Подна фонтана/ Фото: Фејсбук на Орце Ѓорѓиевски

Подната фонтана се поправа, за неколку дена повторно ќе прска, тврди Ѓорѓиевски

Конечно, после неколку години започна да се поправа подната фонтана на плоштадот „Македонија“. Како што објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во моментов се изведуваат градежни работи и за неколку дена таа треба да биде пуштена во функција.

Ова повеќе нема да биде простор по кој ќе минуваат автомобили и тешки товарни возила. Ова нема да биде запуштено место оставено на забот на времето. Ова повторно ќе биде место за прошетка, за фотографија, за убавина, за гордост. Место што ќе го разубавува плоштадот и ќе го претставува Скопје онака како што заслужува – достоинствено, модерно и препознатливо – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Подна фонтана / Фото: Фејсбук на Орце Ѓорѓиевски

Подната фонтана на градскиот плоштад во Скопје не само што не работи со години, туку од неа беа останати само плочки, па и тие се расклатени. Механизмот на фонтаната е расипан и оставен така откако во неа на неколку наврати пропаѓаа камиончиња, по што, за да се сочува откако веќе немаше што да се чува, околу неа се поставија бетонски топки и жардиниери со зеленило. На плочките што ја покриваат фонтаната и од кои прскаше вода и беше осветлена во најразлични бои, беа извадени светлата, па на повеќето од нив зјаеа само дупки.

По четири години „суша“, подната фонтана повторно ќе прска – кога, не се знае!

Изградбата на фонтаната, која како и другите фонтани на плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“, беше дел од проектот „Скопје 2014“, чинеше 2,5 милиони евра. Беше пуштена во употреба во 2015 година и претставуваше атракција за децата,

Во 2017 година во неа пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на Вардар по освоената титула на Европското првенство. Две-три години подоцна во неа пропадна возило на „Комунална хигиена“ чистејќи го плоштадот Македонија и оттогаш фонтаната не работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот