Граѓаните велат доцнат парите за боледувања и породилно, од Фондот велат дека плаќаат по ред
Во бруто-платата на секој вработен е влезен и придонесот за осигурување во случај на невработеност. Тој е 1,2 проценти, или за бруто-плата од 74.482 денари колку што е просекот во мај, платени се 894 денари.
Мајки што се на породилно отсуство се жалат дека им доцнат исплатите на пари за породилно отсуство, а поплаки има и од тие што биле на боледување, Сепак, од Фондот за здравствено осигурување тврдат дека „не станува збор за прекин на исплатите, туку за континуиран процес на обработка и исплата на предметите во согласност со законски утврдената постапка и динамиката на нивното комплетирање“.
Препорачано
Според една наша читателка, парите за боледувањето во мај сè уште не ги земала.
– Тие што сме на боледување, сигурно имаме некој здравствен проблем, па кај што сме болни сме и без пари. По лекари постојано нешто се плаќа, постојано се даваат некои пари по аптеки. Место да бидеме релаксирани, ние мора да размислуваме како да скрпиме крај со крај. Не знам што е потешко, операцијата што ја поминав или целата процедура околу боледувањето – од бркање извештаи од лекарски конзилиум, преку одобрување на боледувањата од лекарската комисијата, па сè до макотрпното чекање на парите што треба да ги добиеме од Фондот за здравство место платата – вели една скопјанка.
Истовремено, стигнуваат и поплаки за парите за породилно отсуство. Се јавивме кај еден татко, кој рече дека сопругата трет месец чекала пари.
– Ние немаме други извори на приходи освен нашите заработки. Јас работам, но со мало бебе и со ова скапотија, не може да се преживее со мојата плата. Место да се радуваме за бебето, ние сме загрижени за тоа како да му обезбедиме сè што е потребно – вели таткото.
Од Фондот за здравство во изјава за „Слободен печат“ тврдат дека „континуирано се спроведува постапката за обработка и исплата на надоместоците на плата по основ на породилно отсуство, согласно законските прописи и по редоследот на комплетирање на предметите“.
– Секое барање што пристигнува во Фондот, најнапред поминува низ редовна административна и стручна обработка, контрола и верификација, по што се одобрува за исплата. Исплатата се реализира континуирано, според динамиката на завршување на овие законски предвидени постапки – велат од Фондот за здравство.
Оттаму посочуваат дека иста е постапката и кога станува збор за боледувањата.
Од Фондот ги добивме и податоците за исплата на породилни отсуства.
– Само во текот на мај 2026 година, Фондот по основ на надоместок на плата за породилно отсуство исплати вкупно 308.007.565 денари, што претставува значителен обем на средства наменети за остварување на ова право на осигурените лица. Дополнително, во периодот од 1 јули до денес, по основ на надоместок на плата за породилно отсуство се исплатени 111.530.788 денари, при што најголемиот дел од овие исплати се однесуваат на надоместоци за јуни. Исплатата продолжува и понатаму, а според досегашната динамика, очекуваме до крајот на месецот вкупниот износ на исплатени средства да се приближи до износот исплатен во текот на месец мај – изјавија од Фондот.
Оттаму велат дека имајќи предвид дека предметите пристигнуваат континуирано и се обработуваат по редослед на нивното комплетирање, бројот на корисници што во даден момент се во постапка на обработка и исплата е променлива категорија и секојдневно се менува.
– Фондот останува целосно посветен на навремено и ефикасно постапување по сите барања, а исплатите се реализираат континуирано, веднаш по завршување на законски пропишаните процедури – тврдат од Фондот во изјавата за „Слободен печат“.
Според Законот за здравствено осигурување, осигуреното лице има право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда, како и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, под услов ако се работи за осигурено лице кое има засновано постојан работен однос. Осигурениците можат да остварат право на надоместок на плата ако здравственото осигурување по основ на работен однос траело непрекинато најмалку шест месеци пред настапување на случајот, поради кое се стекнува правото. Придонесот за задолжително здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена.
Надоместокот на плата за првите 30 дена спреченост за работа го утврдува и го исплатува работодавачот од своите средства, а потоа е на товар на средствата на задолжителното здравствено осигурување и го утврдува и го исплатува Фондот за здравствено осигурување. Овие пари не се подарок од државата. Во бруто-платата на секој вработен е влезен и придонесот за осигурување во случај на невработеност. Тој е 1,2 проценти, или за бруто-плата од 74.482 денари колку што е просекот во мај, платени се 894 денари.


