Македонија е членка на НАТО, лоцирана во чувствителен регион и затоа мора да продолжат инвестициите на Балканот, вели Гаши
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати на Самитот на НАТО во Турција, каде нагласи дека во денешниот свет, обележан со неизвесност, дезинформации и геополитички турбуленции, улогата на парламентите е поважна од кога било. Воедно, Гаши потенцираше дека Самитот мора да испрати силна политичка порака – НАТО е обединет, трансатлантската врска останува силна, а членот 5 и понатаму е темелот на нашата колективна безбедност.
Препорачано
„Светот брзо се менува. Затоа НАТО мора да остане не само силен, туку и агилен и подготвен за брза реакција, со стратешка визија и процеси на спроведување кои ќе одговараат на темпото и сложеноста на заканите со кои се соочуваме“, истакна претседателот Гаши.
Тој додаде дека Македонија е сојузничка членка на НАТО, лоцирана во стратешки чувствителен регион и затоа, како што кажа, е од суштинско значење да продолжат инвестициите во Западен Балкан преку понатамошно проширување, продлабочување на партнерствата и зајакнување на иницијативите за безбедносна соработка.
Гаши нагласи дека дека земјата продолжува да ја поддржува Украина, но додаде дека и случувањата на Блискиот Исток имаат значајни последици врз меѓународниот мир и безбедност, енергетските пазари и хуманитарните услови и, оттука, затоа мора да продолжат дипломатските напори за деескалација и промовирање на дијалогот.
Свое обраќање имаше и заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, која оцени дека безбедносните закани и инциденти кои изминатиов период беа успешно превенирани се доказ дека НАТО е силен и ја брани сопствената територија. Затоа, додаде таа, мора да се осигураме дека НАТО одбраната ќе остане силна.
Таа изрази очекување на Самитот на НАТО во Анкара, Турција, сите сојузници да дојдат со реални планови за исполнување на обврската за пет проценти од БДП да бидат инвестирани во одбраната.
Руте го претстави „НАТО 3.0“ и ја нарече Русија „најдиректна закана“ за Алијансата


