеста се зголемува, воедно и бројката на посетители расте. Во последните години забележуваме и многу млади меѓу посетителите. Поради тоа се потрудивме годинава да вметнеме и модерна нота, во рамките на забавната програма како новитет на 10 јули ќе ги имаме „Дупер“, но вечерта ќе продолжи со препознатливите зурли и тапани – вели Огнен Караѓозоовски, претседател на месната заедница „Галичник“.
Во минатото, вистинската верзија на Галичката свадба траела и по една недела, но како што велат организаторите, за потребите на модерното време тие целокупната церемонија се обидуваат да ја задржат прикажувајќи ја во еден викенд. Годинава најавуваат мала промена.
– Се обидуваме секоја година да ги запазиме сите обичаи што ја сочинуваат Галичката свадба како манифестација, но и да направиме некоја мала промена. Ќе воведеме два нови обичаи, кои нашите предци ги правеле пред почетокот на церемонијата. Станува збор за замесување на сваќата и китење на ситото, како многу интересни, а публиката ќе има можност да ги види за првпат – вели Караѓозоовски.

Преку ексклузивно интервју за „Слободен печат“ што го направивме на официјалната прес-конференција за „Галичка свадба 2026“ се запознаваме со галичкиот зет и невеста. Пендароски е координатор во оперативниот сектор на Меѓународниот аеродром во Скопје, а неговата идна сопруга Мартина е докторка, специјализант по кардиологија.
Тие се запознале пред две години, а како што вели Пендароски, кој е по потекло од Галичник, од почетокот знаел дека таа е вистинската.
Пендароски открива дека од дете имал желба да биде галички зет.
– Моите родители во 1991 година ја направиле првата модерна Галичка свадба. Слушајќи го тоа низ годините, уште од дете посакував и јас да станам галички зет. Среќен сум што желбата ми се исполнува. Моите родители беа пресреќни кога им соопштив дека ќе се пријавам на конкурсот – вели тој.
Мартина и Александар се запознале пред две години на роденденска забава. Тоа било љубов на прв поглед.
Михајлова досега немала поврзаност со Галичник, минатата година за првпат била на Галичка свадба.
– Лани за првпат присуствував на Галичка свадба и навистина се воодушевив. Друго е кога гледаш на телевизија, друго е во живо. Среќна сум што годинава нам ни припадна улогата за оваа долгогодишна македонска традиција. Моите родители многу се израдуваа кога им кажав – вели таа.
Галичкиот зет, пак, низ смеа вели дека лани не случајно ја однел на Галичка свадба.
– Искрено ми беше страв каков одговор ќе добијам од Мартина и дали ќе прифати да биде галичка невеста. Реално ова не е едноставно и покрај убавината си има и одговорности. Сакав да го прифати и да го сака тоа, сакав и таа да ја почувствува магијата на Галичка свадба. Ние сме подготвени, ги знаеме обичаите, знаеме што нè чека и со душа чекаме да чукнат тапаните – рече тој.
Женската носија што ја носи Мартина е истата носија во која се венчала прабабата на Александар, стара е близу 100 години. И машката носија е дел од семејната колекција.
Да се ќердосат!


