„Бог да чува“, „мизерија“ — дискусии „на ниво“ во Судскиот совет
Коалицијата „Сите за правично судење“ во полугодишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2026 година ја анализира примената на новиот Закон за Судски совет и релевантните европски препораки. Како проблеми се нотираат одлучувањето на јавните седници, нецелосното реферирање на претставки, непроверливото гласање, долготрајните постапки, недоволно образложените одлуки и рестриктивниот однос кон стручната и граѓанската јавност.
„Бог да чува“, „мизерија“, „прекинете, не сме на пазар“. Вакви зборови се слушаат на седниците на Судскиот совет, а најжестокот беше на една, на последната, откако се расипа електронскиот систем за гласање.
Препорачано
Членката на Советот, Сузана Јошевска-Анастасовска, побара јавно, со кревање рака, да се гласа и да се види кој бил „за“, а кој „против“ по претставката што ја реферираше членот Садула Изаири. Станувало збор за претставка поднесена од бранител на лице повредено во сообраќајна несреќа, кое завршило во инвалидска количка.
Виновникот за несреќата не заминал во затвор бидејќи избегал, иако бил осуден на затворска казна. По враќањето во земјата, двапати барал повторување на постапката, но предметот застарел.
Изаири предложи претставката да биде отфрлена како неоснована, но членовите Антоанета Димовска и Сузана Јошевска-Анастасовска предложија таа да биде дополнително доработена. Ова може да се види од седницата што била емитувана во живо на страницата на Јутјуб на Судскиот совет.
Откако предлогот не беше усвоен, а гласањето беше спроведено со нефункционален дисплеј, Јошевска-Анастасовска побара да се утврди како гласал секој член. Но, не беше спроведено повторно гласање, ниту Изаири го повтори предлогот. Наместо тоа, тој решил да го повлече предлогот и посочил дека има право на тоа.
„Што ви е битно кој како гласал?“, „Што ви е проблемот, има технички проблеми“, ѝ се обраќа претседателот Александар Камбовски на Јошевска-Анастасовска, која инсистирала гласањето да биде спроведено со кревање рака.
„Не сме на пазар, прекинете со јавување без да ви дадам збор“, вели Камбовски.
Токму ваквиот начин на комуникација и водење на седниците е еден од проблемите нотирани во најновиот извештај на Коалицијата „Сите за правично судење“ за работата на Судскиот совет, кој дава преглед на транспарентноста, законитоста и квалитетот на одлучувањето на ова тело од клучно значење за независноста на судството.
Во извештајот се наведува дека, и покрај објавениот резултат од електронското гласање, не било овозможено јавно да се види како гласал секој член.
„И покрај тоа, претставката најпрво беше ставена на гласање преку електронскиот систем, при што шест членови гласаа претставката да се врати на доработка, а пет членови гласаа таа да се одбие како неоснована. По објавувањето на резултатот, членката на Советот Сузана Јошевска-Анастасовска побара јавно да се каже како гласал секој член поединечно. Наместо веднаш да се пристапи кон гласање со кревање рака, што е предвидено во согласност со Деловникот за работа на Судскиот совет, претседателот се спротивстави на барањето, по што комуникацијата меѓу претседателот и членката доби несоодветен и конфронтирачки тон“, се наведува во извештајот.
Според Коалицијата, по паузата, наместо Советот повторно транспарентно да гласа, претседателот му сугерирал на известителот Изаири да ја повлече претставката.
„На тој начин, претставката беше тргната од одлучување, иако резултатот од првичното гласање веќе беше објавен и констатиран“, стои во извештајот.
Камбовски не ги коментираше критиките и наводите за водењето на седниците.
Несоодветен тон и конфронтации
Коалицијата „Сите за правично судење“ во полугодишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2026 година ја анализира примената на новиот Закон за Судски совет и релевантните европски препораки. Мониторингот покажува дека новата законска рамка сè уште не довела до суштинска промена во практиката. Како проблеми се нотираат одлучувањето на јавните седници, нецелосното реферирање на претставки, непроверливото гласање, долготрајните постапки, недоволно образложените одлуки и рестриктивниот однос кон стручната и граѓанската јавност.
Особено внимание е посветено на начинот на водење на седниците и комуникацијата меѓу претседателот и членовите на Советот, проблем кој, според Коалицијата, бил забележан и во претходни извештаи.
„Во колективен орган, претседателот има обврска не само формално да дава и одзема збор, туку и да создава услови во кои секој член може слободно да поставува прашања, да бара дополнителни објаснувања и да изрази несогласување без ризик неговиот став да биде омаловажен или претставен како опструкција на работата“, се наведува во извештајот.
Според оценката, несоодветниот тон и личните квалификации, особено на седници што се пренесуваат во живо, создаваат впечаток на недостиг на институционална зрелост кај орган што треба да ја гарантира независноста на судството.
„Не станува збор само за прашање на јавен настап, бидејќи конфронтирачката комуникација може да ја ограничи суштинската расправа, да го обесхрабри поставувањето прашања и изнесувањето спротивставени ставови од членовите, како и да ја намали можноста за јавна проверка на фактите врз кои Советот одлучува“, се посочува во извештајот.
Спорна постапката за избор на кандидат за Уставниот суд
Коалицијата критикува и дека дел од клучните прашања се усогласуваат на затворени колегиуми и работни состаноци, наместо преку јавна расправа на седници.
„Иако колегиумите и работните состаноци се дозволени за организација на работата, подготовка на дневниот ред и техничка координација, тие не можат да бидат замена за седниците на кои Советот законски треба да расправа и одлучува“, се наведува во извештајот.
Проблемот, според анализата, настанува кога на овие состаноци се донесуваат заклучоци што суштински го определуваат начинот на постапување или го ограничуваат предметот на расправа на јавната седница.
„Кога клучните ставови и аргументи се усогласуваат зад затворени врати, а на јавните седници остануваат само формалното образложување и гласањето, се намалува значењето на јавната расправа и транспарентноста на одлучувањето“, се посочува во извештајот.
Во извештајот се укажува и на незаконитости во постапката за предлагање кандидат за судија на Уставниот суд.
Според наодите, Судскиот совет со интерен заклучок донесен на работен состанок, го ограничил обемот на проверката што требало да ја направи Комисијата за предлагање кандидат.
На седницата одржана на 11 март 2026 година, од извештајот на Комисијата произлегло дека таа проверувала само дали пријавите биле навремени и целосни, но не и дали кандидатите ги исполнуваат условите предвидени со огласот и законот.
Според анализата, ваквиот пристап е спротивен на член 30 став 8 од Деловникот на Судскиот совет, според кој Комисијата има обврска да изготви извештај и за исполнетоста на условите кај сите кандидати.
Во постапката за избор на судија на Уставниот суд, за местото на судијката Елизабета Дуковска, која повторно се пријавила, Судскиот совет за кандидат ја избра претседателката на Апелациониот суд Скопје, Мери Дика Георгиевска. Сепак, изборот сè уште не е завршен, бидејќи гласањето во Собранието е заглавено.
Одлуки без доволно образложение и бавни избори на судии
Извештајот укажува и на продолжување на проблемот со квалитетот на образложувањето на одлуките за избор и неизбор на судии. И покрај препораките на Европската Унија, одлуките често остануваат кратки и општи, без јасно објаснување зошто одреден кандидат добил предност пред другите.
Од образложенијата, според анализата, често не може да се утврди кои критериуми биле одлучувачки, каква тежина им била дадена и како биле споредувани кандидатите.
Проблем е забележан и кај ефикасноста на постапките. Некои избори траеле подолго од една година, меѓу кои изборот на претседател на Основниот кривичен суд Скопје, изборот на шест судии во Апелациониот суд Штип и изборот на тројца судии во Вишиот управен суд.
Ваквите доцнења, пишува во извештајот, создаваат неизвесност за судовите, кандидатите и јавноста, а влијаат и врз организацијата на работата во судскиот систем. Судскиот совет, според организацијата, со рестриктивно толкување на Законот ја одбил можноста Коалицијата „Сите за правично судење“ да присуствува како стручна јавност во постапки за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови.
Според анализата, ваквата одлука е проблематична бидејќи присуството на стручната јавност е воведено за да обезбеди баланс меѓу доверливоста на постапките и потребата од независен надворешен увид.
Заклучокот на Коалицијата е дека, и покрај новите законски гаранции, Судскиот совет сè уште треба да покаже дека воспоставил поефикасен, потранспарентен и поодговорен начин на работа.


