Фото: Сопственици на станови во зграда во Маџир Маало

Сопственици на станови со протест бараат да се вселат во зграда во Маџир Маало: Чекаме инвеститорот да се „смилува“, само ветува и не исполнува

Во новоизградената зграда на улица Преспанска сопствениците на станови очекуваат да се довршат незавршените работи, конечно да се направи технички прием и да се вселат во своите станови. Инвеститорот тврди дека треба да се заврши уште монтажата на потстаницата за парно греење.

Купувачите на станови во зграда на улица Преспанска одржаа неколку протести затоа што и покрај постојаните ветувања од инвеститорот „Декон-ком“, и по речиси две години од предвидениот рок, сѐ уште не можат да се вселат во своите нови домови.

Тие викендов по третпат протестираа барајќи конечно да се завршат работите во новата зграда и да се изврши технички прием.

Фото: Сопственици на станови во зграда во Маџир Маало

Нивното незадоволство кулминирало, како што велат, затоа што и по повеќекратно одложување на рокот за вселување, инвеститорот не го испочитувал ниту последниот најавен термин на 31 декември.

Уште од  2024-та, кога според преддоговорите требаше да биде завршена зградата, постојано слушаме – не сега, во октомври, не сега во декември. Времето си минува, а ништо не се менува. Зградата сè уште не е поврзана со парно, освен што се ставени во становите радијатори без вентили, нема ограда на влезните скали, гаражата е недовршена и во неа протекува вода. Па барем да го исчистат ѓубрето. За да се направи технички прием, треба сето ова да се заврши, што не се работи подолго време – велат станари за „Слободен печат“.

Фото: Сопственици на станови во зграда во Маџир Маало

Тие тврдат дека со месеци во зградата не виделе мајстори, затоа што според нив, биле ангажирани на изградба на нова зграда во централното подрачје, каде „Декон-ком“ е изведувач.

Граѓани се жалат дека цела година чекаат вселување во нова зграда во Маџир Маало, инвеститорот вели – може да се вселат кога сакаат

Како што велат, пријавиле во сите институции, и на градежен и на комунален инспектор и во Дирекцијата за заштита и спасување, но никој не дошол да види во што е проблемот. Во отсуство на реакција на институциите, тие побарале и правна помош од каде што им било посочено дека обврска е на инспекторатите да постапат по пријава.

Буквално веќе не знаеме каде да се обратиме. Никој не се грижи за купувачите на станови, па инвеститорите прават што сакаат. Затоа почнавме со протести, можеби ќе ги поттикнеме да ги завршат незавршените работи во зградата – велат тие.

Купувачите на станови во зграда во Маџир Маало ќе го тужат инвеститорот, обвинуваат дека со лажни потписи струјомерите се пренесени на нивно име

За проблемот на станарите од новата зграда во Маџир Маало, „Слободен печат“ пишуваше уште летоска. Тогаш од „Декон-ком“ изјавија дека на објектот се изведуваат завршни работи од подизведувачи, кои очекуваа да бидат завршени во најкус можен рок.

Фото: Сопственици на станови во зграда во Маџир Маало

Сопственикот на фирмата Дејан Велевски уште пред шест месеци тврдеше дека е направен прием на сите инсталации, освен на парното, дека е направен прв технички прием на лифтот, се чека уште технички за машинската инсталација откако ќе завршат работите на потстаницата на парното. Потоа, откако сите фази ќе бидат готови, како што рече, ќе се направи завршниот технички прием, по што набрзо ќе следува и примопредавањето на становите и вселувањето.

Сега од фирмата инвеститор велат дека во тек е поставувањето на потстаницата за парно.

Да, потстаницата е набавена и се монтира во моментов. Имаше промена по барање на ЕСМ на проектот за греење. Се направи нов проект за греење кое ЕСМ го одобри, се издаде нова енергетска согласност и се набави потстаница, која во моментот се монтира. Откога ќе биде монтирана, ќе се направи технички прием комплетен. Инаку, дел од фазите имаа веќе направен технички прием – велат од „Декон-ком“.

Но, на прашањето дали можат да посочат реален рок до кога сите овие работи би се завршиле, по што може да се изврши технички прием и вселување на станарите – одговор нема.

Во изминатиот период многу граѓани во Скопје имаат вакви или слични проблеми со инвеститорите кај кои уплатиле многу пари за нов стан. Речиси редовно се „пробиваат“ роковите за завршување на зградите договорени со купувачите, некаде станарите од „немај каде“ и поради задолженоста со кредити се принудени да се вселат во зграда и без извршен технички прием. Речиси сите реагираат и бараат помош од инспекциите и од општините, но никој не им излегува во пресрет.

Купувачите на станови се препуштени сами на себе и на добрата волја и совеста на инвеститорите дали ќе го почитуваат или не зацртаното во преддоговорите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот