Сомнителни се седум натпревари на Мундијалот, ФИФА вели дека немало нерегуларности
Мрежата „Копенхаген групата“, која функционира под покровителство на Советот на Европа и се занимава со следење на интегритетот во спортот, регистрирала седум случаи со индиции за можно сомнително обложување за време на Светското првенство.
Препорачано
Во извештајот се наведува дека биле анализирани сите 104 натпревари на турнирот, а во седум случаи било активирано таканаречено „жолто предупредување“. Оваа ознака не значи дека е утврдено местење натпревар, туку дека се забележани одредени сигнали кои оправдуваат дополнителна проверка и анализа.
Системот на „Копенхагенската група“ предвидува четири нивоа на проценка. Зелената боја означува дека нема сомнежи, жолтата укажува на почетни индикации што бараат понатамошна истрага, портокаловата се издава кога постојат конкретни докази за сомнителни активности, а црвената претставува највисок степен на тревога кога има силни индиции за манипулација. За време на Мундијалот не биле издадени ниту портокалови, ниту црвени предупредувања.
Од друга страна, ФИФА останува на ставот дека турнирот поминал без нерегуларности поврзани со обложувањето. Светската куќа на фудбалот соопшти дека нејзината Работна група за интегритет, по анализата на сите достапни информации собрани во текот на шампионатот, не открила сомнителни обложувачки активности ниту, пак, докази што би укажувале на местење на кој било натпревар.


