Фото: Profimedia

Америка повторно го нападна Иран, Техеран тврди дека има и загинати

Додека ЦЕНТКОМ соопшти дека цели на нападите биле ирански воени командни центри и складишта за дронови, од Иран стигнуваат тврдења дека загинати се четири луѓе, а петмина се повредени.

Соединетите Американски Држави ја нападнаа територијата на Иран од воздух 13-та ноќ по ред, а иранската страна соопшти за експлозии во повеќе градови, меѓу кои Хорамабад, Џаск, Ахваз и Бандар Абас. Според Иран, во американски ракетен напад во близина на Ахваз загинаа четири луѓе, а петмина се повредени, пренесува Ал Џазира.

Дополнителни воздушни напади врз Хорамабад и пристанишниот град Бандар Абас предизвикале по двајца повредени на секоја од локациите, според иранските медиуми.

Експлозии и активирање на противвоздушната одбрана беа пријавени и над главниот град Техеран, особено во источните делови на градот.

Централната команда на Соединетите Американски Држави (ЦЕНТКОМ) соопшти дека цели на нападите биле ирански воени командни центри, складишта за дронови, комуникациски мрежи и крајбрежни позиции.

Односно, како што рекоа, целта била „да се смета Иран за одговорен и да се намалат заканите на Исламската револуционерна гарда за комерцијалната бродоградба“.

Сирени се огласија во Јордан и во Кувајт

​​​​​​Одделно, иранските медиуми објавија дека сирени за воздушен напад биле активирани во главниот град на Јордан, Аман.

Агенцијата „Тесним“, исто така, се повика на првичните извештаи во кои се тврди дека ракетен напад бил насочен кон воздухопловната база Мувафак ал-Салти во Јордан.

Во меѓувреме, државната новинска агенција ИРНА, повикувајќи се на ирачката телевизиска мрежа Ал-Ахд, објави дека силни експлозии се слушнале во неколку области на Кувајт, при што експлозиите наводно се слушнале дури и во Јужен Ирак поради нивниот интензитет.

„Саберин њуз“, ирачки медиум поврзан со милиции поддржани од Иран, исто така, тврдеше дека експлозии имало во близина на американските воени бази во Кувајт по тринаесеттата последователна ноќ на американски напади врз Иран.

Иран: САД од очај вршат воени злосторства, но дипломатијата сè уште не е исклучена

Висок ирански дипломатски претставник за Ал Џазира изјави дека САД се „во безизлезна ситуација“ и дека „од очај вршат воени злосторства со напади врз критичната инфраструктура на Иран“.

Тој потврди дека Иран не ја затворил вратата за дипломатијата и дека преку посредници сè уште се разменуваат пораки меѓу двете страни.

Според високиот дипломатски извор, и покрај тоа што Иран покажал добра волја, изгледите за дипломатско решение се нарушени поради, како што наведе, присилниот пристап на американската администрација и продолжените акти на агресија.

Според изворот на Ал Џазира, Иран ги разгледува сите можни опции.

„Причината за сегашната ситуација е тоа што САД се откажаа од обврските преземени со Меморандумот за разбирање од 17 јуни“, изјави тој.

САД размислува за „проширена воена операција“

Американскиот претседател Доналд Трамп ги разгледува опциите за значително поширока воена операција, имајќи предвид дека нападите врз Иран траат веќе 13 ноќи по ред.

Главното прашање е дали ќе продолжат нападите со сегашниот интензитет или САД се подготвуваат за дополнителна ескалација.

Познато е дека во регионот се распоредени дополнителни американска војска и оружје. Претставник на Белата куќа изјавил дека разговорите со Иран продолжуваат, но истовремено нагласил дека претседателот ги има на располагање сите можни опции.

Според истиот извор, Вашингтон разгледува можност за ескалација со цел да го принуди Техеран на преговарачко решение.

Американските медиуми јавуваат дека претседателот е блиску до одлука за можен масовен напад и дека воените подготовки се веќе во тек. Во својата изјава во четвртокот, тој навести дека е можно наскоро да следи нов развој на настаните, оценувајќи дека Иран сè уште не е подготвен за договор, „но наскоро би можел да биде“.

ОН го осудија новиот бран напади меѓу САД и Иран

Експертите на ОН го осудија продолжувањето на непријателствата меѓу САД и Иран, предупредувајќи дека новите борби ги загрозуваат цивилите, регионалната стабилност и напорите за ставање крај на конфликтот само неколку недели по потпишувањето на Меморандумот за разбирање од 14 точки.

Во соопштението експертите истакнаа дека напуштањето на обврските според договорот „ги нарушува изгледите за мир, им штети на човековите права на жртвите од војната и ја поткопува заемната доверба во договорите што е неопходна за трајно ставање крај на конфликтот“.

Тие нагласија дека воените напади во текот на ноќта и контранападите меѓу 12 и 13 јули претставуваат сериозна ескалација, со пријавени последици во неколку земји од регионот. Исто така, изразија загриженост поради нападите врз комерцијалните бродови во Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека нарушувањето на пловидбата и трговскиот транзит ги загрозува цивилните поморци и влијае врз светската трговија.

„Цивилите низ целиот регион не смее да ја плаќаат цената на овој конфликт“, изјавија експертите, повикувајќи ги сите страни да ги почитуваат меѓународните човекови права и хуманитарното право, вклучително и принципите на раздвојување, пропорционалност и претпазливост.

Дванаесетта ноќ американски удари врз Иран: Хутите погодија брод на саудиска компанија, САД ја гаѓаа иранската одбрана

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот