Ако патувате во Грција, внимавајте — невреме со силен ветер и грмежи се приближува кон Халкидики и Солун
Грчката национална метеоролошка служба издаде вонредно известување со црвено предупредување за опасни временски појави, кои се очекува да ја зафатат земјата од 24 до 25 јули. По неколкудневниот бран на екстремно високи температури, метеоролозите најавуваат поројни дождови проследени со грмежи, силен ветер, а во одделни делови од земјата можно е да има и појава на град, пишува „Катимерини“.
Препорачано
Според прогнозите, во петок, 24 јули, нестабилното време ќе го зафати и северниот дел на Грција, вклучувајќи ги Халкидики и Солун, каде што се очекуваат обилни врнежи и силни налети на ветер.
Поради најавеното невреме, грчките власти ставија во состојба на највисока подготвеност 11 региони, а Министерството за цивилна заштита го активираше националниот механизам за справување со вонредни ситуации. По издавањето на вонредното предупредување од Грчката национална метеоролошка служба, во погодените области е прогласен „црвен код“, што подразбира мобилизација на персоналот, механизацијата и сите расположливи ресурси за навремена реакција при евентуални поплави, оштетувања од силниот ветер и други опасности.
Според Комитетот за проценка на ризици, најсилните временски непогоди во петок се очекуваат на островите Споради, во централниот и северниот дел на Евбеја, како и во крајбрежните области на Лариса и Магнезија. Невреме се прогнозира и за областа Атика, вклучувајќи ја Атина, како и за делови од Централна Македонија во Грција и Средна Грција.
Меѓу регионите што се под највисоко ниво на готовност се Солун, Халкидики, Пиерија, Иматија, Лариса, Магнезија, островите Споради, Евбеја, Тасос, Самотраки и Лемнос.
Според прогнозите, во текот на сабота невремето постепено ќе ослабува во поголемиот дел од копнениот дел на Грција, но на одделни места во Егејското Море и понатаму се очекуваат локално силни врнежи и грмежи.
Надлежните институции ги повикуваат граѓаните и туристите редовно да ги следат официјалните временски прогнози и да постапуваат согласно препораките.
Доколку забележите приближување на невреме, веднаш напуштете ја плажата и излезете од морето. Се препорачува да се избегнува патување со возило за време на најсилните врнежи, како и внимателно да се следат известувањата и упатствата од надлежните служби.
Невремето нема истовремено да ја зафати цела Грција, но сите што престојуваат или патуваат кон северниот дел на земјата треба да бидат особено внимателни и навремено да ја проверуваат временската прогноза и евентуалните предупредувања.


