Зграда Маџир маало/ Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Граѓаните немоќни пред инвеститорот – две и пол години чекаат технички прием и вселување во нова зграда во Маџир Маало

Дел од граѓаните што купиле станови во зградата на улица „Преспанска“, поднеле тужби против инвеститорот „Декон-ком“, кој не го почитува рокот за завршување на зградата предвиден во преддоговорите. Оттогаш, инвеститорот одбива секаква средба со идните станари.

Повеќемина од сопствениците на станови во новата зграда на улица „Преспанска“ во Маџир Маало поднеле тужби против инвеститорот „Декон-ком“ за побарување отштета, затоа што, како што тврдат, веќе две и пол години по предвидениот рок во преддоговорите не им е овозможено да се вселат во своите нови домови.

На зградата сѐ уште не е направен технички прием, затоа што, како што објаснуваат, многу од работите не се завршени – потстаницата не е доправена, лифтот не е пуштен во употреба, нема вентилација во подземните гаражи, низ зградата висат кабли, а пред зградата е неуредено.

Притоа, како што гледаме, ништо не се ни работи ниту се прават напори да се завршат овие работи, а во меѓувреме тој веќе гради и продава станови на други локации. Затоа по многу ветувања дека ќе се завршат работите, по многу одложувања на рокот за вселување, немавме друг излез освен да тужиме. Тужбите ги поднесовме поединечно, не групно, затоа што некои од идните станари не се од Скопје и вселувањето не им е приоритет – вели за „Слободен печат“ еден од станарите, кој веќе поднел тужба.

Оттогаш запрела секаква комуникација со инвеститорот. Како што тврдат, инвеститорот одбил медијација, а секакво барање за средба го одбивал упатувајќи ги да си го побараат и да го прашаат адвокатот.

Сопственици на станови со протест бараат да се вселат во зграда во Маџир Маало: Чекаме инвеститорот да се „смилува“, само ветува и не исполнува

Во јануари купувачите на станови во објектот на улица „Преспанска“ одржаа неколку протести затоа што и покрај постојаните ветувања од инвеститорот, сѐ уште не можат да се вселат во своите нови домови.

Нивното незадоволство кулминирало, како што објаснија, затоа што и по повеќекратно одложување на рокот за вселување, инвеститорот не го испочитувал ниту последниот најавен термин на 31 декември.

 Уште од  крајот на 2023 година, кога според преддоговорите требаше да биде завршена зградата, постојано слушаме – не сега, во октомври, не сега, во декември. Времето си минува, а ништо не се менува. Зградата сè уште не е поврзана со парно, освен што се ставени во становите радијатори без вентили, нема ограда на влезните скали, гаражата е недовршена и во неа протекува вода. Па барем да го исчистат ѓубрето. За да се направи технички прием, треба сето ова да се заврши, што не се работи подолго време – изјавија тогаш граѓаните.

Но, ниту протестите не помогнаа за луѓето конечно да се вселат во становите како што налага законот – со извршен технички прием, со примопредавање на опремата и со имотни листови.

Во меѓувреме во зградата веќе се вселени два стана, чии сопственици повеќе не можеле да го издржат финансискиот притисок на кој биле изложени, од една страна отплата на кредит за становите, а од друга кирии за живеалиштата додека чекаат да се заврши зградата.

За проблемот на станарите од новата зграда во Маџир Маало, „Слободен печат“ пишуваше уште минатото лето. Тогаш од „Декон-ком“ изјавија дека на објектот се изведуваат завршни работи од подизведувачи, кои требаше да бидат завршени во најкус можен рок.

Купувачите на станови во зграда во Маџир Маало ќе го тужат инвеститорот, обвинуваат дека со лажни потписи струјомерите се пренесени на нивно име

Сопственикот на фирмата Дејан Велевски лани тврдеше дека е направен прием на сите инсталации, освен на парното, дека е направен прв технички прием на лифтот и дека останува да се направи технички прием за машинската инсталација откако ќе завршат работите на потстаницата на парното. Потоа, требаше да следува и целосен технички прием на зградата и вселување на станарите.

Шест месеци подоцна од фирмата инвеститор за „Слободен печат“ изјавија дека во тек е поставувањето на потстаницата за парно, која веќе била набавена.

Имаше промена по барање на ЕСМ на проектот за греење. Се направи нов проект за греење што ЕСМ го одобри, се издаде нова енергетска согласност и се набави потстаница, која во моментот се монтира. Откога ќе биде монтирана, ќе се направи технички прием комплетен – изјавија од „Декон-ком“.

Но и тогаш, под притисок на незадоволните сопственици на становите и изложени на протести, оттаму не можеа да посочат реален и конкретен рок до кога сите работи би се завршиле и кога ќе следува вселувањето.

Сега, пак, на прашањата до „Декон-кон“ зошто сè уште не е извршен технички прием на зградата, зошто толку долго се одолжуваат работите и дали се соочуваат со некакви проблеми – оттаму молк. Нема одговор ниту зошто одбиваат средба со купувачите на становите, на која би можеле отворено да им објаснат што се случува и што да очекуваат поврзано со новата зграда.

Во изминатиот период многу граѓани во Скопје имаат вакви или слични проблеми со инвеститорите кај кои уплатиле нов стан. Речиси редовно се „пробиваат“ роковите за завршување на зградите договорени со купувачите, некаде станарите од „немајкаде“ и поради задолженоста со кредити се принудени да се вселат во зграда и без извршен технички прием. Речиси сите реагираат и бараат помош од институциите, но никој не им излегува во пресрет.

Купувачите на станови се препуштени сами на себе и на добрата волја и совеста на инвеститорите додека општините и инспекторите се однесуваат како ваквите проблеми воопшто да не ги засегаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот