Сè уште не се знае на кој начин ќе се исплаќаат штети за разурнатите гробови
Поради фактот што штетите се предизвикани од елементарна непогода, односно виша сила, од Градот посочија дека оваа ситуација и за нив е нова и им укажаа на семејствата на починатите чии гробови претрпеле штети да ги достават барањата за штета до АД Бутел, кои подоцна ќе ги достават до Град Скопје за да се одреди начинот на исплата.
Неколку денови по силното невреме што на 21 јули го зафати Скопје и околните градови, надлежните служби сѐ уште ги бројат и ги евалуираат штетите од елементарната непогода. Низ скопските општини одлетаа десетици покриви, беа оштетени стотици возила и се откорнаа повеќе стотина дрвја, но, за жал, орканскиот ветер силно удри по можеби најсензибилната локација во Скопје – гробиштата „Бутел“, кои се најголеми во градот и во државата, каде што според управителот АД „Бутел“, ветрот откорнал околу 80 дрвја.
Препорачано
Граѓани во изминативе денови објавија фотографии и видеа на кои ретко кој може да остане рамнодушен. Огромни дрвја и нивните откорнати корени од земјата видно оштетија голем број почивалишта, кои се значително разрушени и оштетени, а стебла паѓаа и по уличките низ гробиштата, правејќи ги непристапни за најблиските на починатите.
На прашањето од „Слободен печат“ во однос на тоа колкава е штетата на гробиштата, од АД „Бутел“ ни одговорија дека во овој момент се евидентираат сите случаи каде што паднатите дрва сериозно оштетиле нечиј гроб, а во изминативе денови, како што велат од акционерското друштво, веќе се расчистени улиците и се приспособени за сообраќај, додека пак во тек е отстранување на сите паднати гранки и стебла од преостанатата површина.
– Во тек е евидентирање на секој случај поединечно и во тек е отстранување на последиците предизвикани од силното невреме со сечење на паднатите дрвја и отстранување на гранките. Проодни се улиците на гробиштата. Во тек е отстранување на паднатите дрва и гранки и тој процес е во тек, поради големата површина на гробиштата Бутел – велат од АД „Бутел“.
Оттаму додадоа дека исто така во моментов се контактираат и се известуваат семејствата на починатите чии гробови се оштетени од невремето напоменувајќи дека секој случај се води и се евидентира поединечно, еден по еден.
Од „АД Бутел“ соопштија дека според првичните информации, на територија на гробиштата паднале околу 80 дрвја, стебла и гранки, додека, пак, во Алејата на великаните паднало само едно дрво, но по сечење на стеблото било утврдено дека падот не направил штета на ниту едно од почивалиштата во овој дел.
Можеби најнеконкретен одговор добивме на прашањето кој ќе ги покрие штетите од оштетените и разрушени гробови, кои во најголем дел беа откорнати од подземја нагоре, заедно со корените од дрвјата.
Прашани дали тие ќе ги покријат трошоците, или пак штетата ќе ја плаќаат семејствата, оттаму за „Слободен печат“ одговорија дека поради тоа што штетите се последица од виша сила и силно невреме, надоместот на штетата ќе се води, како што велат, во согласност со законските прописи за обесштетување.
– Првичната информација е дека се паднати околу 80 дрвја, делови од стебла и гранки поради виша сила и силно невреме, па прашањето за надоместок на штета е поврзано токму со овој основ за штета од виша сила и невреме според позитивните законски прописи – одговорија од АД „Бутел“.
Од Град Скопје на оваа тема за „Слободен печат“ брифираат дека со самата ппетгодишна концесија која што ја има АД Бутел, кои стопанисуваат со гробиштата, во која како обврска го имаат и одржувањето на зеленилото, обврската за штетите најверојатно би требало да ја има акционерското друштво.
-„АД Бутел“ има важечка концесија за петгодишно стопанисување на гробиштата. Со самото давање на концесијата и склучувањето на договорот со Градот и АД Бутел се регулирана правата и обврските помеѓу АД Бутел како извршител на услугите и Град Скопје. Во самите акти кои се потпишани меѓу компанијата и Градот јасно е дефинирано кој е надлежен и одговорен за просторот и во истите се предвидува дека одржувањето на зелените површини, меѓу другото, е во надлежност на АД Бутел за што како ставка добиваат средства од Градот преку фактура. Оттаму произлегува и обврската за редовно одржување на зеленилото како и за причинитетите материјални штети кои што се направени од ураганот- велат од Град Скопје за „Слободен печат“.
Поради фактот што штетите се предизвикани од елементарна непогода, односно виша сила, од Градот посочија дека оваа ситуација и за нив е нова поради фактот дека досега се нема случено невреме од волкави размери, и им укажаа на семејствата на починатите чии гробови претрпеле штети да ги достават барањата за штета до АД Бутел.
Потоа, тие барања ќе бидат испратени до Град Скопје за да се одреди причината и да се процени големината на штетата, по што ќе се одреди начинот на обесштетување, односно тогаш ќе се одлучи кој ќе ја има обврската да ги исплати средствата за санирање на штетите.


