Димитар Апасиев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Изборниот законик пред нова пречка – Левица најави блокада

Левица нема да даде зелено светло за измените на Изборниот законик доколку, како што тврди партијата, во текстот останат одредби што ја ставаат во нерамноправна положба. Ова денеска на прес-конференција го порача претседателот на партијата, Димитар Апасиев, кој рече дека за предложените измени не бил постигнат консензус.

Според Апасиев, по работните состаноци останале незатворени пет клучни прашања: условите за независните кандидати по одлуката на Уставниот суд, електронското гласање за дијаспората, државното финансирање на изборните кампањи, билбордите, како и предлогот за една изборна единица.

Тој нагласи дека Левица од почетокот барала да не се оди со делумни измени, туку со целосно нов Изборен законик. Постојниот текст, според него, е тежок за следење и за правниците, поради што партијата смета дека потребно е темелно ново законско решение, а не поправки на сегашниот модел.

Апасиев истакна дека учеството на Левица во работната група не значи дека партијата се согласила со предложените решенија. Тој додаде дека Министерството за правда, како предлагач на измените, треба да ја преземе одговорноста за текстот што се подготвува.

Во делот за државното финансирање на изборните кампањи, Апасиев рече дека ставот на Левица бил јасен: или еднакви правила за сите политички субјекти, или целосно укинување на државното финансирање и организирање јавни дебати наместо тоа.

Милошоски: Левица не сака да го потпише предлогот за измени на Изборниот законик, иако добар дел од нејзините предлози се прифатени

Тој оцени дека со сегашните решенија повторно се задржува модел што, според него, бил спорен и во оценките на ОБСЕ. Апасиев тврди дека средства има за сите, освен за Левица, што го нарече политичка дискриминација.

Левица, како што најави тој, ќе побара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 76-д од Изборниот законик. Според Апасиев, токму оваа одредба ја исклучува партијата од системот на државно финансирање. Тој го повика Уставниот суд да постапи по иницијативата за која рече дека повеќе од една година стои без одлука.

Апасиев предупреди дека, доколку не се покаже разумност и процесот продолжи во оваа форма, пратениците на Левица уште денеска ќе го блокираат донесувањето на Изборниот законик.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека официјалниот предлог-закон сè уште не е доставен до пратениците. Сепак, според информациите со кои располага Левица, се очекува тој во текот на денот да влезе во собраниска процедура, поради роковите поврзани со реформската агенда.

Апасиев додаде дека Левица, кога имала двајца пратеници, добивала повеќе средства отколку сега, кога има шест пратеници, оценувајќи дека таквата состојба нема разумна логика.

Наместо нов Изборен законик, повторно „козметички“ измени, ако опозицијата не го блокира

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот