Реконструираната улица „Томе Арсовски“ / Фото: Приватна архива

Општината тврди дека е поставена атмосферска канализација на „Томе Арсовски“ во Црниче, жителите со сомнежи за изведбата

Граѓаните што живеат на оваа улица се сомневаат дали воопшто е поставена атмосферска канализација, затоа што, како што велат, по секој дожд улицата се прелива, односно водата повторно нема каде да оди.

Огромни дупки, протекувања, бучава и градежни активности се проблемите со кои уште од јануари се соочуваат жителите на улицата „Томе Арсовски“ во Црниче, каде што Општина Кисела Вода со средства од унгарскиот кредит започна проект за реконструкција на коловозот и поставување на атмосферска канализација. Но, граѓаните посочуваат дека освен овие предвидени активности, овој проект ќе предвиди и пробивање на улицата и нејзино спојување со „447“, која води кон црквата „Света Петка“, а изразија и одредени сомнежи во однос на изведувањето на канализацијата за отпадни води.

Реконструкција на „Томе Арсовски“ / Фото: Приватна архива

Постојано се излева вода на улицата

Имено, иако Општината кон крајот на јануари започна со поставување атмосферска канализација, жителите велат дека работата се оддолжила и коловозот со месеци останал раскопан и тешко пристапен за возила. Граѓаните што живеат на оваа улица се сомневаат дали воопшто е поставена атмосферска канализација, затоа што, како што велат, по секој дожд улицата се прелива, односно водата повторно нема каде да оди.

– Тие тврдат дека поставиле атмосферска канализација, но водата повторно нема каде да оди и по секој дожд се излева. Или не ја направиле како што треба, или пак воопшто не е поставена. Нејсе, како и да е, веќе фирмата што раскопуваше не работи и сега започнаа со пополнување и асфалтирање на коловозот – вели жителка за „Слободен печат“.

Општината, пак, уверува дека е успешно завршена реализацијата на проектот и дека во оваа последна фаза се врши асфалтирање на „Томе Арсовски“, по што се очекува конечно, по речиси половина година да завршат градежните активности.

Дополнително, жителите утринава испратија видео до редакцијата на „Слободен печат“ на кое може да се види како се излева вода по реконструираната и асфалтирана улица, на која Општината тврди дека е успешно поставена атмосферска канализација.

Општината демантира дека ќе се пробива слепиот крај од улицата

Жителите ја поздравија одлуката за асфалтирање на улицата, кое го чекале долго време, но покрај времетраењето на овој зафат и секојдневните проблеми и тешкотии со кои тие секојдневно се соочуваат додека трае реконструкцијата, според нив голем проблем е и одлуката на Општината за пробивањето на слепиот крај од улицата.

– Станува збор за одлука која целосно и неповратно ќе го промени карактерот на улицата и секојдневниот живот на сите семејства што живеат тука – велат тие.

Според нив, Општината за оваа промена не дала ниту едно официјално известување, ниту пак се консултирала со семејствата што живеат на оваа улица, туку неофицијално дознале за намерата да биде пробиена слепата уличка.

– И покрај сериозноста на ваквата промена, жителите досега не добиле официјално известување, не биле повикани на средба, не била организирана јавна презентација или расправа, ниту, пак, било побарано нивното мислење. За намерата улицата да биде пробиена, дознаваме денеска неофицијално, во момент кога градежните активности веќе се во тек. Сметаме дека е недозволиво одлука со која суштински се менува сообраќајниот режим и начинот на живот на едно цело маало, да се носи без никаква комуникација со граѓаните што директно ќе ги почувствуваат последиците – велат жителите.

Местото каде според ДУП е предвидено да се пробие улицата „Томе Арсовски“ / Фото: Мапс

Тие сметаат дека „Томе Арсовски“ со години била тивка и мирна улица, исполнета со деца што секојдневно играат и се дружат, а со евентуалното пробивање и отворање за сообраќај, жителите велат дека ќе го изгубат мирот.

– Со пробивањето на улицата, таа од мирна локална улица ќе се претвори во сообраќајна врска меѓу два дела од населбата. Тоа може да доведе до значително зголемен број возила, поголема бучава, загадување, побрзо возење, дополнителен сообраќаен метеж и зголемен ризик за пешаците, особено за децата и повозрасните жители. Со други зборови, не се работи само за физичко пробивање на неколку метри улица. Станува збор за целосно нарушување на мирот, редот и безбедноста во едно маало кое со децении функционирало како мирна станбена средина – посочуваат тие.

За ова тврдење, „Слободен печат“ побара објаснување од Општина Кисела Вода во однос на тоа дали е вистина дека улицата ќе се пробива и ќе се поврзе со „447“, со што ќе се зголеми нивото на сообраќај, како и до каде е поставувањето на атмосферска канализација. Од локалната самоуправа демантираа дека се работи за „какво било пробивање“ и ги отфрлија овие тврдења.

– Сакаме да ве известиме и да демантираме дека на посочената локација се врши пробивање улица. Имено, оваа улица е пробиена и постои уште од минатиот век, поточно од периодот по скопскиот земјотрес, а она што во моментов се реализира во населбата Бирарија е проект за нејзина целосна реконструкција и рехабилитација. Оваа тековна фаза на асфалтирање следува откако претходно на истата локација успешно заврши поставувањето нова атмосферска канализација. Исто така, се работи и на санација на фекалната канализациска мрежа – велат од локалната самоуправа.

Од Општината соопштија дека освен асфалтирање и поставување атмосферска и фекална канализација, овој проект не опфаќа дополнителни активности, односно нема да има пробивање или проширување на улицата, но посочија дека според важечкиот ДУП, на овој слеп крај од улицата е предвидено токму проширувањето за кое јавно се огласија жителите на „Томе Арсовски“.

– За да не се создаваат дополнителни забуни во јавноста, потенцираме дека овие активности не опфаќаат ниту проширување на улицата. Иако, според важечкиот Детален урбанистички план од 2012 година, како и според претходниот ДУП од 2003 година, на овој потег е предвидено проширување кон црквата „Света Петка“, овој проект не го опфаќа тоа и се работи исклучиво за обнова во постојните димензии – објаснуваат од Општината.

Ништо не се менува, Општината тврди дека целиот проект бил јавно познат

Жителите во своето обраќање го потенцираа и стравот од укинување на паркинг-местата што ги користат станарите од зградата, како и преостанатите соседи. На ова, од Општината потврдија дека нема потреба од страв бидејќи сообраќајниот режим нема да се менува и нема да се губат паркинг-места.

– Што се однесува до паркирањето, нејасен е стравот кај граѓаните што ви пишале бидејќи режимот на улицата останува целосно непроменет. Како и досега, така и по завршувањето на реконструкцијата, паркирањето на самиот коловоз нема да биде дозволено во согласност со сообраќајните прописи, додека пристапот до приватните паркинг-места што жителите ги поседуваат, ќе остане непречен и целосно достапен – велат од Општина Кисела Вода.

Реконструираната улица „Томе Арсовски“ / Фото: Приватна архива

Од локалната самоуправа ги отфрлија и тврдењата на жителите дека без нивно знаење и без јавна дискусија била донесена одлука за реконструкција на улицата.

– На крајот, сакаме да ги демантираме наводите дека одлуките се носат без знаење на јавноста или зад затворени врати. За тоа дека улицата „Томе Арсовски“ ќе се реконструира е јавно познато подолг временски период, бидејќи станува збор за еден од капиталните инфраструктурни проекти што се финансирани од Владата, преку втората фаза од унгарскиот кредит – се вели во одговорот од Општината.

Од локалната самоуправа заклучија дека проектот не е никаква тајна и неговото спроведување било објавено во, како што велат, речиси сите релевантни медиуми, при што се согласија со жителите на „Томе Арсовски“ дека реконструкцијата и поставувањето канализација на улицата е проект кој е за поздравување.

Жителите во своето јавно обраќање неколкупати ја поздравија одлуката за реконструкција на улицата и потенцираа дека нивното незадоволство не претставува отпор кон подобрувањето на инфраструктурата. Сепак, тие предупредија дека инфраструктурните зафати не смеат да се спроведуваат нетранспарентно, без јасно образложение и без да бидат слушнати луѓето чии домови и секојдневие директно се засегнати.

На 16 јуни годинава неколку медиуми ја пренесоа информацијата дека започнува реконструкција на улицата „Томе Арсовски“. Тогаш од Општината соопштија дека зафатот ќе биде покриен со пари од унгарскиот кредит и предвидува целосна реконструкција на улицата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот